Жарко Караџоски, ЈП “Македонски шуми”
– И Прилеп закитен со 20-тина палми кои виреат на минус 15…
И во Прилеп се засадени дваесетина влакнести палми што се дел од владиниот проект за озеленување на земјава со декоративни дрвја. Тоа е повод да се побара одговор на повеќе прашања од директорот на ЈП Македонски шуми, Жарко Караџоски. Тој вели дека секое дрво е богатство, а со палмите се збогатуваме со поинакви растенија, кои се проба и со соодветна нега виреат и на нашава почва и во други климатски услови.
– Македонија е богата со дрвја. Има преку 365 видови. Тоа не значи дека не можеме да донесеме некое друго кое може да успева тука. Има 54 вида палми, кои асоцираат на чувствителни дрвја. Засадените се отпорни на временски услови што одговараат на нашата клима. Издржуваат до минус 15 степени зиме. Палмата бара заштита, повеќе вода и не е проблем да опстојува, ако í се понуди соодветна грижа. Има во Скопје, дури и во Гостивар, Тетово, кај граѓани кои траат по 10 до 30 години. Вегетираат и во Германија, Холандија и други земји на Север. Во земјава, покрај во Прилеп, се засадени во Дојран, Гевгелија, ресенско, Охрид и дел во Скопје. Убаво е да се проширува вегетацијата со палми, како што беше успешна приказната со јапонските цреши – вели Караџоски.
Но, главната преокупуација на ЈП е снабдување на граѓаните со огревни дрвја и експлоатација на технички дрвја за погоните за преработка. Проблематична е заштитата на шумскиот фонд. Со поригорозни контроли, се создаде подобар амбиент за стопанисување.
– Ланската година не беше успешна, видена низ финансиските резултати и во производството. Причина беше дивата сеча, односно нелојалната конкуренција. На наша сугестија, Владата презеде сериозни мерки за заштита на шумарството. Една од тие мерки беше акцијата Гора, произлезена од заедничките анализи со сите институции, МВР, управа за приходи, пазарна инспекција. Уште трае трендот на строги инспекциски контроли, што се знак за сериозни нарушувања. Така се влијаеше на сузбивање на криминалот, што не е така мал – оценува првиот човек на Македонски шуми.
Акцијата укажа дека во шумарството се нужни суштински промени, бидејќи начинот на кој се експлоатира и стопанисува со години не е променет и е воспоставен режим што остава простор за криминални дејствија.
– Се извршија измени во законот. Поглавна новина е воведување на лиценци на правните субјекти кои се занимаваат со сечи за огрев. Никој веќе не може да влезе в шума како што ќе му текне, без лиценца. За тој документ се потребни одредени услови, овластен шумарски инженер, техничари… И во трговијата веќе треба да има санитарно-технички услови. И тука се стави ред, ограден простор од најмалку 1000м2, сантирен јазол, електрична струја, фискална каса… Во шумарството се воведе чуварошумарска служба, која, заедно со шумската и редовната полиција, влијае на зголемување на контролите со пунктови. Така ефектите се видливи – објаснува Караџоски.
Фирмите веќе добиваат лиценци, а во меѓувреме се ангажирани 30 сечачи на шест месеци.
– Сликата драстично се менува. Имаме слатки маки. Зголемена е побарувачката и продажбата не е проблем. Се бара повеќе од она што можеме да го произведеме. Фокусирани сме да го реализираме планот, кој зависи од временските услови. Времето малку не одеше во прилог, но последниве недели ни е сојузник и ќе го надоместиме пропуштеното. Интензивно работиме да се исечат околу 600 илјади метри кубни. И со 500 илјади, сме задоволни, оти влијаат многу фактори. Тоа е пораст од лани. Дефинирана е насоката за задоволување на потребите на граѓаните кои веќе плаќаат преку асоцијации на рати. Квотата е речиси исполнета, за разлика од лани, кога молевме за продажба. Огревните дрва неколкупати ги поефтинеме поради огромната дива конкуренција – кажува Караџоски.
Чести се посегањата на вработените по шумата, надвор од законот.
– Во шумарството има аномалии, недисциплини, криминални дејствија. Ги интензивираме внатрешните контроли, ревизии, и дејствуваме со другите институции. Санкционираме, а повисоките инстанци гонат и кривично. Некогаш не се знаеше дека некој добил кривична пријава. Сега поретко се практикуваат старите навики. Порачувам дека нема да застанеме на патот кон воспоставување на дисциплина за сите кои се дрзнуваат по дрвјата на илегален начин. Нема амнестија за никој. Дрвјата може да се одземат и од дома и да се добие казна од 3-5 илјади евра.
