ТУТУНСКИ И ФИЛИП МОРИС СТАНАА ПАРТНЕРИ

Се потпиша историски договор

Здрави нозе за стабилизација на деценискиот загубар

Partnerstvo za spas na TutunskiПретставници на гигантската интернационална тутунска компанија Филип Морис во Скопје го потпишаа договорот за стратешко партнерство со Тутунскиот комбинат. Реализацијата на договорот ќе почне до крајот на годинава. Се очекува формирање на ново друштво со име Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп, во кое Филип Морис Интернешнл менаџмент ќе има 51 процент капитал учество, а Тутунски 49 проценти. Управувачката структура ќе му припадне на странскиот партнер. Новото друштво ќе биде одговорно за производството и продажбата на брендовите од двете компании кои ќе се прават во Прилеп.

– Ова е историски договор со кој решаваме децениски проблем. Стратегиско партнерство со еден гигант во тутунската индустрија е предуслов Комбинатот по децениска неизвесност, конечно да излезе од списокот на загубари и да фати приклучок со успешните компании во оваа исклучително компетитивна индустрија. Ова е првата фаза од приватизацијата на Комбинатот. Филип Морис, како компанија, влева доверба дека до 2015 ќе ги се надминат актуелните состојби и Комбинат од загубар ќе прерасне во компанија со профит – вели директорот на Комбинатот,  Александар Дерменџиев.

Соработката, според договорот, ќе се реализира само во делот на производството на цигари, но новото Друштво кое ќе се формира ќе има обврска да презема одредени количества ориентален тутун, откупен од посебната откупна единица на Комбинатот за потребите на странскиот партнер. Заедничкото друштво ќе биде одговорно за производство, дистрибуција, промоција и продажба на брендовите од заедничкото портфолио (4 брендови на цигари на странскиот партнер и постоечките марки на цигари кои се произведуваат во Комбинатот).

– Очекуваме заедничкото друштво да биде регистрирано да крајот на месецов. Веќе е поднесено барање до Комисијата за заштита од конкурентноста, која треба да даде мислење. Претстои преструктуирање, технолошко осовременување на производниот процес и дообука на вработените за производство на брендовите на Филип Морис. Сé на сé, до крајот на годината може да се очекува почеток на производството – вели Дерменџиев.

На стартот, заедничкото друштво ќе се регистрира со законски утврдениот капитал од 5000 евра, а подоцна ќе следи и целосна докапитализација.

Потпретседателката на Филип Морис интернешнл за ЈИЕ, Стејси Кенеди, истакна дека договорот е ново поглавје за нивната нова компанија за Македонија и ќе се зајакне нивното присуство во тутунската индустрија во регионот.

– Уверена сум дека заедничкиот потфат ќе донесе заедничка корист за двете компании и ќе создаде цврста основа за иднината на македонската тутунска индустрија – рече Кенеди.

– Нé привлече позитивната клима за меѓународните инвеститори. Владата е силно посветена на растот на меѓународните инвестиции. Поддршката за економскиот развој на земјата ни дава доверба за иднината на проектот во Македонија, потенцираше Мирослав Зиелински, претседател на Филип Морис интернешнл за Источна Европа, Блискиот Исток и Африка.

Потпишувањето на договорот за стратешко партнерство меѓу Тутунскиот комбинат и Филип Морис, од владините претставници и премиерот Никола Груевски, беше оценето како одлично решение на еден децениски загубар.

– Комбинатот има околу 5000 кооперанти, производители на тутун, и околу 1000 вработени. За сите 6.000 луѓе и семејства, со потпишувањето на овој договор, се обезбедуваат стабилна иднина и сигурен откуп. Предвидено и откуп на одредени количества тутун да се реши ова прашање и да им се помогне на производителите – изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

–  Управувачката структура на новата фирма ќе í припаѓа на Филип Морис. Тоа е многу важно за понатамошниот развој на Комбинатот, бидејќи ќе постигнеме од стратегиските цели, а тоа е да се добие трансфер на ноу – хау од водечкиот играч во светот од оваа индустрија – рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Текстот на договорот беше усогласен претходниот месец и доби зелено светло на минатонеделното акционерско собрание на Комбинатот, со што беа отстранети сите формално-правни пречки за потпишување.

Процедурата се отвори лани по повикот на Комбинатот за изнаоѓање на стратешки партнер. Поради изборите, се одложи продолжението на процедурата по завршувањето на изборниот процес.

Филип Морис Интернешнл продава цигари во над 200 земји и држи 15,6 отсто од пазарот на цигари и тутун надвор од САД. Во Бордот на директори седи и мексиканскиот мултимилијардер Карлос Слим. Филип Морис  ги поседува 7 од 15-те најпознати брендови цигари, вклучувајќи го и најпознатиот “Марлборо”. Компанијата има 91 000 вработени во 58 фабрики низ светот. Годинава најави инвестиција од 500 милиони евра за најсовремена фабрика во Болоња, Италија, каде ќе се произведуваат тутунски производи со минимален ризик, а производството од 2016 година ќе изнесува 30 милијарди цигари годишно.

Комбинатот, со 993 работници,  е втора компанија за производство на цигари во земјава со 19 отсто учество на домашниот пазар.

Loading