ИЗВОЗ НА ОГРЕВНО ДРВО

Жарко Караџоски –  директор на ЈП Македонски шуми

– Ланската мала загуба се балансира годинава

– Пари од садници

zarko-karadzoski-1Каква е состојбата во едно од најголемите јавни претпријатија во земјава, Македонски шуми, дали вработените ќе обезбедат доволно огревно дрва годинава, со оглед на временските прилики, дали ќе се извезува пак техничко и огревно дрво, дали јавното претпријатие се созема последниве години и работи рентабилно, каква е грижата за обновување на шумите? На овие прашања љубезно се одзва да одговори генералниот директор, Жарко Караџоски.

Според него, иако времето не е погодно, тоа има една добра и една лоша страна.

– Добро е за природниот прираст на шумата, но сме спречени во реализацијата на плановите за сеча. Веќе доцниме еден месец. Сепак, ќе фатиме темпо со поинтензивна работа. Фирмите, избрани на тендер за сеча, ги следиме финансиски и во делот на капацитетите. Масата дрва за огрев е исечена. Голем дел е пренесена до камионски пат. Проблем е превозот до град. За една недела ќе ги средиме патиштата и до крај ќе ги реализираме договорите. Граѓаните да немаат грижа. Сите ќе бидат снабдени според нарачките. Интересот расте од јуни. Имаме доволно време да одговориме со посилен интензитет па и во саботи, недели и празници, и со поголема динамика на превозот. Ако за Прилеп лани беа потребни 3-4 камиони, сега ќе ги дуплираме. Не врнело првпат обилно во пролет, па и во есен – вели Караџоски.

ЈП ги обезбедува 60 – 70 отсто од потребите со огревни дрвја за граѓаните, а остатокот е од приватници со зголемениот број на приватни шуми со денационализацијата.

– Некогаш снабдувавме 90 отсто, а сега тој процент е намален. Тоа е добро за конкуренција. Граѓаните да можат да избираат и да не зависат само од ЈП. Доставуваме околу 400-500 000 м3. Тоа е нормална количина, која флуктуира плус или минус. Приватните шуми варираат од 200 000 м3, со што се создаваат количества од 900 000 м3, што ја задоволува потребата. За Прилеп се потребни 12 000 м3, за граѓаните кои кај нас платиле. Снабдуваме и фирми и училишта или вкупно 14 – 15 000 м3 – кажува Караџоски.

Тој обелоденува дека продолжуваат извозните пласмани на огревно и техничко дрво.

– И годинава ќе извезуваме за Грција, како лани и за Албанија. Имаме корекција на ценовникот, зашто тој беше поскап. Сега е единствен. Кога се извезува, се гледа и пазарот. Вишокот го извезуваме. Не е добро да скапуваат дрвјата на складиштата. Атрактивна е Албанија, зашто наредниве три години таму е забранета секаква сеча на дрва, поради огромното пустошење. Албанија ќе се снабдува и од Црна Гора и Србија, а ние гледаме да сме конкурентни. Располагаме со  богати предели со дрвна маса, а со мала побарувачка, како дебарско, гостиварско и кичевско. Од тие краишта се извезува. Сечеме и техничко дрво. Иднината е во извозот. Годинава сме извезле околу 15 000 м3, а проекцијата е околу 50 000 м3 огревно и техничко дрво – објаснува Караџоски.

Вели дека и Италија бара огромни количества за производство на пелети.

– Интензивно разговараме, заедно со владата, за конфекционирање, за производство на пелети, со нивна помош и инвестиции. Пелетите се произведуваат од секој дел на дрвото. Во Македонија е во зародиш таквото производство. Приватниците прават, но нема доволно, а Италијанците најмногу се греат со пелети. Дискутираме за цената, количествата… Бараат многу пониски цени. Се надевам дека јазолот ќе се одврзе, што ќе е поттик за преориентација, да размислуваме поинаку да ја користиме енергијата – оценува првиот човек на Македонски шуми.

Тој е среќен што расте побарувачка за техничко дрво. Дрвната индустрија работи и не е како 2009 и 2010 година, кога имаше криза и кога маки се мачеа да се продадат трупци. Сега е обратно.

– Работиме на проектот за сертификација на шуми, што го бара ЕУ. Дрвната индустрија да добие сертификат, но и да можеме да го извезуваме техничкото дрво во ЕУ. До крајот на годинава ќе сертифицираме одредена површина. Тоа ќе ја зголеми побарувачката. Оној што купува, не може да купи од било кого, туку треба да има валиден сертификат, кој е прифатен од ЕУ. Така, со легален извоз ќе се гарантира квалитет. Се преструктуираме во начинот на производството и во процесот според ЕУ стандардите. ЕУ секоја година ја контролира валидноста на сертификатот. Го отпочнуваме процесот кој ќе трае околу 2-3 години. Во преговори сме со странски фирми, овластени да даваат акредитација. За скоро почнуваме на ова поле.  Со “визата” од ЕУ, ќе се сметнат блокадите. Поинаку, нема излез од овој пазарен круг – констатира Караџоски.

