СВЕТИ МИНА

ivce1Се жалат жителите од населбата Сопиште. Протестираат. Требало да им се изгради црква. Но, ете, биле измамени. Не навлегуваме во таа проблематика бидејќи ништо не ни е познато. Сакаме да одбележиме една грешка што ја слушавме од, речиси, сите новинари. Жителите од Сопиште зборуваат за својата црква која се вика СВЕТИ МИНА. А сите новинари, од сите телевизии, ни соопштуваат за тој проблем и за црквата СВЕТА МИНА. Зар никој од нив не знае, зар никој не им кажал дека МИНА е маж, а не жена. Црквата се вика СВЕТИ МИНА. Мина е роден во Мисир (Египет). Бил офицер во царската војска, но ја напуштил службата и заминал во пустина зашто подобро се снаоѓал меѓу ѕверовите отколку меѓу луѓето неверници. Значи, господа новинари Мина (Мино) е маж а не жена.

            Во една дебатна емисија на една од нашиве телевизии учествуваа двајца универзитетски професори и поранешни високи политичари. Едниот од нив ги напаѓа политичарите од власта. Во еден момент вели: “И сега тие се ПРЕНЕМАГААТ”… Не е сиромашен нашиот јазичен фонд, но тој, ете, не успеал да најде наш збор и употребува туѓ. Тоа кај него е честа појава. А што значи тоа – СЕ ПРЕНЕМАГААТ?! Зборот ПРЕНЕМАГАЊЕ е српски. Значи – изнемоштување, истоштување, омалаксување. ПРЕНЕМАГАТИ СЕ може да значи дека некој изигрува истоштеност, дека се преправа, оти е изморен, дека афектира. Но, професорот… Пардон! Универзитетскиот професор вели дека некои се ПРЕНЕМАГАЛЕ.

            Во Велес, стечајните работници добиле некој судски спор. За тоа најмногу заслуги имал адвокатот кој ги застапувал. Тие требало да му исплатат некаков надоместок. Така биле договорени. Арно ама, сега на стечајците им се видело дека тоа се многу пари. Новинарката го следи случајот. Не известува дека стечајците ќе поднеселе друго барање за ТУМАЧЕЊЕ на состојбата. А зошто да не биде ТОЛКУВАЊЕ? Тоа е нашиот збор. ТУМАЧЕЊЕ е српска глаголска именка, исто како што е српски глаголот ТУМАЧИТИ. Зар новинар да не го знае тоа?! Зар треба некој да му го “протумачи”?!

            Во една контактна ТВ емисија се јавуваат разни гледачи. Се јавува една госпоѓа. Според начинот на зборувањето се гледа дека е од повисоките слоеви. Интонацијата нападно префинета. Своите толкувања ги поткрепува со определени факти. Ги критикува оние кои ја злоупотребуваат својата функција и од позиција на сила си ги решаваат проблемите. Тоа свое тврдење го дообјаснува со некоја народна мудрост. Вели – “Лако је бити орао меѓу пилиќима”. Брави госпоѓо! На висок стил беше вашето излагање. Кога треба да се застапува некој став, можат да се користат цитати, пословици, мудрости па дури и на туѓ јазик.

            Во еден наш дневен весник прочитавме дека во Србија се проституирало некое девојче за еден ЧИФТ ФАРМЕРКИ. А, всушност, за колку фармерки станува збор? Без разлика на тоа што фармерките, покрај другите делови имаат две ногавици, сепак тоа е еден предмет, а не е чифт. Србите си го викаат тоа ПАР, но кај нас не е така. Тоа е всушност, едно РАЛО ФАРМЕРКИ. Зборот РАЛО како да го имаме заборавено. А тој е вистинскиот збор во ваквите ситуации.

            Во Парламентот – жестока расправа. Меѓусебни напаѓања, обвинувања па и навреди. Зборува долгогодишен пратеник. Критикува тој за определени овластувања. Некој имал многу, некој помалку. Во еден момент вели: “По чему еден министер да има поголеми овластувања”? Како ли го одбра овој израз!? Зар не можеше да рече – “Зошто еден министер да има поголеми овластувања” или “Од каде на каде еден министер да има поголеми овластувања”? Или, којзнае уште како.

            Многу грешки! Чудно! Несфатливо. Во почетокот рековме дека Свети Мина побегнал во пустина. Полесно можел да се разбере со ѕверовите отколку со неверниците.

            А ние? Што да правиме ние и таквите како нас? Кој пат да го фатиме? Кај да се скриеме и да не ги слушаме безбројните јазични грешки?!

            “По чему сево ова”?!

Благоја Ивчески

Loading