ИДЕИТЕ ЗА РАЗВОЈ НЕ ЗАПИРААТ

Симон Наумоски

Kupuvacite se svetost - Simon NaumoskiНаградата за животно дело, по повод З-ти Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп, ја добивте како општествено – одговорна личност и креатор на брендот на прехранбената индустрија Витаминка, препознатлив како на домашниот, така и на светскиот пазар. Тоа е доволен повод да се направи ретроспектива на 4 децениското работење во компанијата. Кои се “правилата” кои треба да ги респектира менаџерот за да ја одржува компанијата и да ја унапредува, да води развојна политика, да се бори со конкуренцијата?

– Не може да се одговори накратко. Најважно е да се постави производствена програма и да се воспостави систем на фунционирање. Да имаш производство, редовни добри набавки, пазар, добра контрола, соодветен асортиман да í конкурираш на конкуренцијата, да знаеш што сакаш со компанијата, и сега и во иднина, дали сакаш да бидеш компанија на еден локален простор или да одиш надвор од границите на државата. Претходно, нужно е да се има обучен кадар со своја дневна работна обврска, но и да се знае фунцинирањето на конкуренцијата. Неопходно е да се размислува и за развојот на компанијата, оти само простата репродукција на компанијата, порано или подоцна, води кон затворање и ништење на целта. Еден од најважните сегменти е менаџирањето со обртниот капитал, да се заработува со сопствени финансиски средства, а до максимум да се избегнува тоа да се решава по пат на земање на кредити, за да може обврските кон добавувачите и исплатата на личните примања на вработените редовно и во полн износ да се исплаќаат. Тековно, кога тоа ќе се оствари, може да се размислува за опрема, да се креира развој, но во рамките на можностите. Тогаш компанијата фаќа чекор во развојот и добива физиономија како признат добар сопственик, која пополека станува ценет играч на пазарот, и од купувачите и од конкуренцијата. Таков начин да се практикува, посебно младите стручни кадри, за да можат да успеат во животот. Ако било поинаку, Витаминка не би била она што е денес. Тоа е единствениот начин и пат кој го практикуваме и дали е успешен или не, може да цени секој, и во и надвор од компанијата. А секој што смета дека е исправен нека повели да го применува.

Се зафативте со прехранбена индустрија. Колку беше тешка таа битка секојдневно со рок на производите, со нови производи барани на пазарот и така повеќе од 40 години?

–  Изработуваме крајно детален и прецизен годишен план за работа за сите сектори, за сите потреби, финансиски – производен, во кој во детали до совршенство ги регистрираме трошоците и тоа е супер водилка. Предвидуваме и пуштање на вонплански производи, нови производи кои можат да се пуштаат во производство на постоечките линии и да бидат интересни. Тоа го правиме со претпоставките кои досега биле сосема реални. Со новите производи, евентуалните пропусти на пазарот ќе ги покриеме приоритетно, или ако нема нарушувања би добиле дополнителни позитивни ефекти. Витаминка е една од ретките компании со доста комплицирано производство, со 16 производствени големи линии, со 395 асортимани, а со кои настапуваме во 40 земји. Сето тоа се прави со 620 вработени, доминантно стручни лица, со пресметки, со еден поставен систем на функционирање од поодамна, но никогаш не дозавршен. Тој систем е динамичен, бара корекции, ажурирање, проверки. За нас, крајниот потрошувач е светиња, Бог, без разлика дали е од Витолиште, од Албанија или од Њујорк. Кон секој потрошувач имаме ист однос, квалитетот секогаш е на максимална висина, релативна ниска прифатлива цена и редовна испорака.

Комплицирано е да се менаџира со луѓето. Како да се изберат најдобрите?

– Работата со луѓе е една од најтешките работи кои денеска постојат, посебно ако се занимаваш со производство. Пред 2-3 години го затворивме производството на пастеризирани прозводи – корнишони, пиперка, ајвар, оти иако работевме повеќе од 30 години на тој асортиман, во последните 10-ина години сето производство ни носеше слаб ефект, а ни врзуваше сезонска работна рака. Мора да го намалуваме асортиманот, тоа ни е концепирано и така ќе тераме, оти во фабрикава во изминативе години со разговори и активности со целокупниот колегиум, како инженери, економисти и друг тип на кадри, ја дефиниравме стратегијата на долгорочно работење и развој на Витаминка во кои 4-5 правци ќе оди. Ќе редуцираме некои производствени линии, за да имаме повеќе средства и луѓе, а и да посветуваме повеќе внимание на оние производи што имаат многу подобра перспектива. 

