Вечерва изложба во ЦК “Марко Цепенков”
,,Да се истрае“ е тематската изложба од Марија Конеска, што ќе биде отворена вечерва од 19 часот во галеријата на ЦК. Се работи за серија на графики со ликови за кои, како што вели авторката, сите ги носиме во себе.
– Истрајни, според македонскиот речник, има две значења. Прво, да се издржи до крај, да се истрпи, а второ, некој кој е упорен, настојчив. Го пренесувам секојдневниот предизвик на сите да се истрпи за да се биде дел од средината, да истрпиш да бидеш свој. Затоа што понекогаш нема избор. Сé се сведува на борба, а најтешка е со самите себе. Секогаш остануваат зборови недокажани, мисли запрени и погледи изгубени… Сй поминува, а на крај пак треба да останеме свои – вели авторката.
Конеска дипломирала на ФЛУ во Скопје, оддел графика. Имала една самостојна изложба, а учествувала на повеќе групни. Постдипломец е на ФЛУ – сликарство, во класата на Антони Мазневски.