ЛЕТОТО НА ЕЛЕНА (2)

Со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции објавуваме продолженија од новелата Летото на Елена од авторот Наташа Мирческа. 

natasa mirceskaНикој не би помислил дека се сестри. Ана беше две години постара од неа. Не многу висока, но сé уште атрактивна русокоса, која, покрај своите три деца, мамеше погледи. Елена со своите 184 сантиметри и прекрасни долги нозе беше бринета со големи зелени очи, кратка, модерно пострижена коса и чоколаден тен. Можеби токму нивната физичка неспоредливост беше причина повеќе да бидат премногу блиски.

Веќе се стемнуваше. Хоризонтот што се простираше пред нив мамеше со својата волшебност. Двете потпрени на оградата на пространата тераса на апартманот уживаа молчејќи.

– Не би сакала да те вознемирам, барем не овој миг, но Елена, што всушност се случи? – ја запраша Ана, забележувајќи како врз лицето на сестра í падна тажна сенка.

– Се случи она што веројатно мораше. Ништо повеќе од напишаното во писмото – одговори Елена воздивнувајќи… – Многу размислував овие две недели, откако замина Филип. Сега ми се чини дека поинаку не можеше. Премногу долго и двајцата се обидувавме да ги скриеме вистинските причини.

Ана зачудено ја погледна:

– Сакаш да кажеш дека вашето перфектно “функционирање” беше лага?!

Елена отсутно гледаше пред себе. Се обидуваше да ги потисне чувствата, но не можеше. Не, барем пред Ана. Како плима пред дожд солзите и надојдоа. Ана ја прегрна и ја остави да се исплаче.

– Јас сум виновна – липаше Елена.

– Не смееш да се обвинуваш. Времето ќе ја каже вистината, верувај ми. 20 години се знаете од кои 12 сте во брак и така лесно да ја најдеш причината за вашиот проблем и уште полесно самата да се обвиниш, не е можно. Згора на тоа, него го нема само две недели! Дај му и нему, но дај си и себе си време. Воопшто не значи дека работите одат апсолутно во погрешна насока.

Елена тажно ја погледна, не веруваше во нејзините зборови:

– Многу ми недостасува.

– Дај Боже и тој да го има истиот проблем – í рече Ана и ја внесе внатре. Се сместија во еден агол од дневната соба, кој беше исполнет со разноразни по форма перничиња. Легнаа една спроти друга, допирајќи се со главите како кога беа тинејџерки и секоја вечер чекаа сите да заспијат за да си ги кажат “маките”.

– Откако го добив твоето последно писмо – малку со страв започна Ана, – а и слушајќи те пред малку, сé нешто друго ми се врти низ главата… Факт е дека и премногу се сакавте, а со тоа и се почитувавте и обострано си помагавте, барем пред многу години кога и јас живеев тука. Што точно се случуваше потоа најдобро знаеш само ти. За останатите изгледавте совршено создадени еден за друг. Тоа го знаеш. Но,…

– Ана, на што целиш?

– На вашиот проблем, што ве доведе до ваква ситуација.

– Работата, унапредувањето, кариерата на Филип, зарем тоа ти е малку?

– Хммм, па ако инсистираш и не сум баш убедена дека еден маркетинг агент би можел повеќе да просперира таму отколку овде.

– Биди малку попрецизна?

– Те изневерил ли Филип некогаш? – внимателно ја праша.

Елена се изненади од прашањето.

– Што ти паѓа на памет? Филип, мене?! Ни случајно!

– Сигурна си?!

Елена се заврте мешечки и ја погледна сестра си.

– Во тоа не би поверувала ниту во сон. Тоа ти доаѓа исто како јас тебе да те прашам: Дали Давид те изневерил?

– Да, за двапати знам сигурно, за останатите… – како од пушка и одговори Ана во меѓувреме и таа вртејќи се по мешечки. Сега се гледаа очи в очи. Елена беше вчудоневидена.

– Не ми веруваш? – Ана воздивна, се испружи повторно на грб и продолжи – Првиот пат вистината премногу ме погоди. Не знаев дали ќе можам да живеам со тоа. Очигледно преживеав, а во меѓувреме преживеав уште неколку “блиски средби” на мојот сопруг со “персони” кои премногу добро ги познавам… Сакаш да ти раскажам?

Елена не одговори ништо, па Ана продолжи.

– Првиотпат беше лошо. Во прашање беше пријателка на нашите први соседи. Се викаше Мери. Уште при првата наша средба беше очигледно дека Давид í се допадна. Не í придадов никаква важност, сé додека нејзиното флертување не стана премногу видно. Ха, ха, ха, кога сега си го враќам филмот, мислам дека токму јас му ги отворив очите. Кога му реков дека Мери веројатно ќе се обиде да го “фати”, ми се смееше. Набрзо Мери исчезна, а Давид се промени. Немаше многу време за мене и децата. Зачестија неговите дежурства, работното време никогаш не му завршуваше во исто време. Почнавме да се расправаме за обични ситници. Од ден во ден беше сé понеподносливо. Се обидував да ја надминам ситуацијата, мислејќи дека проблемот сум јас, зашто близнаците беа мали, а Вероника само што почна да оди на училиште. Навистина ми беше тешко. Така траеше агонијата додека една вечер по една сочна расправија, Давид, за да ми докаже дека не е точно дека не се грижи за моите чувства, по долго време ме изведе на вечера. Тоа беше првпат во нашиот живот да излеземе, а да немаме тема за разговор. Мислев, двајцата сме под притисок, се каравме, ќе помине со добрата храна. Но, за моја среќа, а голема несреќа на Давид, налетавме на Мери. Чувството што го имав при повторната средба со неа не можам да ти го опишам. Едноставно знаев дека спијат заедно. Бев скршена, уништена, се чувствував бедно, евтино. Не ми призна сé, додека еден ден не си го спакував куферот и не му реков дека ќе го напуштам. Оттогаш меѓу нас се изменија некои работи… Конечно времето си го стори своето, но веројатно уште меѓу нас има доволно љубов за да правиме компромиси и да истраеме.

Настана мала пауза. Ана ја погледна својата сестра. Беше очигледно дека е шокирана и за својот проблем со Филип апсолутно не ја отворила оваа страница. Стана да земе нешто за пиење. Чашите дополу ги наполни со водка, стави мраз. Ü ја подаде едната на Елена.

– Да наздравиме за неверствата на Давид!

Елена не можеше да ја разбере:

– Ти тоа можеш да го прифатиш?!

– Па донекаде, да. Верувај ми и не се тие толку лоши. Понекогаш можат да го освежат бракот.

(продолжува)

Loading