ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ВЕКОВНИ ПЕНЗИОНЕРИ

Кирил Ѓорѓиоски – претседател на Здружението на пензионери

Priznanija za postignatite  rezulati podeli pretsedatelot Kiril GorgioskiСте меѓу најактивните здруженија во Македонија?

– Пензионерите од Прилеп, Кривогаштани и Долнени се организирани во Здружение да ги остваруваат и унапредуваат правата и интересите, кои се многубројни во сите области од животот. Работиме активно во континуитет. Се развиваме и остваруваме видливи резултати од 1979 година, кога Здружението се издвоило од ССМ, како посебен одбор. Оттогаш, секоја генерација го давала својот придонес во доизградбата и збогатувањето на содржините и активностите. Денес членуваат околу 12.500 пензионери, организирани во 21 огранок, од кои 16 во Прилеп и 5 во руралните средини. За активностите, носечко е дружењето на пензионерите, спортувањето, забавата, игрите, песните и хуманитарните активности. Немаме конкуренција во Македонија. Затоа сме најдобро здружение. Присутни сме на сите активности, организирани од другите здруженија, било тоа да е преку секциите, активот на жени, со нашите КУД. Организираме еднодневни екскурзии преку Комисијата за одмор и рекреација. Една од многуте карактеристики е што обезбедуваме јавност и отчетност на работата. Обезбедуваме повеќе услови за информирање, како на пензионерите, така и на целокупната јавност од градот и пошироко. Членовите ги информираме преку локалната ТВ, преку неделникот Зенит, преку изданието Пензионер плус, Пензионерски видици и други гласила.

Тоа се потврди и со Третоноемвриската награда?

– Посебен белег остави учеството на 14. фестивал за “Трето животно доба” во Љубљана, Словенија, со настапот на двете КУД од 28.9. до 1.10.14 година. Пензионерите членови на КУД “Пенка Котеска” и “Пензионер” одржаа повеќе концерти. Притоа беа наградени со бурни аплаузи на отворена сцена во “Цанкаревиот дом” и на настапите  во Домот за стари лица во Фужане. Во Љубљана посетивме повеќе културно-историски споменици. За понатамошна соработка и збратимување, контактиравме со претставниците од Здружението во Логатец. Ваквото работење на сите полиња и активностите на пензионерите придонесоа да бидеме меѓу најдобрите и да ја добиеме плакетата на Прилеп, “Трети ноември”.

На што најмногу се задоволни пензионерите?

– Во зависност од здравствена состојба на пензионерите, такви се и желбите за активности. Одморот и рекреацијата е најомилена активност на членовите. Пројавена е голема масовност за учество на екскурзиите и другите акции, организирани преку комисиите. На екскурзиите, пензионерите меѓусебе се запознаваат, дружат и разменуваат убави мигови од животот. Во годинава што изминува, организиравме 8 редовни екскурзии со по 180 учесници и 5 екскурзии со по еден автобус, организирани од исто толку ограноци. Или вкупно на екскурзии беа преку 1500 пензионери. На 100 пензионери им обезбедивме петдневно летување во Охрид. Годинава организиравме неколку екскурзии во странство, во Врање и Врањска бања, во Лесковац, Романија со посета на Букурешт и други градови. За здравите и помладите пензионери омилена активност им е спортот. Пензионерите во последниве години постигнуваат забележителни резултати во спортското дружење и учествуваат на регионалните и републичките спортски натпревари. Резултатите укажуваат дека луѓето од третата доба не се за потценување. Последниве две-три години пензионерите, спортисти се втори или трети на спортските натпревари организирани преку СЗПМ.

Дали ги помагате болните пензионери или оние со ниски примања?

На 204 пензионери од оваа категорија им беа доделени 900 илјади денари за еднократна неповратна помош, а на 57 пензионери им беа дадени 200 илјади денари за бањско и климатско лекување. Беа распределени и 100 социјални пакети од по 1000 денари на исто толку пензионери.

Како им се разубавува животот на пензионерите?

– Преку Комисијата за културно – забавен живот, членовите учествуваа на повеќе културни манифестации, организирани во Прилеп или во други градови од други здруженија. Нашите две КУД се “амбасадори” во вистинска смисла на зборот. Активот на жени учествува на повеќе културни и други манифестации или организираат концерти во Прилеп. Се организираат предавања за здравствената заштита, екскурзии и излети, литературни читања и други активности.

На кое поле пензионерите ќе бидат најактивни в година?

– Ги изготвуваме програмите за активностите за идната година. Планираме повеќе активности од повеќе области во зависност од расположливите средства што ќе бидат остварени в година. Покрај редовните активности што ги имаме секоја година, во годината што доаѓа, ќе озбебедиме 500 илјади денари за превоз на пензионерите со автобусите од Градскиот сообраќај низ градов. Секој пензионер ќе биде обезбеден со по 300 денари за 70 патувања со градските автобуси. А другите активности ќе ги предлага секоја Комисија со програмата што ќе ја одобри Собранието.

Што ќе барате идната година преку централната асоцијација?

– Во 2015 година посакуваме здравственото осигурување да можат да го користат сите пензионери во Македонија, да можат да се лечат бесплатно, да не постои ограничување до 12000 денари  примања. Бидејќи сите пензионери при работењето плаќале придонес за здравствено осигурување. Посакуваме редовно усогласување на пензиите на шест месеци, бидејќи инфлацијата и поскапувањата ги подјадуваат пензиските примања, посебно пониските. Посакуваме и зголемување на пензиите со повисок процент и редовна исплата.

Предновогодишна веселба

Предновогодишната веселба на пензионерите со гости од неколку здруженија беше повод да им се доделат благодарници и награди на најуспешните спортисти годинава и на учесниците на 14. фестивал “Третото животно доба” во Љубљана.

Дружење имаа околу 300 пензионери во ресторанот Липа. Со дел од репертоарот ги почестија колегите и од Битола, Кичево, Крушево, Кавадарци и Македонски Брод, КУД “Пенка Котеска” и КУД “Пензионер”.

Спортистите беа најдобри на регионалните натпревари, а трети во Македонија. Најдобри членки на стрелачката екипа беа Вера Димитриоска, која е најдобар стрелец со воздушна пушка во Македонија, Трендафилка Грнчароска, Данче Кочоска и Менка Ангелеска. Наградени беа и Симон Цветкоски за освоен сребрен медал во тробој и Славица Јованова за второ место во табла. Сите добија  парична награда од по 4 и 3 илјади денари. Благодарници им се доделија на членови на КУД “Пенка Котеска” и “Пензионер” и по едно ЦД снимено на фестивалот во Љубљана.

Loading