ЛЕПЛИВИ ПРСТИ КАЈ ПРОФЕСОРКИ, ДОКТОРКИ И ПЕНЗИОНЕРИ

Во големите маркети постојано се крадат артикли

Vooruzan do pojasМастики за џвакање, чоколади, кондоми, тегли со ајвар, кашкавал, сиренце, козметика, жестоки пијалаци и многу други продукти може да се најдат во џебовите, под пазувите, во торбите и пантолоните на муштериите на кои им “фаќа” раката по маркетите. Кражбата на производите кои сакаат да ги изнесат потрошувачите од колонијалните продавници без да се платат не е новина, тренд, туку појава која е присутна особено во големите маркети кои имаат големи рафтови преполни со разни артикли. Секој производ има цена, но кои се прилепчаните што сакаат да ја заобиколат касата, противправно да прибават материјална корист и задоволат своја потреба? Од која социјална категорија се арамиите по маркетите, и кои се најчестите производи кои им запнуваат за око на муштериите на кои им се лепат прстите се прашањата на интерес за неделникот “Зенит”. Екипата од весникот се прошета низ маркетот на Тинекс, Кам, Тобако, Пано трејд, Шопе комерц и други од каде дознавме секакви приказни за нашите сограѓани на кои им “фаќа раката”. Се плашат ли од законот и како се справуваат менаџерите на продавниците?

ЏИНОВСКИ ЏЕБОВИ КАЈ СТАРЦИ

При нечесната операција некои биле опремени дури и со специјални торби со двојни дна, или облечени со дебели и широки винтјакни, со џебови како на попските мантии. Се краделе и кондоми и тегли со ајвар, парфеми, женски жилети за бричење, паштети… Момче пак, било фатено со украдени кондоми, а баба со прашак за печиво од два денари.

– Има муштерии кои производите ги ставаат во џебови на специјални елеци сошијани во јакните. Обично, наркомани земаат сé и сешто: скапи кремови, жестоки пијалоци, кои потоа ги продаваат да дојдат до пари. Старите лица пак, во торби ставаат сувомеснати производи, пилиња,… Кражбите најчесто се околу 14-15ч, кога се сменуваат касиерките и нема можност да се следи движењето на муштериите, зошто менаџерите имаат други обврски во канцеларијата. Најмногу земаат стари лица од 50 до 70 години и тоа редовните муштерии кои два-трипати доаѓаат во денот, се умилкуваат, се поврзуваат со вработените и автоматски човек не може да се посомнева – велат од Тинекс.

САПУНЧЕ В ПРСЛУЦИ   

Касиерите почесто сакаат да ги заобиколат припадничките од понежниот пол, отколку мажите кои се почесни. Украдените производи ги криеле дури и во долниот веш.

– Муштеривка имаше скриено в прслук сапунче за во тоалетна школка. Друг муштерија пак шишето со алкохолот го скрил во пантолоните, веројатно имаше некој внатрешен џеб. Не знам како не му се соблекоа пантолоните. Во пазувите старите пикаат сé и сешто. Скапи работи пикаат под палта, под вентијаги, секаде, да се чудиш каде не ќе ги стават – велат од Пано трејд.

Летно време, дебелата гардероба ја заменувале со двојни торби, или пак долу на дното ќе ставеле украден кашкавал, сирење и друго, а згора леб и само тоа ќе го наплатат, демек “празна” им е торбата.

– Во неколку наврати, почна да недостасува алкохол. На камера го регистриравме дека е тој и при една прилика кога дојде пак да “оперира” го бркав и го фатив. Гол го соблеков и го оставив пред црква. Стоеа алиштата и телефонот три дена, потоа дојде и плати. Ми зеде десетина шишиња најскапи пијалоци, цело време зборуваше на телефон додека беше во продавницата и така излегуваше надвор. Беше на возраст од околу 40 години. Да крадеше ракија, ќе го мислев пијаница, наркоман, се лечи, а тој најскапите работи – објаснуваат од Шопе комерц.

ИМАШЛИВИТЕ ДИПЛАТ БЕЗ ОКО ДА ИМ ТРЕПНЕ 

Vo zenska tasna nema sto nema - pa i cokolado nenaplatenoДете може да украде чоколадо, гладен да земе леб, но најчудно е што материјално обезбедени и образовани граѓани се крадците низ маркетите. Кашкавал краделе дури и професори и доктори.

– Сувомесни и млечни производи кријат добро ситуирани лица, и тоа постари. На прво место професори, доктори, постари лица кои во чантата ставаат и по некое парче скап кашкавал. Ако се ситуирани нели не треба да крадат! Две девојки постојано крадеа лозова ракија. Ќе ги усрамиш пред сите и некои повеќе не се враќаат да пазарат – велат од Кам маркет.

Претежно крадците биле од женски пол, а за нечесните постапки знаеле и брачните другари кои го покривале резилот од болеста на сопругите.       

