БАБА УЧИ АНГЛИСКИ ДА МУАБЕТИ СО ВНУКОТ

Прилепчанката Татјана Арнаутовиќ – пример за доживотно учење

– Од љубов кон потомокот, без срам совладува јазик во седмата деценија од животот

Ljubovta kon vnukot najgolem pottik za ucenje jazik - Tatjana ArnautovikДокторката во пензија, Татјана Арнаутовиќ, инаку специјалист по детска и превентивна стоматологија, иако е во седмата деценија веќе четири години е активен посетител на курс за странски јазици. Потребата за полесна конверзација со петгодишниот внук од Англија, ја натерало и во поодминати години да се фати во костец со предизвикот да го учи англискиот јазик. После првата посета на семејството на ќерката која живее во Англија, особено откако се родил внукот, маката што не го знаела тамошниот јазик, но и љубовта кон наследникот ја натерале да се зафати со ука на туѓиот јазик. Веднаш по враќањето во градов, се запишала на курс за да биде “поткована” за чат – пат англиски.

– Љубовта кон петгодишниот внук Методија ми беше најголем поттик, оти таа е генератор. Ме разбира што му зборувам на македонски, ама тешко му е да ми врати. Се мачи да зборува македонски, па заради тоа најмногу сакав да научам англиски. А и кога отидов во Англија видов дека навистина е хендикеп. Не знаеш, а луѓе ти приоаѓаат, сакаат нешто да те прашаат, ограничен си со движењето, оти во Лондон лесно е ако знаеш јазик… Се чудеа како интелектуалец, факултетски образован човек да не знае јазикНе можатд а разберат дека мојата генерација ни на факултет не учеше јазици – вели Татјана.

Не се срами што на стари години зела да го совладува јазикот. Учењето јазик í било ем забавно, ем корисно, особено со индивидуалните часови, а не во група. Домашните ја поддржувале и охрабрувале. И од најблиските пријателки добивала позитивни коментари.

Признава дека внукот, ако има само пет години, може и учител да í биде. Ü кажува како се изговараат одредени термини, како на пример, коса, глава, нос, лице итн. Што í да го прашала тој ќе í кажувал на англиски и од него најмногу запомнувала. Сака со него да се разбере како што му е нему ќефот односно на “инглиш”.

– Зборот пандич (завој) никако не можам да го заборавам. Кога еден ден Методија си дојде од школо ми рече да си играме со пандичот… И ми покажа завој. Па кога сме заедно, седи со мене, ми зборува, ме учи на англиски што и да го прашам… На двајцата ни е интересно, ем времето заедно го врвиме, ем учам – раскажува бабата Татјана.

Во 2010 година за два месеци завршила почетен курс за основни работи – заменки, именки, кратки разговори за комуникација. Продолжила со курсот, за да се снаоѓа во ресторан, во продавница, како да се разбира. Нејзиниот англиски вели “е почетен, не е некој совршен”. Учи и дома, си купила и речник и книга на аглиски за да го збогатува фондот на зборови, за да може да состави некоја едноставна реченица. Го разбира значењето, сепак не може да каже дека го владее одлично англискиот јазик. Го користела наученото кога ќе í се обрателе соседите, но имала и случаи да ја застанат на улица, да ја прашаат за насоката, мислејќи дека таа е Англичанка, па им објаснувала. А некогаш само ќе речела “I don’t know. I am from Macedonia.”

Со внукот, редовно комуницира на скајп. Кога му зборувала на македонски, тој ги фрлал слушалките и ја избегнувал за муабет. На англиски го прифаќал разговорот и седнувал да лафи со баба си од Македонија. Често, кога од курсот нешто не дослушнала, не доразбрала, велела “Дајте ми го Методија, ќе ми каже што значи, како се изговара”.

Три пати била во Англија. Во мај ќе оди, да го чува внукот и сето она што го знае ќе го преиспита. Со учењето се чувствува исполнето, задоволно, затоа што го разбира разговорот на другите.

– Би продолжила со курсот, оти немам други обврски, слободно време имам колку сакам. Сакам да земам ЦД-а на англиски од кои доста се учи, да изодам уште еден курс, оти живиот збор ми е друго. Со една пријателка, дури пиеме кафе си зборуваме на англиски. Годините не се пречка. Би им препорачала и на другите да се охрабрат да учат јазик. И медиумите да имаат едукативни емисии за луѓето да учат јазик. Барем еден час место репризите од турските серии – вели Арнаутовиќ.

Жали што порано не почнала со совладувањето на странскиот јазик. Да знаела дека вака ќе í биде потребен англискиот, дури работела во ОУ “Кочо Рацин”, ќе одела на часови, па заедно со децата да го учи туѓиот јазик.  

Loading