Дел од приходите се од концесиите, а дел од расадничкото производство од 12 расадници.

– Порано увезувавме садници. Сега годишно произведуваме од 15-20000 за разни потреби, меѓу кои за природниот процес, за обновување, но и за извоз од што имаме одреден приход. Преговараме за пласман во Косово. Другите приходи од шумски производи се скромни, поради законски несредената регулатива. Годинава ќе се канализира и тоа со откупни пунктови. Македонски шуми располага со погон за дестилација на смрека и други билки за производство на масло кое се употребува за парфеми и сл. Овој домен зема замав во Македонија. Скандинавските земји вадат профит 60-70 отсто од тој дел. Продаваат воздух, здрава животна средина и сé она што го користиме, а не сме свесни дека има пари и од чаеви, тревки, билки, фармација. Сето тоа треба да се искористи – вели директорот на ЈП Македонски шуми.

Во 2009 ЈП имало долгови за неплатен данок, обврска кон ПИОМ, неплатени придонеси за 5-6 години, а најзагрозен бил Црн Бор.

– Немавме никаков возен парк. Стари дотраени возила што укажуваше на недомаќинско работење. Основно беше да се создаде здраво ткиво кое би се опоравило. Задоволен сум што се исчистени 55 милиони евра во овие пет години. Со огромно залагање, владата донесе закон кој го репрограмира долгот и ја зголеми главницата во Македонски шуми, а обврските кон ПИОМ од пет милиони евра да ги плати. Последниве четири години покажавме добивка и дадовме доверба кај владата дека можеме да опстанеме. Почнавме и да инвестираме. Набавивме шест булдожери кои чинат 900 000 евра. Купивме 55 теренски возила, од нив 33 Дачија Дастер, 3 Шкода Јети, 2 Лади Ниви. Тоа помага во функционирањето, да имаме полесен пристап на терен, поголема надзор и контрола над пожарите. Кога нема како да се стигне, завршена е работата и изгубени се многу хектари шума. Ланската година ја завршивме со мала загуба, заради рапидниот пад на продажбата на огревно дрво. Анализите укажаа на огромни количества од приватните шуми и од нелегалниот пазар. Загубата се рефлектира со доцнење на исплатата на платите. Годинава покажува раст на продукцијата и на продажбата. Ќе најдеме излез. Најважно е да се сузбие криминалот со дрва. Мораме да го спречиме тоа. Од владата очекувам законски и други мерки, насочени кон овој проблем, Инаку,  вработени се 2370 лица. Бројот нема да расте и нема превработеност – вели Караџоски.

Туристи в шума

ЈП  посакува конкуренција, но лојална. Исчезнуваат монополите и кај шумите. 

– Размислуваме за иницирање на разни јавни приватни партнерства. Сепак, носител е владата. Иницијативи доаѓаат и од странство. Склучивме меморандум за разбирање со агенцијата за развој на туризмот. Очекуваме бенефит, зашто агенцијата може да привлече туристи. Можно е вложување во пунктови, планинарски домови… Во светот е во подем шумскиот туризам. Народот сé повеќе бара зеленило и чист воздух. Располагаме со недопрени природни убавини за искористување. Треба да одиме во таа насока – вели Караџоски.

Македонија нема да е Албанија

Во Македонија имаме милион хектари, од неа 500 000 хектари, или 50 отсто се обновува со природен прираст или вкупната дрвна маса која ни е на располагање е милион ипол хектари. Македонски шуми стопанисува со 600 000 хектари, што е далеку од 50 отсто.

– Шумите се пустат, за жал. Ние кога стопанисуваме, не правиме штета. Тоа го правиме стручно. Секое дрво расте и умира, а ние не дозволуваме тоа да умре и да иструли, туку ги ретчиме и ги правиме тие обновливи процеси, со цел шумата да вегетира. Картата на НАСА  покажа дека каде што стопанисува Македонски шуми, таму уште е зелена картата. А, црвените дамки се локациите на дрвокрадците, нестручната и неконтролираната сеча. А ние работиме со технички планови. По проста репродукција, ако денес се сечи една парцела, должни сме истата количина да ја пошумиме на локација када лани сме сечеле. И по закон мораме да пошумуваме. Според годишната програма треба да пошумиме одредени региони. Врз основа на три отсто од цената на огревното дрво, сме должни да пошумиме други подрачја. Секоја година, акциски, садиме по пет милиони садници, односно илјада хектари. Тука ги вклучуваме и локалните власти и многу добро е прифатена акцијата каде ние сме логистика. Ситуацијата не е алармантна, меѓутоа од година во година зема замав. Со владата преземаме мерки, кои се надевам ќе дадат подобри резултати за сузбивање на оваа појава. Ако не ја спречиме дивата сеча, ќе дојдеме  како Албанија, каде има забрана за сеча, баш заради дрвокрадците. Не би сакал тоа да се случи, зашто така ќе постои опасност од комплетно нарушување на климата, неповолни влијанија, ерозии од поројни дождови, свлечишта, поплави… – вели Караџоски.

Loading