УСПЕХОТ Е ПЛОД НА БАЛАНСОТ МЕЃУ БИЗНИСОТ И СЕМЕЈСТВОТО

Ljubov kon rabotata,  samoodrekuvanja i otsustvo od doma - Kiril SamardzioskiКирил Самарџиоски

Заради успешно раководење со Прилепската Пиварница, која од мала фабрика со мануелно производство прерасна во капацитет што е еден од најсовремените во својата бранша во Македонија, препознатлив бренд на градот, добитник сте на наградата за животно дело која се доделува по повод 3-ти Ноември, денот на ослободувањето на Прилеп. Која е цената на успехот?

– Пиварницата ми даде сé, а јас колку, не знам, други треба да кажат за тоа! Непходно е знаење, второ да ја сакаш работата, да си зададеш цел и да ја исполниш, а кога ќе зададеш задача да бараш повратна информација дали е извршена. Тоа беа принципи кои ги практикував. Сериозен дел од времето посветив на мотивацијата на работниците, затоа што сметав дека мотивацијата е сериозен фактор за успехот на компанијата. Во минатиот систем, имавме ограничени можности на мотивацијата и санкциите. Покрај основната плата и стажот, внесовме посебна категорија на личен доход наречен стимулативен дел, кој што изнесуваше 50 отсто од основната плата. За да се добиеше стимулативниот дел, вработените требаше да исполнат одредени услови кои што беа таксативно набројани, а усвоени од органите на управување. 

– Од мануфактурна работилница со коњи и дрвени буриња, стигнавте до совршена технологија со која се произведува пиво кое нема допир со надворешната средина. Која е жртвата што ја направивте?

– Заради огромната љубов кон работата мора да постои самоодрекување, присуство на работа, на службен пат, отсуство од дома. Бизнисменот треба да прави баланс. Треба да се рационализира времето, да се постават приоритети. Ако има несредени работи дома, нема успех. Сега гледано, сум успеал да ги балансирам двете нешта.

– Го остваривте ли Вашиот сон за Пиварницата?

– Најнапред се трудев основната егзистенција да ја обезбедам, а потоа престиж, иако имаше конкуренција, нечесни игри кои паднаа како кула од карти. Но сепак истите ја трошат енергијата на секој бизнисмен. Задоволен сум од ова што го гледам, ако останев се уште директор, сигурно дека пиварницата немаше да биде ова што е денес, мојата енергија беше на залез. Човекот се троши и не случајно по 40 години работа е за во пензија. На 16 мај 2007 г. отидов во пензија, а пред еден месец им соопштив на моите за одлуката. Пред пензионирањето, му оставив дваесетина “златни” правила како аманет и сметав дека подобро ќе ја водат фирмата со интерес и љубов. Ги третирав како и сите други вработени. Не е демагогија, туку еднаквост и дисциплина. Фирмата во 2007 г. беше на здрави темели, без долгови. И сега, после 7 години, е така.

– И по седум години во пензија, секој ден сте во Пиварница? Зошто?

– Пиварницата е мојот втор дом, во која што го поминав поголемиот дел од мојот живот. Не е едноставно човек лесно да се одвикне. Сега ми е тешко да се вратам меѓу пријателите. Не можам да одам ниту во пензионерскиот клуб, оти не се чувствувам како пензионер. Овде, не сум нем набљудувач. Заради преголемата ангажираност и посветеност по 10 – 12 саати, жалам за младоста и за друштвото. Но, добив сатисфакција со успехот на Пиварницата. Ако сум бил на работа, сум пропуштал имендени, забави и дружења со другарите и пријателите. Но каде што јас сум бил, тие не биле. По покана од компанијата Пепси Кола сум бил двапати во САД, на Хаваи и во Лос Анџелес. Сега се намалуваат желбите, апетитите и кондицијата за патување. Сакам да ја видам, на пример Москва. Сега сум активен, пишувам “Сеќавања за Пиварницата”. Ме служи меморијата и напишав обемен материјал.

– Тоа ќе биде монографија за Пиварницата, но ќе биде ли и прирачник за бизнисмените?

– Во хронологијата на Пиварницата, се навратив од времето на бившите сопственици, наследници. Во процесот на приватизација доставија документи – договор од семејствата Грдановиќ и Домлевиќ – Браќа Јована Грдановиќ и компани, тоа биле Милан, Спиро и Ѓорѓи. Татко им донел пари од Америка и направиле прв индустриски капацитет во 1924 г. Домле им бил братучед. Најдов тапија со која ја купиле нивата од Турчинка од 1850 г. Имам фотографии од бившите сопственици и многу други интересни документи. Внесени се факти од начинот на договарање, зделки од кои многу сме искористиле, но и грешки кои се направени. Интересни податоци.

– Кога  полесно се менаџира – сега, во услови на демократија или тогаш? Истата институција која што Ве смени во 1982 година, сега Ве награди?

