МОЕТО ПОСТОЕЊЕ МЕЃУ ЛУЃЕТО

Сања Јездиќ, уметник

Gi prenesuva inspiraciite od lugeto - Sanja JezdicИзложбата на интимистички дела од повеќе циклуси од Сања Јездиќ ќе биде отворена вечерва од 19.30 часот во галеријата од ЦК “Марко Цепенков”. Нашата уметница, која има завршено ФЛУ во Скопје во класата на проф. Рубенс Корубин, е и наставник во училиште во општината Долнени.

– Ги пренесувам моите впечатоци од досегашното мое постоење меѓу луѓето преку неколку циклуси “Гревови”, “Допири на денот” и “Ништо не е онака како што изгледа”. “Гревови” е составен од осум дела, на кои се претставени седумте смртни гревови и еден автопортрет. Ги претставувам човечките карактеристики носени во нас. Преку автопортретот “Јас и гревовите”, секој нека почне од својот. Пренесувам дека не се ставам над гревовите, туку дека еднакво се дел од мене како и од секој друг. За жал, гревовите сé почесто се третираат како доблести. Циклусите “Допири на денот” и “Ништо не е онака како што изгледа” се приказни за љубовта, во секој облик, како најмоќна човечка движечка сила – вели Јездиќ, потенцирајќи дека делата се изработени во колажна техника, на хартија или на платно.

Објаснува дека нејзините слики се интимистички.

– Најчесто се инспирирани од луѓето. Главен мотив секогаш ми е животот на поединецот, неговата индивидуалност, неговите копнежи и стравови, но исто така неговиот однос кон другите луѓе и печатот што го остава врз нив – раскажува уметницата.

Јездиќ претходно пред сограѓаните се претставила во 2004 година, а учествувала  и на повеќе групни изложби и колонии.

Loading