ПРОДАДЕНА ЛОКАЦИЈАТА НА ПАЗАРОТ ЗА СИРЕЊЕ

– Новиот инвеститор ќе плати 490 илјади евра, плус комуналии

Na mestoto od ruinata moderen marketНа местото од пазарот за сирење конечно ќе никне трговски центар. Во вториот обид, откако фирмата Кам се откажа од градбата и го раскина договорот со локалната самоуправа, плаќајќи ѝ пенали, најголемата македонска трговска фирма на јавно наддавање меѓу тројца конкуренти ја купи парцелата во центарот да гради деловен објект со голем супермаркет. Името на фирмата се уште не се обелоденува, додека не помини рокот за жалби и не се потпиши договорот, сепака се знае дека станува збор за компанијата со еден голем маркет под кирија во центарот на Прилеп и десетици во земјава. Таа ќе плати 490 илјади евра за парцелата од 1617 м2, или 17830 денари за м2. Инвеститорот нема ограничувања за градбата на објектот. Врз основа на проектот ќе му бидат определени и давачки за уредување на градежното земјиште, таканаречени комуналии, кои не се ниски за централното градско подрачје.   

Локалната самоуправа продаде парцела од 822 м2, наменета за изградба на објект за колективно домување кај поранешните бараки на судот за прекршоци. Струмички инвеститор ќе гради објект на основа од 550 м2 со приземје, пет ката и мансарда. На електронската аукција учествуваа пет понудувачи, од кои најдобриот достигна цена од 9550 денари за м2, или вкупно 7,8 милиони денари.

Уште две парцели се продадоа во индустриската зона Металец. Едната со 3096 м2, а другата со 5665 м2. Ги купија две прилепски фирми, од која едната ќе гради пекарница, а другата, фабрика за челични конструкции. Помалата локација се продаде за 161 денар за м2 или за речиси 500 илјади  денари, а поголемата со иста цена по м2 само за 912 илјади денари. 

Loading