СУДСКИ ИЛИ СУДИСКИ ИМУНИТЕТ

ivce1Притворени биле неколкумина судии. Никој не го исползувал својот имунитет. Не навлегуваме во судската проблематика, бидејќи ништо не ни е јасно од таа област. Нé интересира друго. Една госпоѓа (не знаеме во какво својство е) објаснува за притворањето на судиите. Вели дека никој не сакал да се повика на својот СУДСКИ имунитет. Значи, судиите имаат имунитет. Госпоѓата вели – СУДСКИ имунитет. Токму тоа нé заинтересира. Зборот СУДСКИ. Размислуваме и дојдуваме до заклучок дека е погрешно употребен. Постои именка СУД, но постои и именка СУДИЈА. Зборот СУДСКИ е придавка. Но, на кого или на што се однесува таа? Дали на судот или на судиите? Можеме да чуеме – СУДСКИ процес, СУДСКИ трошоци, СУДСКА постапка, СУДСКИ извршител. Во сите случаи придавката СУДСКИ се однесува на СУДОТ. Но, дали е исто и со СУДСКИОТ имунитет? На кого се однесува тој? Дали на СУДОТ или на СУДИИТЕ? Се разбира дека на СУДИИТЕ. Тие имаат имунитет. Како ќе гласи тогаш придавката, СУДСКИ или СУДИСКИ? Штом се однесува на судиите, тогаш тој е СУДИСКИ имунитет. Ќе приведеме и еден друг пример кој оди во прилог на ваквата констатација. Судии има и во спортот. Во фудбалот. Судијата некогаш досудил најстрога казна, пенал. Но, можел и да не ја досуди. Фаулот не бил груб. Во ваков случај велиме дека станува збор за СУДИСКО уверување. Значи СУДИСКО а не СУДСКО. Тоа е уверување на СУДИЈАТА а не на СУДОТ.

Заклучокот е дека односната госпоѓа погрешно го употребува зборот СУДСКИ имунитет. Прво помисливме дека можеби тоа беше случајно, но таа го повтори повеќепати. И така : СУДСКИ – што се однесува на СУДОТ, СУДИСКИ – што се однесува на СУДИИТЕ.

Еве уште неколку грешки. На некоја од телевизиите, гледаме разговор на новинарка со гувернерот на Народна банка. Изнесува гувернерот повеќе податоци од областа на банкарството. Новинарката често упаѓа со свои прашања. Има дури и определени свои коментари. Во еден момент употребува ваква реченица: “Тоа е главна КАРИКА”. Сме ја слушале и во други случаи оваа грешка. Во македонскиот јазик не е КАРИКА , туку АЛКА.

Раката на срце, во весниците има помалку грешки отколку на телевизиите. Но, не се ретки и таму. Во еден дневен весник читаме наслов со крупни букви: “Кацин е политички манипулатор и србомрзец”. Ни го сврте вниманието зборот СРБОМРЗЕЦ. Тоа е сложена именка, формирана од именка и глагол. Но, глаголот во нашиот јазик гласи МРАЗИ, а не МРЗИ. Според тоа, именката треба да гласи СРБОМРАЗЕЦ, а не СРБОМРЗЕЦ. Се сака да се кажи дека Кацин ги МРАЗИ Србите, а не ги МРЗИ.

Српскиот глагол ПРОДИРА го среќаваме мошне често во нашите медиуми. Читаме нешто околу загадувањето на воздухот во Скопје. Објавена е и табела од која се гледа каде, на кои места, колкава е загаденоста. А во насловот читаме: “Сонцето послабо ПРОДИРА во Лисиче и Гази Баба”. Македонскиот глагол гласи ПРОБИВА (се), а не ПРОДИРА. Оваа грешка ја слушаме, речиси, редовно, кога ја следиме прогнозата за времето. Редовно се вели дека се очекува ПРОДОР (наместо ПРОБИВ) на ладен или топол воздушен бран.

Испуштањето на предлогот СО во одредени ситуации стана редовна појава. Ќе цитираме дел од напис во дневен весник: “Пожелно е да се вакцинираат хроничните болни и постарите лица, согласно препораките на СЗО”. Согласно СО препораките на СЗО. Така треба да гласи реченицата. Но, во нашава јазична практика, многу нешта гласат како што не треба да гласат.

Благоја Ивчески

Loading