ОД КИЛИМИ ДО ШЕЌЕРЧИЊА НА ПАНАЃУРИТЕ

Жито, тутун, килими и друга стока најчесто се нуделе во минатото на панаѓурите во Прилеп на кои доаѓале трговци од целиот Балкан. Главни производи кои се продавале биле пиперките, женски ракотворби, особено килими со кои се тргувало во средниот век. 

Според историските податоци, кон крајот на 13 век подигната е црквата Св. Димитрија, во која се крие тајната зошто и Венецијанските трговци својата стока, пред да ја однесат во Солун и Цариград, ја нуделе на прилепскиот панаѓур, кој во 12-14 век се одржувал во подножјето на црквата. За важноста на панаѓурот зборувал и посебниот султанов указ со којшто сите трговски каравани за панаѓурот ја уживале заштитата на султановите војници.

Значајни аргументи за Прилеп во 17 век оставиле турските патеписци Хаџи Калфа, Евлија Челебија и други кои забележале дека поголемиот број од жителите на градот се занимавале со изработка на играчки и ножеви. Во своето патување низ Прилеп, во 1807 година, францускиот конзул Анри Пуквиљ забележал дека градот имал 1000 -1100 куќи и дека водел трговија со жито, волна и добиток. Според него, панаѓурот бил еден од најголемите во Румелија и траел 25 дена.

 А панаѓурот се модернизирал. За тоа говори и фотографијава од 1948 г. а на која се гледа дека се користеле и ваги, на кои можеби се мереле и шеќерчиња, масло, алва…

И денес, се одржуваат панаѓури во Прилеп. Најчесто се тоа училишни како што се Велигденскииот панаѓур на кој учениците продаваат разни украси и ракотворби. Се организираат и за Осми март или пак по повод новогодишните празници. Веќе неколку години во ЦК Марко Цепенков, градот организира и новогодишен панаѓур за украси, честитки, лампиони. 

Loading