– Системите се спротивни. Сопственоста немаше титулар. Општественото беше ничие, но не сум оставал недовршена работа. Велеа дека Самарџија се однесува како да е негова фирмата, но претставникот од Општинскиот комитет рече дека е добро што се грижам и ја чувствувам така Пиварницата. Се натпреварував со конкуренцијата. Менаџирањето е можно и лесно, и сега и тогаш. Климата, сега е неспоредлива. Не бев послушен на партиските директиви. Не дека не сакав или заради препотентност, туку оти немав време. Состаноците ми го губеа времето. Јаловите состаноци не беа плодотворни. Им стрчев. Демагогија беше преку општественото да се добие личното. Сега, колку ќе заработам, толку и државата ќе добие. Предност за менаџментот сега е независноста од политичките одлуки.

– Како останавте на страна од политиката? Не бевте пратеник, ниту кандидат за градоначалник?

– Се трудев да останам настрана, бидејќи нашиот производ не трпи политика. Бев член на КПЈ како студент. Бев 4 години делегат и во општествено политичкиот собор. Кога почнав да работам, видов дека не може да одат двете работи. Можеш да имаш симпатија. Но, не смееш да имаш извршна функција како политичар. Политиката и бизнисот е краткорочна работа, која е како бумеранг.

– Прилеп се гордее со Прилепската пиварница? Сите официјални гости на градоначалникот доаѓаат во посета кај вас?

– Драго ми е што градоначалникот оцени дека сме вложиле за градот. Сме давале по 10 денари од шише за изградбата на болницата, за водоводот, за спортска сала на двапати, сме давале на верски храмови, помагаме со стипендии на високо образовните кадри, во едукација на лекари во светов, финансираме образовни, културни институции, спонзорираме театарски фестивал… Едно од моите правила е Пиварницата да биде пристоен донатор.

– Сакате ли да оставите споменик, освен овој – производствениот капацитет? На пример славина со пиво да има во секој дом?

– Имав желба да го обновиме Кермес со пивница, стариот подрум во пиварницата сакав да биде ресторан од затворен тип. Но градежно не беше изводливо. Се радувам и на Пивофестот, иако не сум чест гостин. Го поддржувам и е заштитен знак за градот. Имам деловни пријатели кои доаѓаат секоја година.

– Колкупати сте се исплашиле, сте имале деловни стресови, моменти на носење одлуки?

– Важам за храбар човек, но стресна беше инспекциската контрола во 1995 г. за единиците концентрат од Пепси  и Мириндите. Го решававме спорот и на суд. Втор стрес беше проблемот со универзалната празна амбалажа која некои ја сметаа за нивна. Ја докажувавме индустриската сопственост врз шишињата дури 16 години на суд. Спорот со надомест на штета од нераспределба на дивиденда што е како онаа народната “Ако падне теслата, ќе го отепа детето!”. Одлуките се легитимни. Имаме инвестирано близу 20 милиони евра од 2008-2012 г. Тоа се стресни моменти! Се плашам само од Господ, опстојувам исклучиво со Божја промисла. Здрав сум, јадам како сите работници. Ништо специјално. Се вели дека од земја сме родени, во земја ќе се вратиме со празни раце. Остануваат само пријателствата и сеќавањата. Сум оставил нешто за паметење. Тоа е успешно завршена мисија. И од смртта не се оптоварувам. Си велам дури сум жив, да сум здрав.

– Нема место во бизнисот за сентименталност, важевте за строг човек?

– Без дисциплина нема ефекти. Тоа ми дава сега сатисфакција. Дисцпиплината не е изживување, диктатура, садизам. Тоа не ми е својствено. Мислам дека сум правичен и бескомпромисен. Секоја направена грешка, треба да се надомести. Се скрши палета со пиво, работникот ја плаќа штетата. Тоа се моите принципи кои важат за сите. Без труд и дисциплина, нема ништо. Среќен сум кога немам долг.           

– Имавте ли време за хоби?

– Во три мандати бев во раководството во фудбалскиот клуб Победа. Бев и недисциплиниран, но за градот и за љубов за Победа правев сé. Дури преку меници му помагав на клубот со фирми.

– Да имате пред Вас, пак 40 години по 365 дена, дали повторно стилот на работа ќе биде ваков?

– Пак ќе се определам за овој принцип. Некои киксови не би ги повторил, од кои дел можеби беа од инает, а некои од незнаење. Има администрација која игра пинг-понг. Сум губел енергија непотребно со судските спорови. Не е играчка тоа, не се само овие 250 фамилии. Туку има и дистрибутери низ државава. Не можам да ја напуштам Пиварницата. Животот сум го дал, повеќе сум овде отколку дома. Инвестирав и во наследниците, во нивното знаење и сега се гордеам.

ОД МАГАЦИОНЕР ДО ДИРЕКТОР 

– Како се вработивте?

