Театарот гостува во Црна Гора
Ансамблот на театарот со претставата “Буре барут” од Дејан Дуковски, во режија на Наташа Поплавска, ќе гостува во Никшиќ на Меѓународниот фестивал на глумци Никшиќ 2014. Обновениот фестивал е посветен на играта и на глумците како “основа на драмската уметност и театарот воопшто”.
Нашите актери ќе играат за една од петте награди на фестивалот, Гран при за машка и за женска главна улога, Гран при за машка и за женска споредна улога и Гран при за партнерски однос на сцената.
Во претставата ќе настапи Игор Трпче, Димитар Ѓорѓиовски, Даниела Иваноска, Владимир Ѓорѓијоски, Александар Степанулески, Димитар Црцороски, Виолета Чакарова, Марјан Чакмакоски, Катерина Чакмакоска, Наташа Наумоска, Илија Волчески, Марија С. Илијеска, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски.
Музиката е на групата Мизар, костимограф е Александар Ношпал, сценографијата и видео дизајнот е на Емил Петров.
Гостувањето во Никшиќ доаѓа по успешното меѓународно претставување на Екс Понто во Љубљана, Словенија со “Швејк во втората светска војна” во режија на Мартин Кочовски, на МОТ со “Сон на летната ноќ”во режија на Нела Витошевиќ, како и настапите во повеќе македонски градови.