Ракомет: Во фокусот останува РК Прилеп
Без оглед на синоќешниот резултат на мечот од 2. коло на плеј – офот во Супер лигата дома со Металург (18 -24), екипата на Прилеп во останатите осум дуели има задача да се избори за место на табелата кое објективно í припаѓа. Ако се земе предвид основниот дел од првенството, најмалку два противника, Радовиш и Пролет, се послаби со квалитет. Оттука најреален дострел за тимот на Ице Соколоски и Страшо Илиески е пласманот над нив.
– Создаваното во 18 кола од лигата, сега треба да достигне врв. Цел е четвртото место кое води во Европа, но треба да се има на ум дека и другите суперлигаши, како Радовиш, клуб со голем буџет, претендираат на таа позиција – вели Александар Бозароски, бек на Прилеп.
Претходните две – три години се вложи многу труд, финансии од страна на градот, управата и спонзорите, така што не е изненадување “натфрлање” на првичниот скромен план, обезбедувањето опстанок. Огромниот број приврзаници на ракометот не се задоволуваат со просек и сакаат што поскоро до водечките. Од една страна е реалноста и не се брза со чекорењето, а од друга, не се запоставуваат амбициите на сите помагатели на клубот. Во РК Прилеп чувствуваат обврска да се оддолжат на сите поддржувачи.
– Претставуваме добро организиран клуб со ангажирана управа, силна екипа и стручен штаб. До крајот на сезонава ќе дадеме максимум и ќе ги оправдаме средствата, вложени од градот и фирмите – порачува Рубинчо Седлоски, секретар на Прилеп.
Претходно беше очекуваниот пораз со 41-26 од Вардар, а в сабота е гостувањето во Радовиш.
Сонце стана Универзална
Во салата “Сонце” се забележува нов персонал, кој се грижи за функционирањето. Извесна е промената на името на објектот. Иако над влезот се уште стои старата фирма, официјално веќе се именува како “Универзална сала”, како што беше пред ноември 2010. Нова е и преселбата за првенствените мечеви на РК Прилеп. Влезот се наплаќа по 50 денари, скромно, но е значајна помош од секој навивач.
![]()