– Имаше случај на добро ситуирана повозрасна жена која доаѓаше на пазарење. Боледуваше од клептоманија, земаше постојано по нешто. Мажот í, ни рече да ја оставиме кога ќе кради, а после тој доаѓаше, колку требаше да си плати – велат од Тобако.

Некои краделе дури и прашок за пециво кој чини дури 2 денари.

КАМЕРИ И ПОЛИЦИЈА ЗА ОДБРАНА

При откривањето на кражбата, најпрвин граѓаните се обидуваат да избегаат, ги туркаат продавачките, дури и ги повредуваат. Не се плашат ниту од полицијата, а и законот ништо не им може. Кога нешто ситно ќе украдат, му го вадат од торбата, му го наплатуваат. Од муштериите добивале изговори и секакви измислици, сцени, тресење на раце, треперење, плачење… Слушале различни начини како се обидувале кабаетлиите да се извадат од непријатната ситуација дека го купиле артиклот од друго место, а фискална сметка немаат.  

– На некои повеќе нема да им текне да дојдат, да пазарат од тука, но не значи дека нема да се пробаат и на друго место. Ќе дојди полиција и записник ќе направи, но тоа ништо не ни значи, ако не можеме да ги обештетиме украдените производи. Над 10 илјади денари може да се поведе пријава по службена должност. Секој муштерија може да украде 500 – 1000 денари, а за тоа да не одговара. Но, проблемот е со законот, не можеш да направиш ништо, ако не е кражба поголема од 10 илјади денари. Повеќе пари ќе дадеш по судови со приватна тужба и многу случаи само така остануваат. Друго било порано, раце се сечеле на тие што крадат, биле обележани пред средината – велат од Тинекс.

Народната поговорка не бадијала вели: Невиден арамија – поголем од кадија. За заштита од кражбите во маркетите се инсталираат видео – камери. Делуваат психолошки, кога ќе ги видат, велат купувачите, се плашат и повеќе внимаваат.

– Имаме безбедносни камери, но не се многу ефективни. Може преку нив да се види. Најголемите кражби на алкохол се фатени на камери, макар што безбедноста е на ниско ниво. Немаме ни обезбедување, а  треба да имаме и сензори на врати. Има премногу артикли, барем заштитни бар кодови да има на скапите производи. Немаме загуба како маркет, ако земат зачин. Обично се оди да се заштитиме од кражба на скапи производи – велат од Тинекс.

 Често се наоѓаат во деликатна позиција да го исчекаат муштеријата на каса дали ќе го наплати производот, оти предвреме потрошувачите би се одбраниле со изразот дека ќе ги изваделе работите од торбата и ќе плателе.

Од маркетите објаснуваат дека не ретко потрошувачите се гоштеваат додека пазаруваат. Имало и отворање на производи, ставање на празните кутии на различни места. Мезење и каснување при шетањето меѓу рафтовите. А доколку ги предупределе, ќе им одговореле дека секако планирале да го наплатат производот на касата.

Се прават пресметки на загубите. Секој маркет има дозволен кусок кој се планира при пописите на стоката. Ако се надмине, вработените ги сносат трошоците.

Имале случај и на “домашни” крадци, за кој вработената добила отказ од работа, што е поголема казна, оти тешко се добива работа.

Менаџерите на маркетите, но и сопствениците на маалските колонијални продавници се надеваат во иднина на измена на законската регулатива за одговорноста на лицата кои не сакаат да го почитуваат правилото дека секој производ и услуга имаат цена.
150 ЕВРА ДНЕВНО ЗИЈАН ЗА МАРКЕТИТЕ

Колкава е месечната, односно годишната штета за маркетите која ја добиваат од нечесните, не се пресметува точно. Според пописите и евидентираните кражби, просечно губат дури и до 10 илјади денари дневно.

– Ако десетмина неодговорни потрошувачи украдат стока за 1.000 денари, тоа се 10 илјади денари. Може да се претпостави колкав е зијанот за 30 или за 365 дена. Тоа се огромни пари. Жално е никој да не сноси одговорност. Иако ги знаеме арамиите, не можеме да им го забраниме влезот. Ги следиме нивните движења, доколку нема голема фрекфенција на муштерии. Има преку 10 илјади сметки неделно и не може да се води грижа за однесувањето на секој потрошувач – велат од маркетите. 

ТЕПАЧКИ СО АРАМИИТЕ

Нервозната реакција на крадците е најчестата одбрана кога ќе се фатат на дело. Арамиите се обидуваат и да се пресметаат со касиерките при обидот за бегство.

– Бегаат низ врата со пленот в раце. Некогаш ги туркаат и касиерките. Може да се случи и да ги повредат, ги штипат – велат од маркетите.

За “бесплатното” пазарење, односно кражбите се разговара меѓу менаџерите од различни маркети. Разменуваат информации дека тој и тој граѓанин го фатиле и да водат сметка.

Прилеп е град во кој лошите случки брзо се пренесуваат и се шират озборувањата, а доблест е чесноста.               

Loading