ТОЧНО 15 ГОДИНИ ОД СПЕКТАКЛОТ ПЕРУЏА

Фудбал: Сеќавање на 11 јули 1999

– Победа изваде 0-0 пред 15 илјади гледачи

Pobeda - Peruxa pred 15 iljadi gledaciКако лета времето, денеска одбележуваме точно 15 години од големиот фудбалски спектакл, најголем во поновата историја на градов, мечот Победа – Перуџа 0-0. На 11 јули 1999 година реваншот од 2. коло на европскиот куп Интертото беше пред близу 15 илјади гледачи на стадионот Гоце Делчев. Иако делегатот Гјорместат од Норвешка, притиснат од Италијанците, инсистираше на прописите, според кои стадион без седишта е со лимит до три илјади, мораше да попушти кога виде како лавина народ од сите страни не може да се сопре. Еуфоријата беше последица на звучниот гостин од Калчото и минималниот пораз со добра игра на првиот меч во Перуџа.

– Тој меч останува засекогаш во моите сеќавања, како најдобар во кариерата. Публиката нé носеше 90 минути и за жал немаше голови, не стигнавме до триумф – вели капитенот, голманот Гоце Груевски, сега во Австралија.

Што доживуваше градот сведочат деталите. Претходниот ден уште на гостинскиот тренинг имаше илјадници навивачи. Медиумите почнуваа со фудбалот како главна тема. Приватното радио Канал 95 два дена по цел ден емитуваше емисии посветени на мечот. Стадионот се преполни два часа порано, а настанот го искористија параглајдеристите. Дури 13 пилоти слетаа на теренот, некои во текот на играта. Конечно, во 17:30 часот беше означен почетокот од судијата Пратош од Португалија и сите срца биеја за Победа.

– Како целиот град, и ние играчите со душа го чекавме почетокот. Утрото рано станав. Кога излеговме пред публиката вриеше, се тресеше теренот како земјотрес. Не се опишува со зборови. Прикажавме одлична партија, имавме добри шанси. Имав две можности, но Мацантини остана несовладан. Уште долго време нема да се повтори ваков меч – истакнува стоперот Игор Николаевски од Кичево.

Ekipata na Pobeda pred mecot so PeruxaПубликата и ден – денес се сеќава на шансите од Стојковиќ, Стојкоски, Каранфилоски, Н. Здравески и Главевски. Таков меч не се заборава. Кога погледите се кон Мундијалот во Бразил, скратената снимка од 1999 на фејсбук само за еден ден ја прегледаа седум илјади луѓе.

– Последен натпревар што го гледав. Тоа беа времиња – коментира Ѕвонко Котески, келнер.

Составите беа, за Победа, Груевски – П. Ристовски, Стојковиќ, Димитриевиќ, Николаевски, М. Стојкоски (37. Петров – 83. Грозданов) – Лазаревски, Каранфилоски, Жилсон (53. Наумоски) – Н. Здравески, Главевски, со тренерот Канатларовски, а Перуџа Мацантини – Хиларио, Калори, Рипа, Суси – Петраки, Оливе, Тедеско, Тапиа – Наката (68. Камполо), Рапаиќ (75. Миланезе), со тренерот Мацоне.

Loading