ЗА БЕЗЛИЧНИОТ ГЛАГОЛ “ТРЕБА”

ivce1Постои таков глагол. Во многу честа употреба е. Но, со него се прават и доста грешки. Тој глагол е безличен. Не може – јас ТРЕБАМ, ти ТРЕБАШ или пак ние ТРЕБАМЕ. Во сите случаи тој останува таков каков што е – ТРЕБА. Ќе речеме “ТРЕБА да направиме куќа”. Но, и за второ лице останува ТРЕБА (не требаш) да направиш куќа. И во множинската форма е исто – “тие ТРЕБА да направат куќа”. Рековме дека мошне често со него се прават грешки. На една телевизија слушавме разговор меѓу претседателот на Македонската академија на науките и уметностите и една новинарка. Темата нешто во врска со подобрување на квалитетот на образованието. Во еден момент новинарката вели: “да се преземат мерки кои би требале да го подобрат квалитетот на образованието”. Греши новинарката при употребата на глаголот (безличен) ТРЕБА. Реченицата треба да гласи: ”да се преземат мерки кои ТРЕБА (не требале) да го подобрат образованието”. Овде глаголот ТРЕБА е употребен во минато време но грешката е сепак присутна. И во случај да се рече јас ТРЕБАЛО (еднина) истото ќе биде и во множина тие ТРЕБАЛО (не требале). Значи глаголот ТРЕБА е главно безличен. Како личен може да се јави во посебни случаи, со дативните форми на личните заменки: ми ТРЕБАШ, ти ТРЕБАМ, ни ТРЕБАТЕ, ви ТРЕБАМЕ, му ТРЕБААТ некои на некого. Но, ова не треба да се меша со претходното каде глаголот е безличен – за сите лица се вели ТРЕБА: јас ТРЕБА (да пишувам), ти ТРЕБА, тие ТРЕБА и така натаму.

Ја споменавме пред малку Македонската академија на науките и уметностите. И тука новинарката прави грешка, голема како многу други нејзини колеги. Именките НАУКИТЕ и УМЕТНОСТИТЕ се определени. Тие мора да бидат членувани – НАУКИТЕ и УМЕТНОСТИТЕ. А новинарката вели – Македонската академија на НАУКИ и УМЕТНОСТИ. Ова е голема грешка, особено пак ако станува збор за ваква институција како што е Македонската академија на науките и уметностите.

На една телевизија, читаме на екранот најава за некои наредни емисии. Еден наслов е напишан: “По делата ќе те препознам”. Чудно е зошто се прави оваа грешка. Сме ја среќавале и во печатот. Глаголот ПРЕПОЗНАВА е од групата “a“. Идното време во прво лице ќе биде – ќе те ПРЕПОЗНААМ (со две а), а не ПРЕПОЗНАМ. Исто како ДОЗНААМ, а не ДОЗНАМ.

Имаме ли ние збор ДРМА? Да, имаме, но не со она значење што го има во српскиот јазик. Таму тој збор е глагол, а кај нас е именка. Во Толковниот речник на македонскиот јазик, а и во тритомниот пишува дека ДРМА е ниска шума составена од грмушки и разни ниски дрвја. Се наведува и пример: “Се засолнавме во дрмата”. Придавката ДРМЛИВ означува предел што е обрастен со ниска шума и грмушки. Во многу медиуми и електронски и печатни го среќаваме (погрешно) како глагол, онака како што значи во српскиот јазик.

Во една емисија на МТВ извесен историчар зборува за борбаtа на македонскиот народ против турското ропство. Подвлекува еден настан за кој вели: “Од корен ја раздрма турската империја”. Не оди ова вака. Не може да се рече дека ја РАЗДРМА турската империја. Може да ја РАЗНИША, да ја РАСТРЕСЕ но не и да ја РАЗДРМА. Рековме дека тој збор – ДРМА во нашиот јазик има сосема поинакво значење и е именка а не глагол.

Треба малку да ја РАСТРЕСЕМЕ главата, да ја РАЗНИШАМЕ. Би ни биле појасни работите.

Благоја Ивчески

Loading