ВАКА ИЛИ ТАКА

ivce1Се сеќаваме на едно поодамнешно време кога покојниот Благоја Корубин го уредуваше “Јазичното катче” во весникот “Нова Македонија”. Зборуваше тој во еден напис дека се соочува и со проблем кога не може веднаш да одговори на некое прашање. Вели дека луѓето бараат: “Немој ти да ми кажуваш теорија. Кажи ми кратко, како треба – вака или така”. А има многу моменти кога не може да се одговори така. Еве и нам ни се случува нешто слично. Сакаме да пишуваме за една многу зачестена грешка, но не можеме веднаш да речеме – “вака или така”. Колку и да не сакаме ќе мораме да чепнеме малку и во Граматиката. Постојат во нашиот јазик група зборови кои се викаат придавки, а постојат и заменски придавки. Основната служба на придавката е да ја определува именката. Приближно (ако не и исто) таква е улогата и на заменските придавки. Ќе набележиме неколку заменски придавки – ТОЛКАВ, НЕКАКОВ, ТАКОВ (такви), ИСТ (исто, иста, исти) и многу други. Во моментов предмет на внимание ни е заменската придавка ИСТ (исто, иста). Во последно време е зачестена нејзината погрешна употреба. Најчесто оваа грешка се среќава кај портпаролите на МВР (СВР, УВР), но сега и новинарите мошне често ја прават. Рековме дека придавките имаат функција да ја определуваат именката – ЦРВЕН коњ, ГОЛЕМ човек, УБАВА жена и слично. И заменските придавки имаат таква, атрибутска функција, да ја определат именката. Но никако не да ја заменат. Некој ќе рече: “Си купив ЦРВЕН коњ. Коњот си го товарив со жито”. Но, не може, односно не треба да рече – “Си купив ЦРВЕН коњ. ЦРВЕНИОТ го товарив со жито”. Ете, во ваквите случаи се прават грешките. Ќе приведеме еден пример: “Фатен е на дело опасен крадец. На истиот му е определена мерка притвор. Против истиот ќе биде поднесена соодветна пријава”. Не може заменската придавка да ја заменува именката. Реченицата треба да гласи: “Фатен е на дело опасен крадец. Нему (не на истиот) му е определена мерка притвор. Против него (не против истиот) ќе биде поднесена соодветна пријава”. Ако тој крадец бил притворан и порано, нема да речеме: “Истиот бил притворан и порано”, туку “Истиот крадец бил притворан и порано”. Или само “Тој бил притворан и порано”. Поинаков е случајот ако некој праша: “Дали станува збор за истиот крадец”? Тогаш можеме да речеме – “Да, за истиот”. Но, во овој случај именката (крадец) е дадена уште во самото прашање и сега со одговорот само ја дообјаснуваме. Чудно е, како што рековме, зошто оваа грешка најмногу се случува кај портпаролите на МВР, а опасно е што сега се шири и меѓу новинарите. Кај обичните луѓе тоа поретко се среќава, освен во пишани текстови.

Како нешто нормално, оваа недоследност ја прифатија средношколците и студентите. Од еден студент во протестите слушнавме: “Испитите се ближат, ќе видиме дали ќе се реализираат истите”. Овде може да се рече – “Ќе видиме дали тие (не истите) ќе се реализираат”. А може и воопшто да не се употреби заменката ТИЕ. Едноставно – “Ќе видиме дали ќе се реализираат”.

Еден средношколец: “Ако не ни успее бојкотот, ќе бидете информирани за истото”. Зошто ваква грешка? Едноставно: “Ако не успее бојкотот, за тоа ќе бидете информирани”. Или само: “Ако не ни успее бојкотот, ќе бидете информирани”. Ќе приведеме и една реченица што ја прочитавме во еден дневен весник: “Изградбата на жичницата од Демир Капија до Рожден во должина од 40 километри траела една година, била завршена 1916 год. и со истата биле пренесувани војници, оружје и воен материјал во Првата светска војна”. Значи, жичницата била изградена и нормално е да се рече – “Со неа (не со истата) се пренесувале војници, оружје и воен материјал во Првата светска војна”.

Признаваме дека прашањето е малку комплицирано. Особено за обичниот читател кој не е навлезен во оваа проблематика. Но, грешката не е мала, а во последно време е мошне зачестена. Настојувавме објаснувањето да биде колку што е можно поупростено, за да биде сфатено од поширок круг читатели. Се извинуваме, но не можеше – “вака или така”.

Loading