КАДЕ Е ЧАЛИЈАТА?

ivce1Гледаме емисија од областа на пчеларството. Во емисијата поканет и одгледувач на пчели. Зборува за пчелите, за медот, за прополисот, за млечот, за полезноста од пчелните производи. Споменува и некои растенија од кои пчелите собираат нектар. Како едно од најмедоносните растенија ја спомнува чалијата. Но, тој не вели ЧАЛИЈА, туку ДРАЧА. Тоа е поводот за оваа тема. Зошто ДРАЧА, а не ЧАЛИЈА (paliuris acoleatus)? Пребаравме веднаш во повеќе речници и за големо изненадување чалијата никаде не ја сретнавме. Во Речникот (тритомниот) ја сретнавме како ДРАКА, а на српски е предадена како ДРАЧ, ДРАЧА и ДРАКА. А каква е чалијата? Тоа е нискостеблест џбун со многу трње. На овците, кога одат низ местото со чалии, им се запнува од волната на трњето, се кубе и останува на чалијата. За сиромаси луѓе (кои немаат овци), се вели дека одат и собираат волна од чалиите. Не знаеме како е во новиот Толковен речник (го немаме), а во другите речници го нема тој збор – ЧАЛИЈА. Чудно! Зборот е мошне познат. Се сеќаваме, уште во детски години, на едни стихови од Венко Маркоски. Темата беше турското ропство и отпорот. Се споменува некое муслиманско име Зија. Колку што се сеќаваме, стиховите гласеа:

“Зија,

змија на чалија префрлена”…

Кога ќе се отепа змија, се префрла на некој џбун за да биде видлива и за да не се уплаши некој. Венко не е прилепчанец, па тоа е доказ дека не се вика чалија само во прилепско. Претпоставуваме дека во Речникот е направен пропуст. Некаде во Македонија можеби се вика драка, како што е во Речникот. А драча, како што вели пчеларот никаде кај нас не се вика. Чалијата е позната и како лековито растение. Нејзините тркалезни, како парички, плодови, се користат во разни рецептури. Ете, толку за чалијата. За да не ја заборавиме и да не ја прекрстуваме.

Неговото височество телевизорот секогаш е пред нас, не се може без неговото присуство. Во последно време, најзастапени емисии се турските серии и народните приказни. За јазикот (македонскиот) во  турските серии сме пишувале повеќепати. Од лош полош. Всушност, слушаме превод на скопскиот жаргон, а не на македонски јазик. Лексика, артикулација, акцентирање – Господ да ни е на помош. Не е порозова ситуацијата и со јазикот во народните приказни.

Ќе приведеме неколку реченици слушнати во една приказна. Претпоставуваме дека тој текст е лекториран. Ако не поминал низ рацете на лекторот е срамота. А ако е лекториран и е онаков каков што го слушаме, уште поголема срамота.

Еден лик од приказните (бабичка) во една своја реплика вели: “Десет деца родив петте Господ ми ги зема”.

Еден друг учесник од приказната вели: “Те сонувам откако те земав”. Како може лекторот да го допушти ова? А и да немало лектор, како може актерите, па и режисерот да не се свесни за овие грешки. “Десет деца родив, петте Господ ми ги ЗЕДЕ”, така треба да гласи реченицата. ЗЕМА е глагол во сегашно време, а треба да се употреби во свршено време – ЗЕДЕ.

Слична е грешката и со наредната реченица: “Те сонувам откако те земав”. Овде глаголот ЗЕМАВ е во минато определено несвршено време, а треба да биде во минато определено свршено  – ЗЕДОВ.

Понатаму! Една реплика гласи: ”Облечи ги кондурите”. Овде има, всушност, две грешки. Се облекуваат алишта, а чевлите се обуваат. Зборот КОНДУРИ е погрешен и треба да гласи ЧЕВЛИ. Интересно е што оваа грешка, со чевлите, ја слушаме многу често и на многу места. Колку пати сме слушнале дека некој не можел да ги облечел чевлите, да ги облечел патиките, па дури и влечките. А се знае дека и чевли и патики и влечки, сите тие се ОБУВКИ, па според тоа сите и се обуваат, а не се облекуваат. Само алиштата се облекуваат. Затоа и се вели – ОБЛЕКА.

Ќе набележиме уште една грешка од приказната што ја слушавме. Разговараат двајца од актерите. Едниот горе, на чардакот, другиот долу. Онај од чардакот вели: “Сега ќе се симнам долу”. Правилниот израз е – ЌЕ СЛЕЗАМ ДОЛУ , а не ЌЕ СЕ СИМНАМ.

Можеби ќе треба, наместо македонски народни приказни да ги викаме скопски народни приказни.

Благоја Ивчески

Loading