– Бев стипендист на Жито Прилеп, првите две години општината, а потоа тие. Во 1966 г. ме праќаа на специјализација, иако не земав плата, ме ослободија од обрската да останам кај нив. Имаше место во Пиварницата. Сам отидов дури и во Комитетот, без препорака од структурите. Бев храбар, но и културен, интелигентно упорен. Тоа беше одлучувачки момент. Првото работно место ми беше магационер. Иако бев со факултет, издавав пиво. Станав раководител на точилницата, мануелна работа, цел ден ќе се опијаниш од миризбата. Ми се враќаа нозете кога одев. По војската, конкурирав во Стаклара во Скопје. За љубов за мајка ми, се откажав. Многу ја сакав и таа мене. Ќе и пишев писмо, и како трето, последно дете, во писмо ќе ми пуштеше илјадарка за секој положен испит. Татко ми ми рече “каменот каде лежи, таму и тежи”. Технички директор во 1972 г. станав со помош на новинарите. Во подрумот давав интервју дека на пиварницата и треба кадар и се заинтересираа борците. Станав шеф на лабораторијата, па на производство, па во 1975 г., од 1 јуни, генерален директор. Сум зел и од татко ми на заем, за пантолони да си купам, а бев инжинер. Во Сладара се судрив со финансиски проблеми итн. Но успеав.

СУДИР СО КОНКУРЕНЦИЈАТА

– Остана потегот на Инвест банка како настан во стопанските кулоари? Што се случи?

– Во 1995 г. Пиварницата се приватизира по македонските закони, а процесот почна 1990-91 г. по законот на Анте Марковиќ. Околу 57,5 насто беше на вработените, а 42 отсто општествен капитал. Кога се смени законот и интерните акции станаа обични акции, да се плаќаат придонесите, се одеше по принцип на менаџерски откуп. Некои имаа по 80 – 100 акции и беа потребни по 2-3 илјади тогашни германски марки кои работниците ги немаа. Менаџерскиот тим од десеттмина обезбеди кредит и им ги плаќавме по номиналната вредност. Околу 58 насто се концентрираа во 64 лица. Во името на менаџерскиот тим, со Агенцијата за приватизација потпишав договор дека 42 отсто е општествен капитал, а за Агенцијата останаа 32 насто, дел за бившите сопственици околу 4 насто и 6 на ПИОМ. Земјиштето уште е државно. Титулар беше Министерството за финансии. Според договорот, дивидендата на акциите кои се на продажба му припаѓа на купувачот, прочитав во Нова Македонија, но Уставниот суд толкуваше поинаку. За раскинување на договорот 20 насто беа пеналите. Без дивидендата не бевме способни. Се договоривме договорот да го раскинеме спогодбено. Во 2000 г. се пуштија на продажба, иако проценетата номинална цена беше висока. Ја изразивме можеби транспаретно нашата намера на берза. Беше судбински, можеби и малку наивно. Инвест банка станаа сопственици и им честитав на партнерството. Новинар откри дека зад акциите на Банката стои Скопската пиварница. Опстанокот нé натера да бараме решение за добивање на право на управување со акциите. Но, Господ помогна. Излезот беше во купопродажба и тогаш станав уште поголем верник. Беше петок, сакав да се продадат со љубов и доверба. Се разбудив во 2 часот и ги забележав условите: да понудам иста цена, на ниеден да не гарантирам прекин и да му примам член на семејството и да не ги продавам без согласност од две третини, а ако земам повисока дивиденда од каматата, ако ги продадам, да му  ги надоместам. Сега имаме 75 насто. Тие 32 насто се расцепкани. Има околу 200 акционери, претежно странци, 25 насто Хрватска банка, Словенци, кои тргуваат со акциите наместо да ги чуваат парите во банка. Инвест банка нема ништо. Има различни шпекулации. Но, најважно е да функционира фирмата. Приватизацијата не е на штета на никој од вработените. Кога имав над 51 насто, пак им понудив да си ги купат акциите назад, ја завршив обврската, на сите им примив член и од поширокото семејство, внук место син. Задоволство ми е што ниеден не е оштетен и тоа е најголемата сатисфакција. Се направи принцип на фамилијарен бизнис и наследници.

ПОСТ ЗА ВЕЛИГДЕН

–  Верувате во Бога, Прилепска Пиварница доби признание и од МПЦ?

– Верник сум по традиција. Верата кон Бога има фамилијарни корени. Од мајка ми остана верата, а од татко ми ја научив чесноста и трудољубивоста. Иако не одам често во црква, бидејќи немам време, постам за Велигден. Особено откако сестра ми се замонаши, уште повеќе порасна верата во Бога. Тоа го увиде и Синодот ми досели награда. Таа не е моја, туку на Пиварницата, иако ми беше чест што ја примив и му врачивме слика која ја краси МПЦ. Ништо не е без Божја помош со чувство и разум. Сум ја почувствувал помошта од Бога многупати.

Loading