ЗАПРЕНО НАВАЛУВАЊЕТО НА СААТОТ

Заврши санацијата на навалувањето на Градскиот саат. За министерот за култура Елизабета Канческа – Милевска и градоначалникот Марјан Ристески, ова е значајна инвестиција.

– Прилепчани се емотивно поврзани за Саат кулата. Наша грижа е и во иднина да го зачувуваме културното наследство. Инвестицијата е пет милиони денари, три се од Министерството, а два од општината. Паралелно ќе се оспособува механизмот за отчукување. Ќе има и електрично осветлување. Со градоначалникот разговаравме и за зафати за зачувување на фасадите во старата чаршија – изјави Канческа – Милевска.

Градоначалникот Марјан Ристески најави уредување на околниот  простор.

– Градскиот саат е срцето и душата на градот. Ќе се уреди просторот, а потоа ќе се поплочи туристичката улица. Претстои комплетно уредување на уличките низ чаршијата и средување на фасадите на дуќаните – изјави Ристески.

За Завод и Музеј, проектот е градителски потфат на столетието.

– Втор објект е во Европа што е стабилизиран на овој начин. Со изложба на постери ќе ја раскажеме приказната за стабилизацијата на кулата – вели директорката Гордана Д.Спироска.

Саатот е висок над 38 метри и е изграден во 1858 година.

Loading