Имате уште енергија, која верувам сите овие години ви беше моторна сила. Од каде ја црпите? Друго е кога човек тука-така е во некоја професија, а друго е кога тоа го прави од срце, од душа, и секој ден?

Дојдов на работа во Витаминка, во фабрика во која имаше еден производ, мелен црвен пипер, пиперна со страотни проблеми и финансиски последици. Со соработниците, од кои повеќето останаа до пензија, “грабнавме” да градиме. Предизвик беше за млад човек да стане директор на компанија во загуба. Државата (партијата) те поставува на функција и ќе сториш сé за компанијата да излезе напред. Имав цел, она што сум го учел, без ничија помош, сам сум вложувал труд, никој не ми помогнал на технолошкиот факултет во Скопје. Потекнувам од татко службеник во пошта, мајка производител на тутун, на кои сум им вечно благодарен што ми помагаа да изучам. Се фатив со предизвикот, не водејќи сметка за работното време, читајќи многу, барајќи на пазарот тоа што е интересно да се виде, правејќи сметка за компанијата. Постојано барав решенија, тековни и развојни. Бев локомотива што влечела, но соработниците биле тие што ме следеле и ценеле дека тоа што сум го барал е исправно, па од година во година многупати сме креирале развој на Витаминка, асортимани и го постигнеме она што денес го имаме. Ако се вратиме назад и погледнеме што сме пуштале во Витаминика за да опстанеме, се чудам како сепак сме изминале. Покрај киселиот програм, инвестиравме и преработувавме шумски печурки за да обезбедиме девизи. Купуваме и вишни од пазарот и ги преработувавме во лименки како компот, урнебес во тегли итн. Преку ноќ развивме два специјални напитоци за војската во Југославија. Не знам што уште не сме правеле, но сето тоа со план, со есап, со пресметки на пазарот, домаќински. Многу посветувавме внимание, и тогаш и ден денес, на нови производи за да извадеме дополнителен профит за живот на фабриката. Така е создаден и погонот за чоколадирани производи – чоко стоби флипс, цела една серија. Имаме крајно актракивен производ, чиј пласман од година во година нагло се зголемува. Развојот на компанијата и водењето е исто како да одиш по жица поставена над провалија, но некогаш жицата е доста дебела па си постабилен, некогаш е претерано танка и секогаш постои опасност да отидеш во неврат. Сепак, една од клучните одлуки, е во 94 година, пред 20 години, кога рековме стоп на компаниите, без разлика дали се роднински, пријателски, кои редовно не ги подмируваат финансиските обврски кон нас. Работата со многу странски компании ја осигуруваме преку Македонска банка за поддршка на извозот. Системот така сме го изградиле и фунцкионира како што треба. Немаме проблеми со ненаплата.

За да биде Витаминка она што е, сигурно страдале семејните односи, сте биле посветен 20 саати на работата. Кај секој бизнис, така речи е нормално, кај некои повеќе, кај некои помалку. Како ги балансиравте тие односи во семејството и бизнисот?

– Човек кој е на висока позиција, ако се фатил за оро, мора да го игра како треба и убаво да го игра. Играњето на орото бара одредени жртви. Работата која што ја водам и сум ја водел низ животот, сигурно барала жртви. Првин страда сопственото здравје, но и фамилијата. Среќна околност е ако сопругата соодветно ги преземе обврските кон децата, тие нема да страдаат на крај, што во мојата  фамилија така било и е остварено. Сигурно половина од својот животен век го имам поминато неприсутен дома. Сигурно сум имал јака поддршка од моето семејство. Време да им помогнам на децата во учењето многу сум немал, скоро ич. Животот тече, децата растат, и во некои нивни најкритични проблеми, си можел да им ја дадеш помошта, а си немал време. Работата на еден директор, посебно на една поголема компанија, не е во 8 саати. За да го постигнеме тоа што треба, со соработниците, премногу од времето кое требало да го поминеме со својата фамилија, сме го жртвувале да го имаме она што денес го имаме.

