Во програмите на телевизиите, темата за македонскиот литературен јазик е ретко присутна. Ќе се случи одвреме-навреме да се проговори нешто за јазикот, за неговата правилна примена и потоа ќе чекаме да помине многу време за таа тема да биде на дневен ред. Неодамна, бевме сведоци на таква емисија. Убаво! Водителката и двајца гости. На гостинката не можеше да и се направи никаква забелешка. Зборуваше неверојатно чисто, без никаква грешка. Меѓу другото, и таа ја чувствува грижата за нарушувањето на многу јазични норми, за многу грешки што ги слушаме од нашите медиуми и што ги читаме по нашите весници. За гостинот не разберавме каква е неговата професија. Разбравме само тоа дека снимал рекламни текстови. Се поплаукува дека имал отпор при снимањето. Вели дека е свесен за некои јазични грешки, но во крајна линија бил принуден да го прифаќа она што го бараат нарачателите.
Еве, дојде на ред и водителката, не знаеме дали госпоѓица или госпоѓа. Всушност, таа ни даде повод за овој напис. Релативно добро зборуваше. Зошто велиме релативно добро?
Водителката најпрво се согласи со гостите дека јазикот на медиумите (и не само тука) е доста нечист. Упати критика за неодговорноста кон оние што се занимаваат со таквата проблематика. Кажа дека има завршено филолошки факултет, дека јазикот и е постојана грижа и дека одлично го владее. Зборуваше и за некоја нејзина профескорка. Вели вака: “Имав една професорка која стално велеше“… Зборот СТАЛНО го употреби токму во моментот кога сакаше да го потврди своето перфектно познавање на македонскиот јазик. Но, заборавила дека македонскиот збор гласи ПОСТОЈАНО (секогаш), а не СТАЛНО. Ајде, си рековме, една грешка и не е многу. По извесно време, истата госпоѓа (госпоѓица) ја сретнавме како водител на една друга емисија. Зборувајќи таа вели: “Јас малку на шала го поставив ова прашање”. Не не интересира прашањето и одговорот, но од каде и дојде на ум именката ШАЛА. Не треба да има човек завршено филолошки факултет па да знае дека таа именка на македонски гласи ШЕГА, а не ШАЛА. Зар не чула за глаголската именка ШЕГУВАЊЕ за именките ШЕГАЏИЈА и ШЕГОБИЕЦ? Глаголот ШЕГУВА (се) е толку присутен во нашата комуникација.
Во еден момент водителката најавува пауза за реклами и вели: “По рекламите се враќаме во студиото”. Многу честа грешка. Редовно ја слушаме од нашите новинари. Речиси, никој не помислува дека е тоа погрешно. Во случајов, госпоѓата се наоѓа внатре, во тоа студио и треба да рече дека се враќаме во СТУДИОВО, а не во СТУДИОТО. Еве уште една слична грешка. Водителката во еден момент вели : “ Имаме уште пет минути до крајот на емисијата”. А тоа е емисија што ја води таа. Не е тоа некојаси емисија. Треба да рече до крајот на ЕМИСИЈАВА има уште пет минути, а не до крајот на ЕМИСИЈАТА.
Можеме да набележиме уште некоја ваква “ситна” грешка, но тоа не ни беше крајната цел. Сакаме повеќе да ја искажеме својата загриженост. Зошто во почетокот рековме дека госпоѓата (госпоѓицата) зборуваше релативно добро? Зошто рековме релативно добро? Водителката кажа дека има завршено филолошки факултет и дека го владее одлично македонскиот јазик. Таа и се занимава со професија каде што е неопходно да се знае безпрекорно македонскиот јазик. Ако за човек кој завршил филолошки факултет велиме дека релативно добро го владее литературниот јазик, тогаш за кого ќе речеме дека апсолутно го владее. Филолошкиот факултет е највисокиот степен за изучување на јазикот. Немаме некој друг уште пофилолошки. Тука е границата. Кога и грижата за јазикот би била еднаква со дипломата, подобра ќе ни беше ситуацијата.
Благоја Ивчески