НИ ВОДА, НИ ЛЕБ ЗА ИЗЛОЖБА ПРЕД БЕЛ СВЕТ

Жаклина Димоска од детсвото другарува со четката

– Соништата се остваруваат ако силно веруваш во нив

vo cudesniot svet na Zaneta DimoskaИако повеќе од 20 години е тутунски техничар во Тутунскиот Комбинат, Жаклина Димоска, се опишува како уметник, кој ужива со молив или бои на платно да ги пренесе емотивните слики од животот што í оставиле впечаток. Во петто одделение, добива трета награда во Словенија, кога професорот Стеванче Кочоски без да ја праша го истакнал нејзиниот цртеж за штафетата. Кога нејзиното име го кажале на разгласот, не í се верувало. Солзи í потекле од радост. Ü се чинело дека лета од среќа. И како основец  добивала нарачки за слики. И ѕидовите во детската соба ги шарала со мрсни боички, цртајќи тинејџерки.

Со поддршка од родителите, се запишува на уметност во Скопје, каде полага два приемни испити – цртање кои биле доста успешни. Дури директорот се чудел, забележувајќи го талентот. При школувањето наместо по три, носела по 10-15 цртежи. Ни еден не í враќале. Професорката ја бодрела да ги “остри четките и боите”. Поради носталгијата по родниот град, по две години го прекинала уметничкото образување, а дома завршува за тутунски техничар.

Во ќорсокак со работните и домашните обврски, покрај талентот, останала анонимна, немајќи кој рака да í пружи, да ја подземе. Сепак никогаш не се откажала од уметничкиот неспокој и занес. Сликала ликови, групи, цвеќиња, природа, стремејќи со кон современоста, кон спој на реалноста и фантазијата.

Користи темпери, маслени бои, сув пастел, на платно и на картони. Се токми да премине на акрил, оти било помодерно. Повеќе слика за себе, од кеф, а понекогаш за порачка, за свадби. Димоска била дел и од изложбата “Биди +”, пуштајќи ја фантазијата за мир во светот. Вајала дела со глина.

– Ме оставија сама дома, сите беа на одмор, начекав слободно време, зедов молив и се нацртав. Иако не се надевав, успешно излезе автопортретот, со кој сакам да ме памтат децата и поколенијата – вели Жаклина.

Слика во дневната соба, мечтаејќи за осветелено ателје со стакло. Главно црта навечер. Понекогаш се буди од сон да “начкрта” некоја замисла. Идејата ја зрее и развива до победата на денот над ноќта. Милува посвежи бои, сликите да се блиски до природата. Четката í “лета”, со подлабоки идеи, со фантазија…

– Творам на голема маса, со разни бои на три палети. Ги мешам боите, експериментирам. Барам мир додека создавам. Не сакам некој да ме вознемирува. Ако ме остават, цел ден се занесувам во пренесување на имагинацијата со колорите на платното. Не ми треба ни вода, ни леб. Сликата е мојата храна. Ми ја гасне жедта и ме заситува. Ја уништува гладта. Ми ја полни душата и ми го гали срцето. Се гордеам на првите слики. Затоа што ги работев со бебе, односно брзав да се вратам да го нахранам бебето и да се предадам на мојот свет на уметноста. Тоа ми олеснуваше, ме растоваруваше, ме одмораше од работните и обврските како мајка – раскажува Жаклина.

Слободното време í го диктира темпото за сликање. Чека да украде дел од денот и да го посвети на своите чувства на платното. Како самоук уметник, наивец посетува изложби во галеријата. Не í станал сонот јаве, да го подели своето сликарско доживување со публиката на изложба. Немајќи кој да ја подземе, се подзатворила во себе, “криејќи” го својот талент од светот.

– Ќе бидам пресреќна ако успеам да имам своја изложба. Тоа е мојата мечта, сон во животот. Поблиските ме храбрат. Верувам дека можам да направам изложба. Послободно цртам и послободно идеите ми се раѓаат. Не пресликувам, туку сум уникатна, оригинална, производот да излезе од мојот ум, да го поделам мојот свет со другите очи. Сликите се дел од мене, од расположението, емоциите, мојот живот. Сликата никогаш не е завршена, секогаш нешто ќе недостасува. Би сакала некој контраст, розово со нешто тешко, небаре железо, да не биде монотоно, фантазијата на платно да ја “исфрлам”. Никогаш не е доцна, нели? – вели Жаклина. 

Како и секоја магија, соништата се остваруваат само ако силно се верува во нив. Среќата í е на дофат. 

Loading