ВОЛЧА НОЌ

ivce1Пред некое време го гледавме (повторно) македонскиот филм “Волча ноќ”. Восхитувачки податок! Ниту една јазична грешка. Прекрасен македонски јазик. Во филмот една од главните улоги ја толкува актер кој не е Македонец. По ништо не може да се препознае дека македонскиот јазик не му е мајчин јазик. Сите учесници во филмот се школувале во едно друго време, на друг, туѓ јазик. Но, сево ова зборува за големата грижа за јазикот. А филмот е снимен во далечните педесетти години од минатиот век (1955. година). Само десет години по кодифицирањето на македонскиот јазик. А зошто го пишуваме сето ова? Зашто сакаме да го истакнеме својот восхит за чистиот јазик во филмот од далечното време. Го правиме тоа за да ја подвлечеме достагата за денешната состојба на нашиот јазик. Факултети, академии, школуван кадар, а јазикот полош од оној во педесеттите од минатиот век. Причината – негрижа и отсуство на елементарно патриотско чувство. Последиците – јазикот што го слушаме од сите медиуми. Јазикот во современите филмови, тонскиот превод на сите сериски емисии, говорот во Парламентот и во (речиси) сите телевизиски емисии.

Во истото време кога го гледавме филмот “Волча ноќ” гледавме и еден документарен филм за земјотресот во Скопје од 1963. Година. Во филмот слушнавме и неколку реченици од тогашната програма на Радио Скопје. Ќе ги цитираме: “На крајот, ви ПОЖЕЛУВАМЕ добра ноќ”, “А сега ќе го чуете извештајот за времето”. Навидум, ништо необично. Но не е така. И приведениве две реченици зборуваат за тоа дека грижата за јазикот во она време била поголема. А сега, не само Радио Скопје, туку и сите телевизии не поздравуваат: “ИМАЈТЕ добра ноќ”. Зошто тие не ни ПОЖЕЛУВААТ добра ноќ, туку ни заповедуваат, ни наредуваат да имаме добра ноќ? Зошто тие се дистанцираат од поздраво,т туку оставаат ние самите да си имаме добра ноќ. Ваквиот поздрав најде некаква подотворена врата, влезе во нашиот јазик и се разбира се рашири како епидемија. За ова сме пишувале и другпат и затоа нема да одиме повторно во широки објасненија. Сакаме само да ја потврдиме грешката!

Да ја прокоментираме и втората реченица што ја чувме во тогашната програма на Радио Скопје – “А сега ќе го чуете ИЗВЕШТАЈОТ за времето”. Сосема точна и сосема правилна реченица. Што слушаме денеска? Наместо ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ВРЕМЕТО, сега велат “Слушнете го ВРЕМЕНСКИОТ ИЗВЕШТАЈ”. Или уште почесто ВРЕМЕНСКАТА ПРОГНОЗА. Голема грешка е тоа. Извештајот е за времето но тој не е временски. Може да биде временска состојба, временска непогода, временски услови, нешто што се однесува на времето. А ако се рече временски извештај, тогаш придавката ВРЕМЕНСКИ се однесува на именката ИЗВЕШТАЈ. Го појаснува ИЗВЕШТАЈОТ. А нас не не интересира тоа. Не интересира ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ВРЕМЕТО, какво ќе биде или какво било.

Но, ете, некогаш грижата за јазикот била поголема отколку сега. 

Чувствуваме потреба да набележиме и да расчистиме една дилема што сме ја носеле во себе долго време. Претпоставуваме дека не е само наша. Филмот е насловен како “ВОЛЧА НОЌ”. Во денешниве медиуми и електронски и печатни беше најавуван “ВОЛЧЈА НОЌ”. И ние лично сме мислеле дека поправилно е ВОЛЧЈА, наместо ВОЛЧА. Но, не било така. Во Правиписот тоа е убаво објаснето. Постојат придавки од типот – БОЖЈИ, КОЗЈИ, ЖАБЈИ и така натаму. Но сонантот “Ј” не оди секаде. Таму каде што е во прашање согласката “Ч” по него, не може да оди “Ј”. Затоа имаме ВОЛЧИ, ОВЧИ (ОВЧА маст) и слично.

Уште една потврда за поголема грижа во минатото отколку сега.

Благоја Ивчески

Loading