ТРИТЕКС, ЗОКИ-ЛИМ И НАТ ТЕКСТИЛ ЌЕ ЈА ПАМЕТАТ 2013 ГОДИНА

Се одржа 5-тата Манифестација “Избор на бизнис на годината”

1Со посветена деноноќна работа, со големи инвестиции и успешно менаџирање, трите компании од нашиов град, Тритекс, 2006 – Зоки лим и Нат текстил успеаја да се закитат со лаври за најуспешни компании, по што ќе ја паметат 2013 година. Во услови кога сé потешко е да се опстојува и да се тера бизнисот во нагорна линија, тие презедоа и инвестициски зафати. Освен што постојано отвора нови продавници низ државава, неодамна трикотажата Тритекс со над 20 годишно искуство, почна со изградба на нов погон. Иако мала, компанијата “2006 – Зоки Лим”, како производствена фирма успешно се справува со задоволување на потребите на пазарот со нивните производи кои стануваат сé побарани со градежната раздвиженост. Дека условите за бизнис во општинава се поволни, покажува грчката фирма “Нат текстил”, која, иако е стоотсто извозно ориентирана, сепак е компанија во која над стотина вработени од градов успеваат да обезбедат сигурна месечна егзистенција за нив и нивните семејства.

Наградените три компании, ни малку не ги минимизираат ниту потценуваат успесите и постигањата на останатите компании во секторот на мали и средни претпријатија. Туку напротив, како што истакна и претседателот на Регионалната стопанска комора, Симон Наумоски, манифестацијата за избор на бизнис на годината е само поттик за да покажат како се води бизнис, а со самото што работат се и успешни.

Поддршката од градот е добредојдена. Градоначалникот Марјан Ристески заедно со политичките претставници, со присуството го изрази сенсот кој го имаат кон бизнисмените, ценејќи го нивниот труд и вложувањата за подобрување на економскиот параметар во општинава. Покрај бизнисмените, на манифестацијата која се одржа по петти пат, присуствуваа голем број гости, директори на јавни институции и установи.

Во прекрасната атмосфера во ресторанот “Амфора”, неделниот весник Зенит, воедно ја одбележа и 6-тата годишнина од постоењето, кога на 2. мај 2008 г. излезе првиот број. Неделникот продолжува со рубриката “Бизнис”, во која во секој број бесплатно се претставува по една компанија од градов. 

Loading