РАЗНИ ГРЕШКИ

ivce1Разни теми, разни разговори, разни грешки. Некои редовни, некои почести, некои поретки. Од сите области. Ќе набележиме една грешка којa поретко ја слушаме. Новинарката разговара со извесна госпоѓа архитект. Пензионерка била госпоѓата. Разговараат за определени проблеми од областа на архитектурата. Се разговара за Скопје 2014. За архитектонското решение на зградата од македонската Влада. Госпоѓата архитект вели дека тој објект не се УКЛАПА во современата архитектура. Не се разбираме во соодветната област, но, госпоѓо архитект, вашето излагање не се вклопува во нормите на нашиот јазик. Каде го најдовте тој збор – УКЛАПА?! Не е тој наш. Не се ВКЛОПУВА во нашата лексика.

Се случил пожар. Куќата изгорела, а во пожарот настрадала извесна жена. Новинарката прашува а докторката одговара и ја објаснува здравствената состојба на жената. Докторката објаснува дека се вршела санација на ОПЕКОТИНИТЕ. Истиот збор го употребува и новинарката. Сме слушале, за вакви ситуации, новинарите да велат ИЗГОРЕТИНИ. Никако да го погодат вистинскиот македонски збор кој гласи ИЗГОРЕНИЦИ. Ист е случајот со зборовите ДРАСКАНИЦИ, ГРЕБАНИЦИ, кои често пати ги слушаме како ДРАСКОТИНИ и ОГРЕБОТИНИ. Ги слушаме овие грешки и од новинарите и од лекарите кога зборуваат за определени повреди на некои луѓе.

Во една друга емисија, една друга докторка зборува за определен проблем од таа област. Вели вака: “Организмот ќе има тенденција да го исфрли тоа страно тело”. Организмот навистина не трпи ТУЃО тело, но зошто докторката не вели ТУЃО, туку СТРАНО? Во нашиов јазик уште одамна се водеше борба помеѓу именките ТУЃИНЕЦ и СТРАНЕЦ. Но ете, победи СТРАНЕЦ. Се мисли на жител од СТРАНСКА земја. Велиме СТРАНСТВО, СТРАНСКА земја, СТРАНСКО влијание, СТРАНСКИ весник. Но никако не може да се рече СТРАНА земја, СТРАНО влијание, СТРАН весник. Според тоа не може да се рече и СТРАНО тело. Во оваа ситуација, тоа си е ТУЃО тело, но не е дојдено од СТРАНСТВО. Именката СТРАНСТВО има подолга хронологија, но нема да се задржуваме на тоа. Важно е дека таа е нормирана како таква исто и сите изведенки од неа – СТРАНЕЦ, СТРАНСКО, СТРАНСКА, СТРАНСКИ. Се разбира дека сево ова се однесува само на други држави, на СТРАНСКА држава. Во ваквите случаи не може да биде употребена придавката ТУЃ (туѓо, туѓа). Ако некој предмет, некое тело, навлезе во некој организам, рековме дека е ТУЃО, а не СТРАНО.

Во македонскиот јазик постои именка ГРИЖА. Во српскиот јазик таа гласи БРИГА. Но, ние често слушаме придавка БЕЗБРИЖЕН, наместо БЕЗГРИЖЕН. И не само тоа. Неодамна една докторка објаснува за состојбата на извесна пациентка. Вели: “Пациентката е ЗБРИНЕТА”. Еве, и оваа грешка ја слушаме мошне често. Зошто да не се употреби македонската придавка, зошто да не се рече дека пациентката е ЗГРИЖЕНА? Но ете, докторката вели ЗБРИНЕТА.

Од многу новинари и од многу доктори слушаме една редовна грешка. Ако некој човек бил болен или некој спортист бил повреден и докторите и новинарите велат дека пациентот, повредениот се ОПОРАВУВА, или дека е ОПОРАВЕН. Зошто да не се употреби македонскиот збор ЗАКРЕПНАТ? Пациентот ЗАКРЕПНУВА или пациентот е ИЗЛЕКУВАН, повредата е ЗАЛЕЧЕНА. Глаголот ОПОРАВУВА (се) и глаголската именка ОПОРАВУВАЊЕ не се наши и не треба да се употребуваат. Не е наш и зборот ПОРЕМЕТЕН (пореметено здравје). Нашиот збор гласи НАРУШЕНО здравје.

Многу грешки среќаваме и при компонирањето на разни реченици. Во една телевизиска емисија присутни се учесници од карневалот Прочка. Новинарката вели: “Нашиве гости ќе ви објаснат што за нив значи Прочка”. Редовна грешка. Никако да се сфати дека глаголот треба да оди веднаш по прашалниот збор: “Што значи за нив Прочка”, а не “Што за нив значи Прочка”.

Еве и една чудна реченица од еден политичар: “Се очекува силен дожд, 30 литри на квадратен метар но со многу краток интензитет”.

Само тој си знае што сакаше да каже.

Благоја Ивчески

Loading