Директорот на Тутунскиот комбинат Александар Дерменџиев обелодени дека новата фирма што ќе се формира со стратешкото партнерство со Филип Морис до август ќе има сила и можност да го прошири драстично својот пазарен удел првин на домашниот пазар.
– Портфолијата, односно палетата на цигари се комплементарни. Филип Морис има брендови кои носат голем профит, но пазарното учество е 4 отсто. Од друга страна, Комбинатот има таканаречени волуменски брендови со учество од 18 отсто. Продажбата на овие цигари планираме да ја удвоиме, а во втората фаза на партнерството, во Прилеп да се произведуваат и цигарите Марлборо. Со тоа ќе се зголеми двојно искористеноста на технолошките линии за цигари од сегашните 15 отсто – рече Дерменџиев.
Првиот човек на Комбинатот соопшти дека Филип Морис ќе вложи во опрема за поткревање на продуктивноста на фабриката за цигари, а со тоа и модернизирање на процесот и квалификување на фабриката за производство на брендовите на Филип Морис.
Комбинатот е технички и кадровски оспособен да произведува осум илјади тони цигари годишно. Но, поголемиот дел од машинскиот парк е ориентиран на меки пакувања, кои се помалку барани.
– Нема промена во сопственичката структура на Комбинатот. Доколку се покаже успешна соработката, понатаму е можно да се претвори во приватизација од страна на Филип Морис – рече Дерменџиев, додавајќи дека Филип Морис има обврска да преземе тутун колку количествата што Комбинатот ги откупува последните неколку години.
Во Македонија се пушат над четири илјади тони цигари годишно.