РОДЕН ЗА ГОЛОВИ

Времеплов – Ристо Глигоровски

Treperea golmanite od Rristo GligoroskiРетки се фудбалерите, кои со раѓањето носеле толку дарба, како некогашниот “снајперист” и голгетер на Победа и на скопски Вардар, Ристо Глигоровски. Љубителите на фудбалот велат дека бил роден да постигнува голови, особено со глава. Иако релативно низок, се извишуваше над корпулентните одбранбени противници и постигнуваше голови со глава во невозможни шанси. Беше страв и третет за голманите и при удари со нога.

Кариерата ја почнал во Металец од Охрид, каде што е и роден во 1950 година, а потоа пристапил две сезони на ФК Македонија во Скопје. Школувањето го продолжил во Струга и го облекол дресот на Караорман.

– За Караорман одиграв само 13 натпревари, а постигнав двојно повеќе голови. Ме посака Победа да го носам второлигашкиот дрес. Лесно се адаптирав и дебитирав 1969 година против екипата на ЕИ Младост од Ниш. Победивме со 4:1 и постигнав два гола. Станав миленик на пребирливата публика, која е единствена во Македонија. Таа го разбира фудбалот, бара квалитет што го нема денес – не ги крие коментарите Глигоровски.

Во тоа време Победа имаше “страшен” тим, зрел за пласман во Првата лига.

– Имавме шампионски тим, но немавме раководство, рамно на можностите со Истатов, Мечев, Ц. Конески, Дрвошанов, Николоски, Мирчески, Бадрлица, Трајков, Глигоровски, Ѓорѓиоски и Митрев. Тешко ми паѓа неправедната казна на Победа изречена од ФИФА и УЕФА – тагува Глигоровски.

Квалитетите не останаа незабележани од многу прволигашки екипи, како од Партизан, Динамо, Црвена звезда… Сепак, тој, одлучил за скопскиот прволигаш.

– Во 1978 година пристапив во Вардар. Носам силни впечатоци и пријатни спомени со стручниот штаб предводен од Стјепан Бобек и екипата со огромни можности која се најде во купот на европските шампиони. Вардар беше во југословенскиот врв  –  памети Глигоровски.

Вели дека не заминал за Белград , оти не добил виза од Победа.

– Требаше да минам во Партизан, меѓутоа Победа калкулираше. Можеби ќе бев репрезентативец. Не тагувам. Прилепчани не ги даваат милениците лесно, а сакаат играчи од надвор – оценува популарниот охриѓанец.

Победа инсистирала враќање по Скопје, оти подготвувала тим за Првата лига.          – Се вратив и останав долго. Затоа Победа вечно ќе ја носам во срцето – кажува Глигоровски, кој, по враќањето во Охрид, ретко доаѓа во Прилеп.

Не се лути, но разделбата била недостојна, како други генерации постари играчи.

– Кога постигнуваш голови, сите те почитуваат, а кога ќе се најдеш на залезот, те шуткаат. Заминав 1986 година на 36 годишна возраст. Бевме први во МФЛ и се подготвувавме за враќање во Втората лига. Но, поединци од Управата го избркаа фудбалот и трибините зјаат празни. Станав тренер на пионерската екипа со Гоце Манески. Таков третман не е добар. Затоа многумина заминуваа без поздрав – вели Глигороски.

Смета дека нема фудбал во Прилеп, ако клубот ја продолжи старата пракса. Не се прави тим преку ноќ. Според него, нема соодветен третман кон младите, иако има талентирани фудбалери. Потребна е само стручна рака, која ќе работи на подолга патека со нов однос, контрола… Така ќе дојдат резултатите.

Драги Башески

Loading