Доаѓаат високите температури пропратени со ризикот од пожари. – И на тоа поле се смени законите. Формирано е координативно тело од повеќе институции кое раководи и оперативно ги обавува сите функции на Владата, во зависност од опасноста. Се зголеми контролата како превентива. Најважно е раното детектирање и раното јавување. Колку порано се открие пожар, толку побрзо се интервенира, и толку е помала опасноста и последиците. Една година работиме со софтвер за рано откривање на пожари преку сателит, кој е инсталиран во ЈП и можат да го користат и другите институции. Имаме слика, постојан увид на теренот што се случува. Гледаме најмала искра од опасност за пожар и можеме брзо да превенираме. Софтверот е инсталиран заедно со центарот за кризи, дирекцијата за заштита. Можеме брзо да се организираме и да дејствуваме навремено. Паралелно се зголемени казните. Се покажа дека најчеста причина е човечкиот фактор. Секој кој ќе се најде фатен на лице место, непочитувајќи ги законските одредби за палење на стрниште и сл., ќе се соочи со сериозни санкции. Мора да се влијае на свеста на граѓаните – порачува Караџоски.
Тој не крие дека ЈП е едно од најголемите должници на државата на име на ДДВ.
– Претпријатие сме со преку 1500 вработени. Одредени структурни реформи не се направени. Уште функционираме како јавно претпријатие. Голем проблем е превработеноста. Вклучувајќи ја и застарената технологија, сме на границата на ликвидноста. Тешко се обезбедуваат платите, да се задоволи социјалниот статус, не е лесно да се сервисираат обврските кон добавувачите и кон државата. Затоа доцниме околу година ипол во делот на ДДВ. Со одредени структурни реформи во оваа и наредната година, има формула за ликвидност. Треба да помогне и Владата. Пуштивме идеи, проекти. Ќе видиме како ќе бидат прифатени. Инаку, ЈП, уште со моето доаѓање, имаше долг преку 35 милиони евра без камати. Сега е доведен на околу 5-6 милиони евра. Државата ќе излезе во пресрет, ако понудиме добра анализа со решенија. Ќе сме попродуктивни да не сме во конфликт со законот за јавна администрација. Не може да се вреднува трудот и резултатите. Предлагаме трансформација, излез од статусот на јавно претпријатие, со многу ограничувања, и преод во акционерско друштво во државна сопственост, како кај соседите. Нужна е подобра структура на вработените за поголемо производство. Главна е мотивацијата и селекцијата на вредни и кои не работат. Така се доаѓа до пазарен натпревар, квалитет, награди и казни – кажува Караџоски.
Македонски шуми секоја година испорачува 130 илјади метри кубни техничко дрво. Побарувачката и за извоз е огромна, а ресурсите се ограничени. Дрвната индустрија е во подем. Има интерес од странски инвеститори. Турски и италијански компании меркаат инвестиции во фабрики. Инаку, техничкото дрво фрла висок профит, корист е за фабриките со ангажман на поброен персонал, поради повеќето фази на обработка.
Во најголем дел, шумата кај нас е ниско стеблеста, погодна за огревно дрво, а техничкото најчесто го има беровско, пехчевско, мариовско, Пелистер.
Секоја садница е богатство
– Пошумувањето е редовна активност, покрај денот на дрвото. Процентот на успешност сите овие години е 47-48 отсто. Не е малку, оти европски процент е над 35 отсто. Успешноста се оценува по тоа дали садниците ќе почнат да вегетираат, да пуштат нови листови, нови корени. Ако не се чува или угине или некој ги уништи новите насади или ако изгори во пожар, или исече, ги украде, тоа е надворешно влијание. Секое насадено дрво е богатство, а не расфрлање пари. Шумскиот концепт е добар, и за здравјето за да имаме еден филтер плус. Затоа Македонија на картата на НАТО е зелена – нагласува Караџоски.
Дрва за сите прилепчани на рати
– Црн бор продава од 15-20 илјади метри кубни огревни дрвја. Тој план ќе го оствариме. Почна дистрибуцијата. Преземаме обврски да го надминеме планот и да донесеме дрвја од други региони каде има вишок. Преку здруженијата и фирмите се продаваат на рати. Цената не е коригирана пет години. Јавно претпријатие сме кое води сметки за стандардот на граѓаните. Дрвата се пренесуваат со наши превози, оти чести беа поплаките за превозниците. Има дрва со попуст од 10-15 отсто за ранливите категории, социјални случаи, бранители…, според законот. Тоа важи секоја година со валидни документи – вели Караџоски.