УСНО А НЕ УСМЕНО

ivce1Слушнавме на некоја телевизија дека ќе се вршело некакво пријавување на кандидати. Не си спомнуваме за каде и за што требаше да биде тоа пријавување. Се сеќаваме на грешката што беше направена. Пишуваше на екранот дека пријавувањето можело да се врши и УСМЕНО. Необично често ја слушаме оваа грешка. Во обична комуникација, а и на официјални места. Сме слушале дека некој студент или ученик го положил ПИСМЕНИОТ испит, ама не успеал да го направи тоа и на УСМЕНИОТ. Каде е грешката? Кандидати може да се пријавуваат УСНО, а не УСМЕНО. Студентот го положил УСНИОТ испит, а не УСМЕНИОТ. Грешкава е предизвикана од влијанието на српскиот јазик. Но, не е само тоа. Моделот, формата на зборот ПИСМЕНО неговата ритмика, го повлекува во таа насока и зборот УСМЕНО. ПИСМЕНО – УСМЕНО. Но, тоа е погрешно. Од именката ПИСМО изведена е придавка ПИСМЕНО, ПИСМЕНА, ПИСМЕН. Од именката УСТА во македонскиот јазик не се произведува придавка УСМЕН, туку УСТЕН, УСНО, УСНА. Како што се гледа, во машки род се вели и се пишува УСТЕН, а во женски и во среден род се губи тоа “Т” и се вели УСНО, УСНА. Ајде, да споменеме и тоа, дека на телевизија Сител слушнавме дека можело да се поднесуваат и УСМЕНИ амандмани. Грешка. Значи, ПИСМЕНО и УСНО (не усмено).

Исто така, од некоја телевизија, разбравме за определена манифестација. Се зборуваше дека интересот бил многу голем, дека имало многу претставници, и домашни и од странство. Коментаторката не извести дека меѓу многуте гости, присуствувале и осум претставници од РАЗЛИЧНИ држави. Уште еден пример од каде гледаме дека не се прави разлика меѓу зборовите РАЗНИ и РАЗЛИЧНИ. Зборот РАЗНИ означува дека станува збор за секакви, разновидни земји – големи, мали, развиени, неразвиени, јужни, северни и така натаму. Коментаторката вели дека присуствувале гости од осум РАЗЛИЧНИ земји. А дали постојат НЕРАЗЛИЧНИ, ИСТИ земји? Се разбира дека не постојат. Сите земји се различни една од друга. Затоа, не треба да се нагласува тоа дека гостите биле од осум РАЗЛИЧНИ земји. Доволно е да се рече дека биле од осум земји, а се знае дека сите се РАЗЛИЧНИ. Евентуално, можело да се рече од осум РАЗНИ земји но никако не од осум РАЗЛИЧНИ. Оваа грешка ја слушаме необично често. Многупати сме чуле дека некој наш пејач гостувал во многу РАЗЛИЧНИ земји. Сме слушале дека некои од нашите политичари посетиле многу РАЗЛИЧНИ земји за да бараат инвеститори. Од нашите медиуми, од нашите политичари и новинари неоправдано е да се прават вакви грешки. За ова не постојат некои посебни причини. Едноставно, станува збор за недоволно размислување.

Еден политичар му се обраќа на својот колега и му вели: “Вие имате намера да ја ОБМАНИТЕ јавноста”. А зошто да не му рече дека ќе ја ИЗМАМИ јавноста, дека ќе ја ИЗЛАЖЕ? Што е тоа што ги тера нашиве луѓе да употребуваат туѓи зборови кога имаме свои. Во конкретниов случај, зборот ИЗМАМА е мошне познат. Ако некој не ја зборува вистината, ако сака некого да ИЗМАМИ, сосема јасно е дека сака да изврши некаква ИЗМАМА. Но, еве, нашиов политичар мисли дека ќе биде поуверливо, ако рече ОБМАНА наместо ИЗМАМА.

Уште еден пример кога секој се фаќа за перото без да знае дека не знае. Секој пишува како ќе му текне.

Во една продавница, како и во сите други, за купените артикли даваат (продаваат) и најлон ќесиња. Никој веќе не ги вика ќесиња (како што треба), сите велат КЕСИ, а ако е една тогаш е КЕСА. Во односната продавница ќесињата биле поквалитетни. На убава табличка, близу до касата, пишува дека кесите биле БИО РАЗГРАДЛИВИ. Текстот е подолг и на повеќе места е употребена грешката – БИО РАЗГРАДЛИВИ. Овде станува збор за сложена придавка, но воопшто нема да навлегуваме ни во теоријата ни во некои граматички правила. Едноставно, ќе кажеме дека тоа е погрешно напишано. Во ваквите случаи зборовите треба да бидат напишани слеано – БИОРАЗГРАДЛИВИ. Тоа е еден збор. Ваквите сложени придавки се пишуваат како еден збор.

Благоја Ивчески

Loading