ЧИНГЕЛАЌЕ – ЧИНГЕЛАЈЧЕ – ЧЕНГЕЛАТА

Благоја Ивчески

Постои еден малечок предмет, една игла за плетење која на едната страна, наместо врв, има мала кукичка. Со таа игла жените плетеа чаршави и други украсни предмети за на масите и витрините. Во Прилеп таа игла се вика ЧИНГЕЛАЌЕ. Модата за таквите покривки на масите како да помина, ЧИНГЕЛАЌЕТО се користи поретко, а младите можно е и да не знаат што е тоа.

Многу одамна и многу често сме размислувале зошто тој предмет се вика така и дали треба да се вика токму така. Дали значи нешто тоа име или пак е некако изопачено и луѓето си го викаат како што си го викаат. Едно време постоеја (а и сега се уште понекаде постојат) занаетчии кои изработуваа разни украси од сребрени или од златни жици. Тоа се викаше ФИЛИГРАН, но луѓето го викаа ФИЛИГРАМ. Постоеја занаетчии кои везеа чаршави, а еден од начините за везење се викаше БРОДИРАЊЕ, но тие си го викаа БЛУДИРАЊЕ. Се разбира и ФИЛИГРАМ и БЛУДИРАЊЕ се погрешни зборови, но луѓето живееја од тие занаети без да знаат дека грешат. Размислувавме и за ЧИНГЕЛАЌЕТО да не е добиено по некој таков погрешен пат. Во Прилеп, повеќето го викаат ЧИНГЕЛАЈЧЕ. За прилепскиот говор е карактеристично тоа. Кога меката согласка – Ќ ќе се најде пред вокал, се изговара како – ЈЧ. Така, машкото име НАЌЕ станува НАЈЧЕ, именката ВРЕЌА станува ВРЕЈЧА, плеќите стануваат ПЛЕЈЧИ и така натаму. Сепак, не успеавме да влеземе во трагата и да го најдеме патот по кој е добиен зборот ЧИНГЕЛАЌЕ.

Сме помислувале и на металниот предмет со остри куки на кој касапите го обесуваат месото. Во Прилеп го викаме ЧИНГЕЛ. Такви  чингели постојат и за други намени. Бидејќи ЧИНГЕЛАЌЕТО завршува на едниот крај со мала кукичка, ЧИНГЕЛЧЕ, сме помислувале дека можеби оттука произлегува именката ЧИНГЕЛАЌЕ. Се разбира со некакво мало видоизменување во самиот суфикс. Сме пребарувале во разни речници, но не сме успеале да го најдеме ни зборот ЧИНГЕЛ, ниту пак ЧИНГЕЛАЌЕ.

Се присеќаваме на еден одамнешен разговор меѓу две жени. Едната прилепчанка, а другата Србинка, но подолго време живеела во Прилеп. Србинката објаснува дека си сплетила неколку гарнитури. На прашањето, со што ги плетела, таа одговара дека ги плетела со ЧИНГЕЛАЈКА. Не знаеме како се вика ЧИНГЕЛАЌЕТО во Србија, но жената, најверојатно така го слушнала, така го воспримила и мисли дека така се вика – ЧИНГЕЛАЈКА. Ние, пак, си помисливме дека, можеби, тоа е правилното. Но, во ниеден речник и тоа не можевме да го најдеме.

Рековме дека не знаеме како се вика ЧИНГЕЛАЌЕТО во други краеви од Македонија. Но, сме биле уверени (погрешно) дека ЧИНГЕЛОТ насекаде е ЧИНГЕЛ. Ама, не било така.

Пред некое време прочитавме во еден дневен весник еден напис во кој беше спомната именката ЧЕНГЕЛ. Во почетокот не можевме да се присетиме што значи тој збор. Но, некако, од контекстот, сфативме дека станува збор за предметот што во Прилеп го викаме ЧИНГЕЛ. Помисливме дека можеби станува збор за техничка, печатна грешка. Воопшто не сме можеле и да претпоставиме дека ЧИНГЕЛОТ не е насекаде ЧИНГЕЛ. За секој случај, си рековме дека не е на одмет да провериме во Речникот. И, проверивме! Какво изненадување! Во Речникот го нема зборот ЧИНГЕЛ, но го има ЧЕНГЕЛ. Пребаравме и во Толковниот речник на Зозе Мургоски, и видовме дека и таму е регистриран зборот ЧЕНГЕЛ. И не само тоа! Го има и зборот ЧЕНГЕЛАТА. За тој збор има објаснување дека е тоа игла за плетење, со еден забец. Објаснето е и тоа дека  двата збора (ЧЕНГЕЛ и ЧЕНГЕЛАТА) имаат турско потекло. Значи, оправдан бил сомнежот дека зборот ЧИНГЕЛАЌЕ е добиен по некој погрешен пат. Ете, го пронајдовме вистинското име на таа плетачка игла.

Ако се некои ореви многу костенливи, тешко им се вади јатката, се вели дека со ЧИНГЕЛАЌЕ треба да ги вадиш. Значи, многу тешко и долго треба да се вадат.

Ете, многу тешко и по долго време му го најдовме вистинското име на ЧИНГЕЛАЌЕТО! Тоа е ЧЕНГЕЛАТА. Добиено не од ЧИНГЕЛ, туку од ЧЕНГЕЛ.

 

Loading