ИНСПИРАЦИЈАТА СЕ КРИЕ ВО СЕКОЈ АГОЛ

Адриана Јованоска, уметник која живее и работи во Софија, Бугарија

Inspiracijata e okolu nas - Adriana JovanoskaАдриана Јованоска е млада, талентирана и веќе докажана уметница која живее и работи во Софија, Бугарија. По завршувањето на Националната академија во Софија, отсек металуршка обработка на метал (ентериер, екстериер, накит, монети, медали) и завршените магистерски студии останува во Бугарија да го трасира својот уметнички пат. Нејзините творби се дел од групната изложба “Конекција 2”, отворена во културно информативниот центар во Софија.

– Се претставив со металната скулптура “Медали”, во месинг. Некои од медалите се со две лица, што е доста интересно. Инспирација црпам од сé околу себе, а еден детал е претставен и во мали метални пластики. На скулптурата ги има “Конекција 1”, “Конекција 2”, “Месечеви мени”, “Музика”, “Вселената”, “Огледалото на Венерата”, “Штитот на Марс”, “Птицата и прозорецот”, “Градот и ноќта”. Имињата на делата се поставени по оставениот впечаток во процесот на создавањето. На пример, “Месечеви мени” доаѓа, оти често сум ја набљудувала месечината. Ги сакам нејзините промени и токму тоа беше причината да создам мала пластика. Успеав во намерата сите месечеви мени да ги пренесам во еден медал – раскажува Јованоска.

Нејзе í била музиката составен дел од животот.

– Творењето го разбирам како музика, одреден ритам. Секое дело е создадено во моментот кога сум почувствувала, кога всушност треба да биде, што треба да се изрази со него и врз него. Финализирањето и дооформувањето доаѓа кога ќе бидам сигурна како сакам да изгледа – додава уметницата.

Според неа, уметник е да бидеш свој и никогаш да не го загубиш детето во себе.

– Уметник е радост на секој миг, да ја забележиш и разоткриеш секоја промена. Уметник е умешност да украдеш насмевка од луѓето кога се чини дека е неможно и да овозможиш духовно задоволство – истакнува Јованоска, која учествувала на групни изложби во Бугарија, а во Созопол на “Меѓународниот младински фестивал на уметноста” се закитила со трета награда.

На младите генерации уметници им порачува да не престануваат да творат.

– Уметноста е околу нас. Инспирацијата се крие во секој агол, само треба да ја најдат, да ја откријат. Им препорачувам да имаат повеќе изложби. Талентот да го преточуваат во дела кои ќе можат да ги видат, како граѓаните на Македонија, така и надвор од границите, бидејќи уметниците се амбасадори на македонската култура – потенцира Адриана.

Иако не е во родниот град, бидејќи е во постојано движење како уметник, работи и за брендот Зара, сепак му подарила две дела – релјефи во месинг “Лозов орнамент”, што е сместен во манастирот “Св. Ѓорѓија” и “Јаболков лист”, поставен на врвот на Златоврв, со што оставила свој печат во уметноста во градот.

Loading