ТАРУН – ТАРУНЧЕ

ivce1Да се потсетиме на еден подзаборавен збор. Тарун! Ретко го слушаме. Го има во речниците. Зозе Мургоски во својот Речник вели: “Тарун е дрвена тркалезна плоча за месење леб”. Само до некаде има право Мургоски. Ќе го дополниме. Тарунот не е секогаш тркалезен. Може да биде и четвртест. Може да биде од една штица, а може и од повеќе. Тој служи за месење, но не само за тоа. Служи и за сечење месо, дробење зеленчук (зелка), а може да служи и за јадење како синија. Како потврда за тоа ќе цитираме дел од романот на Стале Попов – “Крпен живот”: “Доста им осука кора, им испржи и колбаси, ги наруча сите три деца, и кога тие јадеа слатко на тарунчето на чардакот, таа ги погледна и се заврте на другата страна да не и ги видат солзите што и навреа од очите”. Значи, децата јаделе на ТАРУНЧЕТО.

Денеска, речиси, во секоја куќа, во кујната се наоѓа четвртеста штица со рачка која служи за сечење леб, месо, дробење на зеленчук и така натаму. Тоа е, всушност, мало ТАРУНЧЕ. Овој предмет ги наследил, речиси, истите својства на некогашното тарунче, единствено не го наследил името. Сега, луѓето обично го викаат ШТИЦА ЗА ЛЕБ, а многу често и ДАСКА ЗА ЛЕБ.

Сакавме да се увериме дали денешниве млади луѓе знаат што е тоа тарунче. Ни требаше таква штица за сечење леб и тргнавме в чаршија да бараме. Влеговме во една продавница со таков вид на производи. Две продавачки. Повозрасната, зафатена со некои муштерии. Ни приоѓа другата, младо девојче.

– Повелете! Што ви треба?

– Бараме некое тарунче за сечење леб, месо и друго, – ѝ велиме.

Се гледа дека на девојчето не му е јасно што бараме. Сепак, оди до една полица, зема еден кујнски нож и вели:

– Мислам дека овој е најдобар. Најмногу и ни се троши – вели девојчето.

– Ама не – велиме, – Не бараме предмет што сече, туку предмет на кој ќе се сече. Од оние четвртестите тарунчиња.

Девојчето, веќе по малку нервозно и збунето, ја повикува повозрасната продавачка која веќе завршила со другите муштерии. Ја вика:

– Дојди ваму. Чичково бара нешто, ама јас не разбирам што. Дојди разберете се.

Приоѓа госпоѓата. И таа мошне љубезно нé прашува што бараме. Ѝ објаснуваме и нејзе како на девојчето:

– Бараме тарунче за сечење леб, месо, зеленчук и слично.

– Да ви кажам право, и јас не ве разбирам – вели госпоѓата. – Ајде објаснете уште еднаш, точно што сакате.

Се поднасмеавме малку и ја прашуваме:

– Добро, не сте чуле досега за зборот ТАРУН?

– Тарун?! – се мисли госпоѓата. – Да, сум слушала некогаш од баба ми. Тоа било некоја штица на која дробеле зелки и сечеле месо. Одамна сум го слушала тоа. Сум заборавила.

– Ете гледате, – и велиме. – И предметот што го бараме ние ја има истата намена, само за жал никој не го вика така.

– Ама вие да не барате ДАСКА за сечење леб, – се присеќава госпоѓата. -Имаме како не! Еве!

– Е, па тоа госпоѓо, само не ДАСКА, туку ШТИЦА. А зар тоа не е ТАРУНЧЕ?

– Па можеби е, ама никој не го вика така. Некои го викаат ШТИЦА, а повеќето ДАСКА – вели госпоѓата.

Девојчето се смее. Вели:

– Никогаш не ќе разберев што барате.

– Дајте да ви ја спакувам – вели госпоѓата.

Ја зеде штицата (тарунчето), ја завитка во убава хартија, ја облепи со селотејп лепило и ни ја подаде:

– Еве, со здравје да се служите.

– Благодарам и се извинувам што ве измачив малку.

Кутрото тарунче! Името во историјата! Во заборавот! А тарунчето на маса!

Благоја Ивчески

Loading