Нова екипа има Витаминка. Дали се разликуваат вашите навики од оние на младите соработници?

– Тоа е врвен кадар на директори на сектори. Раководството што ја водеше и градеше Витаминка, природно ги напушти своите места поради пензија и сега сето е со млади кадри, најстариот од раководството има 48 години. Само дел од старите кои се пензионери, останати сме на позиција како соработници со цел да се завршат некои активности за развојот, а некогаш и да се даде помош во тековното производство. Ќе беше катастрофа одеднаш да им препуштиш на младите лица кои го немаат искуството, зафатите да бидат квалитетно и навреме завршени од инвестиционен план или разрешување на одредени технолошки проблеми. Денес во Витманика врвното раководство со новите кадри фунцкионира без проблеми со мали поткрепи од наша страна.

Во новиот модел на управување има и млади луѓе од други компании и институции. Сакаат да соработуваат меѓусебно подлабоко?

Пред година или две имаме нов модел – борд на директори, едностепен, со неизвршни и извршни членови. Едногласно го променивме статутот, со единствена цел да биде поефикасен бордот на директори. Соработниците во бордот се успешни во градов од помладата генерација. Повеќето одлуки се во оперативна фунција на генералниот извршен директор со дирекорите на сектори, а на бордот на директори има доста крупни зафати. Се ослободија од состаноци да посветат повеќе внимание на тековното работење. Директорите на секторите кои порано беа членови на управниот одбор, сега, наместо на состаноци, повеќе се во тековното работно место, со своите соработници.

Признанието е од Локалната самоуправа?

– Добитник сум и на државната награда “11 Октомври” за животно дело во далечната 1999 г. доделена на свеченост во собранието. Но со исто задоволство и пријатно чувство, кај мене и кај мојата фамилија, се доживеа и Третоноемвриската награда за животно дело од општинава. Сé што беше од аспект на награди и признанија, ги добив, што е животна цел на секој човек кога ќе почне да оди по патот по кој сум одел, кога уште во младите години сонував нешто да бидам и да постигнам.

Општествената одговорност на Витаминка ја има на секој чекор?

Нема компанија во градов која толку многу издвојува од заработени финансиските средства за општествени потреби во поширока смисла на зборот. Не знам колку точно годишно, но во масата издвојуваме околу 4 отсто за реклами и пропаганди, каде влегуваат донации за цркви, клубови, семинари, промоции на книги, манифестации, спонзорства. Огромна маса на пари што ги одвојуваме, на прв поглед како обем, изгледаат многу големи, тешко се заработуваат, но честопати доаѓаме во ситуација дека ни требаат уште, дека многу повеќе треба да се дава. Но, малку сме кажувале во јавност. Сега имаме и сектор, кој ги следи донациите и спонзорствата и ја информира јавноста. Се трудиме колку што можеме да дадеме, да помогнеме.

Има ли нешто што не остваривте, а Ви беше желба?

– Можеби има нешто, меѓутоа сигурно доста остваривме. Имам и доста идеи и желби уште да остварам. Со желбите и активностите никогаш нема крај. Секогаш стои некоја празнина во концептите која не е доостварена. Нова идеја ќе ти дојди утре, и секој ден носи нови позитивни изненадувања. Ја следиме и конкуренцијата, сметаме дека од тоа што е наше најдобро, може да има и подобро, и на тоа поле многу работиме, секогаш купувачите мора навреме да бидат услужени и да бидат задоволени. Секогаш водиме сметка да има подобар профит од постоечкиот. Ги следиме стручните списанија за прехранбената индустрија и технологија, за да знаеме што сé се случува со технологиите во светот.

Potpisan dogovor  za stipendiranjeВитаминка стипендира шест технолози

Витаминка додели уште три стипендии на студенти од Технолошко – металуршкиот факултет во Скопје, покрај претходните три. Месечната стипендија изнесува 6.150 денари и ќе се исплаќа месечно цела година. Стипендистите ќе добијат и еднократен надомест од 9000 денари за учебни помагала и реквизити. Витаминка финансиски ќе ги поддржи студентите до крајот на нивното студирање.           

Сорабоката меѓу компанијата и Технолошко – металуршкиот факултет за вложување во млади стручни лица е почната пред три години. Практиката на стипендирање ќе продолжи и во следнииот период.

Loading