ПУБЛИКАТА ГИ “ЧУВА” ДОБРИТЕ ПРЕТСТАВИ

В среда во театарот, јубилејна 100. изведба на “Од кол на кол”

Stota izvedba na ,,Od kol na kol 1,,Седуммина актери од ансамблот на театарот в среда, на 18 февруари, на 65 годишнината од формирањето на куќата, по 100. пат ќе ја изведат претставата “Од кол на кол” во режија на Коле Ангеловски, која речиси седум години е на репертоарот. Публиката ја сака и ужива додека ја гледа. Ова е втора претстава во историјата на театарот која доживува стотта изведба, по “Солунски патрдии” од Миле Попоски во режија на Ангеловски.

Актерите не го кријат задоволството од тоа што им е укажана честа  на денот на театарот да ја одиграат јубилејната урнебесна комедија.

Пензионираниот актер Трајче Иваноски е горд заради тоа што в среда ќе прослави три јубилеа.

– Првиот е изведбата на “Од кол на кол”, вториот  50 години моја театарска дејност и 70 години живот. Емоциите се мешаат. Се радувам и тагувам. Дали да мислам на минатото, на сегашноста или да се радувам на иднината. Го одбрав второто, да се радувам на сегашноста. Некогаш театарот беше во тешка финансиска и  кадровска состојба. Бевме уморни оти бевме малкумина. Постојано бевме на сцената. Дојдоа добри времиња. Имаме млади колеги со факултет, талентирани, на кои сум горд. “Од кол на кол” е втора претстава во која играм по stoтti пат по “Солунски патрдии”. Ова се антологиски претстави за нашиот театар. Се надевам дека тука нема да запрам. Се чувствувам полн со сила и енергија, како да почнувам со театарска дејност. Иако сум пензионер, не мирувам и сакам уште да ја играм не само оваа претстава, туку и други и на малите екрани – вели Иваноски.

За Димитар Вандески, исто така пензионер, актер, кој е дел од екипата на “Од кол на кол” е задоволството да се дочека “стотка”.

– Претставата успеала, публиката ја засакала, а и актерите ептен се вљубивме во неа. Неизмерна е радоста што повторно ќе застанам на сцената. Бев дел и од првата претстава “Солунски патрдии” која исто доживеа 100 изведби.  Дај Боже “Од кол на кол” да доживее 200 изведби – истакнува Вандески.

Андон Јованоски – Ашата не може да ја опише радоста за јубилејната претстава.

– Втор пат играм во стотта изведба. За еден помал град, како нашиот, да се одиграат 100 претстави значи дека претставата вреди. Тоа се случува само со мајсторот на комедијата, Коле Ангеловски. Со нетрпение чекам да застанам на сцената и да ја одиграм улогата и заеднички со публиката да уживаме, да се радуваме – вели Јованоски.

Виолета Чакарова би играла уште стопати.

 – Првпат ми се случува во кариерата. Затоа сум неизмерно среќна. Сакам да играм кога режира Коле – додава Чакарова.

Најдо Тодески ја подлелува радоста со публиката.

– Убаво се чувствувам. Сум играл и во стоттата изведба на “Солунски патрдии”. Една од бренд претставите е во театарот, која ја играме седум сезони. Публиката ужива, а, ние, во таква атмосфера, играме со задоволство. Полн погодок, театарот е за публиката, која ја чува претставата. Долго живеат на сцената ваков тип на претстави – објаснува Тодески.

 Цветанка Чавлеска вели комедијата ја сака публиката и тоа ја прави уште позадоволна.

– Пресреќна сум. Многу актери не го почувствувале ќефот да одиграат толку изведби. Комедија може да доживее сто изведби. Се радувам што овој проект трае многу години, особено што славиме 65 години од “мојот втор дом”. Многу сограѓани ме поистоветуваа со ликот во претставата, па честопати велат ене ја Маре – раскажува Чавлеска. 

Loading