За Денот на вљубените и за денот на виното Свети Трифун
Наспроти тврдењето дека во “Виното е вистината”, или дека со добро вино и љубовта одат рака под рака среќата и задоволството, факт е дека католичкиот празник познат како Свети Валентин или Денот на вљубените сé повеќе се слави, заедно со празникот Свети Трифун кој според календарот на МПЦ е празник кој го означува времето кога се закројуваат лозјата, кога се наѕира доаѓањето на пролетта.
Можеби од западното влијание, повеќе од помодарство, сé поголем е бројот, особено на младите, кои утре, 14 февруари, ќе го одбележат празникот на љубовта, ќе купат кадифени мечиња, торти во форма на срце, по некое црвено балонче и со бакнеж ќе поитаат кон саканата, симпатијата или пак пријателот или пријателката да им ги изразат чувствата дека сепак не се рамнодушни и треперат при секој нивни поглед, а кога ги слушаат како зборуваат гласот им се чини галежлив.
Додека младите ќе се во љубовна еуфорија и ќе ги обливаат бранови на топлина и нежност, повозрасните и оние во средната генерација ќе останат доследни на традицијата и ќе се упатат на виновите насади да го направат редот. Ќе има и такви кои навистина со ножиците во рацете ќе ги закројуваат ластарките на виновите прачки, со молитви да родат повеќе грозје насадите и да се наполнат бочвите, но ќе има и такви за кои празникот ќе биде само модус другарите и пријателите да се соберат во некоја викендичка и направат добра скара која пак ќе ја залеат со старо, лежано вино.
Прилепчани важат за асли домаќини. Вообичаено се вели дека нема стара фамилија, каде не можеш да најдеш вреќа брашно, картон масло и секако бочва полна со вино. Ако не е од домашното грозје, тогаш е наполнета со мераклиски избрани гроздови од соседно Кавадарци, но важно е во куќата да се има вино, комињарник, да се тури во бокал за да режи за ручек или пак за гости. Од комињето се вари јака ракија.
Што има заедничко во виното, љубовта и страста која ги одржува прилепчани да бидат толку оддадени на традицијата? Од друга страна им се противиме ли на модерните туѓи влијанија? Еве што забележа екипата на “Зенит” за исто прашање, но со спротивставени мислења:
Фамилија која со генерации одгледува лозја и тура вино и го знае марифетот е Видоски. Трајче и Васка ги наследиле знаењата од постарите, но не се откажуваат од рујното вино.
– Го засадивме лозјето во Ракле за да имаме рекреација. Во еден декар влегуваат 300 прачки земени од Неготино. Првата година го пушташ да расти, втората се основува, а дури третата е родна. Со кроење на лозјето претежно почнуваме после Св. Трифун, а сега и на некои му се кроени. Прво го кроиме, па го врзуваме, ги изнесуваме прачките од кроењето, после го оставаме до кај мај месец ко ќе потера и почнуваме со прскање, па го лачиме. До Вртолум лозјето мора да го излачиш од ластарчињата, го кршиш едното за да си расти редум. Кога ќе потера над третата жица, го кршиме, оти му ја зема силата на грозјето. На дватрипати го поткршуваме, да не потера многу и на секои 14 дена задолжително го прскаме, аи почесто ако е врнежливо, почнувајќи од мај до 6-7 август. Ко ќе врни и на една недела може да се прска, оти тогаш го “фаќаат” повеќе болести. После Вртолум процесот се стабилизира. Работата е деликатна, како лебот во месење, во киснење, во печење. Одгледувањето на лозје е тешка. Треба механизација, а ние претежно рачно го работиме. На раце го копаме двапати годишно. Едното лозје го наводнуваме, а другото го оставаме на природата. Може да биде и поарно сува да е годината, само пред берење еден месец да му заврни – Трајче го објаснува одгледувањето.
Сопругата Васка знае дека колку е постаро виното, толку е подобро.
– Едното лозје ни е 2 декари Смедервка и по нешто Италијанка и Хамбург, а другото погоре е 4 декари и сето е Кратошија. Береме по 5-6 тона. Тураме во бочвите дури собира, 400-500 кг, а другото го продаваме. Од комињето, ракија вариме. На секое јадење, наполни го бокалчето и напи се и црно и бело. Не сум се напила шира, не го пробувам. А свекор ми ќе појдеше да наполни една чаша за проба. Ќе врие, ќе врие во бурето и кога ќе зоврие, само ќе падне и ќе го затвориш. Ќе го надгледуваш одвреме на време, ќе го избуричкаш. Сега во пластични буриња го собираме, оти полесно е за плакнење. Колку постаро е виното, толку е подобро. Една година имаме извадено 26 малигани блажина на гројзе. Во Ракле лозјето има неверојатна сласт. Цел ден го печи сонцето, само природно тера. Природата чуда прави – додава сопругата Васка.
За разлика од нив, од почитувачите на адетите и традицијата, младите пак го слават денот на вљубените. Тврдат дека љубовта повеќе ги опијанува отколку виното. Не им треба црвената течност во жилите да почувствуваат топлина, пријатни чувства и силен трепет на срцето.
– Љубовта треба да се слави секој ден, бидејќи без неа човек не би можел да ги цени вистинските вредности во животот и не би можел да ги изрази своите емоции, мисли и ставови. Нејзината убавина е огромна кога ќе има со кого да се сподели. Во знак на тоа, секогаш овој ден го одбележувам со некое креативно подароче – вели Ангела Трендафилоска.
– Денот на вљубените е “поголем” празник, кој носи многу убавини. Тера на размислување за љубов – да дадеш и да примиш љубов, а виното е одличен спој со љубовта. Со чаша добро вино и повеќе љубов ќе биде добра годинава – рече Николче Дамчески.
– Години наназад за Св. Трифун организираме другарски вечери, со жива музика и црвено вино. Без вино не бидува празникот. Ни претставува задоволство. Се слави, оти означува бериќет за годината. На овој ден е родена и ќерка ми. Затоа веселбата и радост се уште поголеми – рече Зоран Конески.
– Обично, за Св. Трифун се збираме каде што има лојзе. Закројуваме некоја пењушка за адет, пиеме винце и ќе направиме еден ручек. А младите прославуваат како Св. Валентајн. И едното и другото се добри за прославата. Заедно се одличен спој – вели Добре Иломаноски.
Нема ритуал, церемонија без виното. Тоа е живот, крв, традиција, опстој и вековност. Љубовта го движи светот, му дава смисол на денот кој го живееме, надеж, мотив и страст, па така виното и љубовта се како водата и сонцето, како нешта без кои не би постоеле, ниту ние, ниту генерациите пред нас, ниту пак оние кои ќе дојдат по нас.