ТРАМБОЛИНА

ivce1Често го слушаме овој збор – ТРАМБОЛИНА. Знаеме ли што значи? Зборот има италијанско потекло. Ќе ја прeведеме во целост дефиницијата што ја дава Зозе Мургоски во Лексиконот на странски зборови. Таа гласи: “Плоча од цврст материјал прицврстена на хоризонтална рамка со федери што гимнастичарите ја користат за скокање во височина”. Точно е. Тоа е ТРАМБОЛИНА. Многупати слушаме тој збор да се употребува и преведен. Во српскиот јазик тој превод гласи – ОТСКОЧНА ДАСКА. Таму тоа си е во ред. Но, зошто слушаме и од наши луѓе и на нашиве медиуми да се вели исто така ОТСКОЧНА ДАСКА? Сите знаеме дека именката ДАСКА во македонскиот јазик гласи ШТИЦА. Па според тоа, и ТРАМБОЛИНАТА ќе биде ОТСКОЧНА ШТИЦА. Тој израз се употребува и во преносна смисла. Ако некоја околност, некој посебен случај или повод му помогне некому да постигне успех, се вели дека тоа му послужило како ОТСКОЧНА ШТИЦА. Во една неодамнешна емисија на една од телевизиите, се изнаслушавме од водителот да вели ОТСКОЧНА ДАСКА. Безброј пати го повтори тоа. Стануваше збор за пејач кој постигнал некаков успех, а тоа ќе му послужело како ОТСКОЧНА ДАСКА за понатамошната кариера. Ако веќе не го употребуваме странскиот збор ТРАМБОЛИНА, тогаш треба ОТСКОЧНА (отскокнувачка) ШТИЦА, а не ДАСКА. Зборот даска го нема во нашиот јазик.

Неретко, слушаме, на сите телевизии како се употребува глаголот ПРИЛАГОДУВА и сите други деривати од него. Го слушаме тој збор и на многу други места и од многу други луѓе. Тој збор не е наш. Го нема во ниеден речник. Но, ете, под влијание на српскиот јазик, без да размислуваат многу, луѓето го употребуваат. Редовно го користат глаголот ПРИЛАГОДУВА (се). На македонски тој гласи ПРИСПОСОБУВА (се). На пример, велиме дека репрезентацијата ќе имала неколку тренинзи на гостинскиот терен за да се ПРИСПОСОБИ на тамошните услови. Глаголската именка гласи ПРИСПОСОБУВАЊЕ, а не ПРИЛАГОДУВАЊЕ. За жал, повеќе го слушаме погрешното отколку точното.

Цариниците кај некој патник откриле сомнителна стока. Била скриена во некој посебно ПРИСПОСОБЕН простор. Тоа било некоја ЗЕЛЕНКАСТА ТРЕВАСТА материја. Во српскиот јазик наставките кај ваквите придавки гласат АСТ – ЦРВЕНКАСТ, ПЛАВКАСТ, ЗЕЛЕНКАСТ и така натаму. Тие означуваат дека некој предмет не е баш црвен, туку приближно црвен или дека не е баш зелен туку приближно зелен. Нашиот јазик си има свои средства за означување на ваквите нијанси на боите. На пример, наспрема српската форма БЕЛИЧАСТ, ние ја имаме придавката БЕЛУЗЛАВ. Наспрема ЦРНКАСТ имаме – ЦРНИКАВ, ЦРНУШКАВ. Според тоа, српската придавска форма ЗЕЛЕНКАСТ кај нас гласи ЗЕЛЕНИКАВ, како што имаме ЦРВЕНИКАВ, ЖОЛТЕНИКАВ, СИНКАВ и така натаму. Може и ЗЕЛЕНУШКАВ, ЦРВЕНУШКАВ, ЖОЛТНИКАВ, но никако не ЗЕЛЕНКАСТ, ЦРВЕНКАСТ. Значи, откриената материја во колата имала ЗЕЛЕНИКАВА (не зеленкаста) боја, нијанса. А српската придавка ТРЕВАСТА, кај нас ќе гласи ТРЕВЕСТА. Таму, во српскиот јазик наставката е АСТ, а во македонскиот гласи ЕСТ. За жал, многу луѓе не ги знаат соодветните македонски форми. Тоа го слушаме и во телевизиските програми и на радиото, па го читаме и во печатот.

Да заклучиме! Во колата била пронајдена ЗЕЛЕНИКАВА, ТРЕВЕСТА материја.

Благоја Ивчески

Loading