БРАТ БРАТА НЕ РАНИ, АМА СО ПЕСНА ГО ХРАНИ

Во составот на Октетот Прилеп членуваат две рала браќа

– Браќата Илиески и Ачкоски ем што ги врзува крвта што вода не бидува, туку музиката е невидливиот синџир кој не се кине

Dvajca po dvajca braka muzicari - Ilieski i AckoskiМузиката, песната која се рони од грлото и тактот кој го разигрува срцето се моќта која дури половината од прилепскиот осумчлен состав, ги држи поврзано двата чифта браќа. Освен што низ жилите им струи иста крв, браќата Илиески и Ачкоски се поврзани и со заедничкото хоби, пасијата за ритамот и мелосот. Велат крвта вода не бидува, ама музиката ги спојува двете рала браќа за кои храна е музиката.  

Во октетот, кој го носи името на градот, а неодамна го прослави 20-иот роденден, такаречи, двајцата браќа Илиески и двајцата браќа Ачкоски се “душата” на музичкиот состав. Браќата музичари се доказ дека генот се наследува, се носи во жилите, оди по крвата во која нотите “пливаат” со силен жубор во интересна комбинација. Музичката тајфа, која ја негува староградската песна, во себе ја крие братската љубов, но и меракот кон музиката, страста која не е двојна, туку четворна. Не само двајца браќа, туку двапати по двајца, задоени се со музиката, стануваат и легнуваат со песната на усните и ритамот на прстите. Тоа се Никола и Илија Илиески и Дејан и Кристијан Ачкоски.

Музички тандем

Негувањето на “братската жица” тргнало од 2002 година, кога браќата Никола и Илија Илиески во музичкиот состав дошле во “пакет”, како замена за двајца членови кои починале во сообраќајка. Постариот Никола го повлекол помалиот Илија. Во она во што не успеал да го убеди тогашниот музички раководител, успеал постариот брат кој морало да се послуша.

Во октетот, Никола Илиески се приклучил практично на иницијатива на Илија Јанчулески. Веднаш прифатил, оти му се допаѓал стилот и начинот на пеење на староградските песни. Ретко кој можел да се вклопи, оти музичкиот состав барал нешто посебно. Секој од осумте души да си го отпее својот дел, а сите осуммина да звучат како едно, точно и правилно, да се слеат во музичкиот аранжман кој ќе измами аплаузи.

– Мораше уште еден глас да пее, а брат ми Илија беше понуден од починатиот раководител Слободан. Него го одби, а мене ме послуша да пееме заедно – исти гласови, басови, кои се ретки. Искуството е убаво, тој е помал, па му сугерирам на грешките. На почетокот првпат се соочувавме со таков стил на пеење, оти друго е да пееш народна песна, слушајќи од радио, а друго е да пееш по ноти. А и таков склоп да се направи – четири гласа од осум души, не е едноставно. Сега сме поквалитетни, благодарение на новиот лидер, Дејан – вели Никола Илиески.

Илија признава дека брат му го кандисал во октетот.

– Уште во 1998 година Слободан Костоски, кој беше шеф на Октетот, а ми беше шеф и во ЈП “Пазари”, ме викаше, ама не бев заинтересиран. По неколку години не можев да му кажам не на брат ми. Еве, тука сме 12 години заедно двајцата. Задоволство е членството во музичката “фамилија”. Не е тешко со братот во иста музичка група. Постар е и “ми го чува грбот”. Ми укажува и на некои пропусти, оти е поискусен. Ги прифаќам неговите забелешки – вели Илија.

Историјата се повторува по 11 години. Во недостиг на “персонал”, нов пакет браќа се приклучува на составот во 2013 година. На октетот му биле потребни двајца членови – прв тенор и замена за пензионираниот уметнички раководител. Позициите ги зазеле Дејан Ачкоски, како раководител, а брат му Кристијан како редок вокален глас. БраЌата не биле без музичка традиција. Имале корен 15 години во групата Терирем. Сега искуството го вградуваат во староградскиот состав. Дејан ги пишува аранжманите и го води октетот. Може и да пее, но тогаш нема да бидат октет, туку нонет, а и ќе нема кој да диригира.

– Октетот нé привлече уште лани кога првпат, со нашата група Терирем, имавме заеднички проект – песната “Генерациска”. Оттогаш соработуваме, а набрзо потоа со брат ми Кристијан станавме и членови – вели Дејан Ачкоски.

Кај Кристијан, “бетер”. Како што ќе му свири брат му, така Кристијан пее.

– Цел живот, и дома, па и во претходната група го слушам брат ми, кој е шеф на октетот. Си реков, како брат, можеби ќе имам привилегии. Напротив, ме контролира на секоја “нота”. Помал сум четири години и морам да слушам. Не само јас, туку има уште седуммина покрај мене – вели Кристијан.

Ноти во жилите

И едните и други уште од мали нозе се со музиката. Постарите  браќа, Никола и Дејан, биле музички потковани, со поголем ќеф и дарба за инструменти. Никола пеел и свирел виолина од шест години. Дури завршил нижо музичко за виолина, а пеел и во училишните хорови. Дејан свири хармоника од седум години. Едното рало браќа пеело аматерски, по куќи, на слави, низ дома си слушале радио и си потпевнувале, а постариот, Никола, дури и по свадби одел да пее. А другиот чифт браќа, Ачкоски, од помали биле “професионални”, имале нивна група. Дејан свирел и хармоника во групата Прилепски мерак.

– Одговорност е да се биде дел од октетот, фунционираме како целина, не како единки, поединечно. Секој има своја задача и секој треба со секого да биде согласен. Инаку нема да звучи – вели Кристијан Ачкоски.

И кај едните, и кај другите браќа, проработила генската жичка.  Во крвта ја носат и музиката преку нивните родители, кои им ја пренеле не само љубовта, туку и дарбата. Не за џабе рекле “крушата под круша паѓа”.

– Секој само се “научи” да пее. Татко ми е починат. Пееше убаво, а мајка ми сé уште пее убаво. Талентот е наследен. Генот се пренесува. Но, со вежбање, негување на дарот, сме го стекнале она што го имаме денес. За членување во ваков состав нужно е да се звучи професионално. Со работа се постигнува многу. Не сме професионалци, но се стремиме – вели Никола Илиески.

И Ачкоски се од музичко стебло.

– Имаме дарба од двете страни, и по мајка и по татко. Од кај мајка ми, го наследивме музичкиот ген од баба ми, сестрите Николоски што снимаа на Радио ТВ Скопје. А од татко ми, имаме директен ген. Тој цел живот е вокален солист на групата Прилепски мерак – вели Дејан Ачкоски.

И останатите членови, иако не се во крвно сродство, музиката ги врзала во посилна “роднинска врска”. Со раководителот се деветмина, ама исто како едно да се. Сите ги грее слога и почитување, без разлика дали се браќа или не.

Loading