ЕДНИНА ЈАБОЛКО – МНОЖИНА ЈАБОЛКА

Новинарите многупати имаат обичај да прават прошетки низ пазарите, да се интересираат за снабденоста и, особено за цените на производите. Шетајќи меѓу продавачите, влегуваат и во разговор со нив. Слушавме така еден разговор на еден скопски пазар. Од продавачите што не ќе чуеме! Зборуваат тие за ПОМАРАНЏИ, за ОРАСИ, за ЈАБУКИ и за што уште не. Еден новинар не информира за цените на разни артикли, но се чувствува дека има негативно мислење за висината на тие цени. Најмногу го буни високата цена на ЈАБОЛКАТА. Тој вели: “Замислете ЈАБОЛКАТА, онаа нашата ЈАБОЛКА”. Според него, еднинската форма на тој убав плод е ЈАБОЛКА, а множината е ЈАБОЛКИ. Значи една ЈАБОЛКА и повеќе ЈАБОЛКИ. Добро е, тој сепак не вели ЈАБУКИ, како продавачите, но како може да не знае дека таа именка во македонскиот јазик е од среден род – ЈАБОЛКО. Едно е ЈАБОЛКО, а повеќето се ЈАБОЛКА ,а не ЈАБОЛКИ. Именките од среден род можат да завршуваат на О или на Е – ЛЕТО, ЦЕДИЛО, ВРЕТЕНО (о) и ПОЛЕ, ЛИЦЕ, ЛОЗЈЕ (е). Во множината, именките на О имаат наставка – А. ВРЕТЕНО – ВРЕТЕНА, ЦЕДИЛО – ЦЕДИЛА, ЈАБОЛКО – ЈАБОЛКА. Кај некои од именките што завршуваат на – О, се среќаваат и форми од збирна множина – КРИЛО – КРИЛА, КРИЛЈА, но сега тоа не не интересира. Важно е дека именката ЈАБОЛКО е од среден род, а множинската форма гласи ЈАБОЛКА.

Една новинарка, од друга телевизија, исто така не информираше за цените на пазарот. Вели дека цените на ЈАТКАСТИТЕ производи се движеле од толку до толку.И таа прави грешка, што не треба да ја прави. Тоа правило треба да í биде јасно. Придавката (како што ја употребува новинарката) ЈАТКАСТ е добиена од именката ЈАТКА. Но, во таквите случаи наставката не е – АСТ (како во српскиот јазик), туку – ЕСТ. Затоа, не треба ЈАТКАСТ, туку ЈАТКЕСТ (јаткести), како што се – ВЛАКНЕСТ, ШИЛЕСТ, ТРКАЛЕСТ, БРАДЕСТ и така натаму. Слични грешки се прават и кај придавките изведени од придавки. На пример од придавката ЦРВЕН мнозина велат ЦРВЕНКАСТ, а треба ЦРВЕНИКАВ, од ШАРЕНО – ШАРЕНИКАВ, а не ШАРЕНКАСТ и слично. Да повториме уште еднаш дека наставката АСТ е српска а нашата е – ЕСТ, ЈАТКА – ЈАТКЕСТ (јаткести).

Пред некое време пишувавме за придавката ВЕЛИЧЕСТВЕН која мнозина ја пишуваат и ја изговараат ВЕЛИЧЕНСТВЕН, со – Н во средината. Еве, сега слушнавме една слична грешка. Слушнавме дека се одржала БОЖЕНСТВЕНА литургија. Што е тоа што ги тера луѓето, особено новинарите да ги прават ваквите грешки, да го вметнуваат – Н во средината на зборот, а тоа е сосема непотребно и нелогично. А тоа е толку едноставно. Именката не е БОЖЕНСТВО, туку БОЖЕСТВО. Нема место и нема никаква потреба да се пишува – Н. Не му е тука местото. Во истата емисија слушнавме и РОЖДЕНСТВО Христово. Зошто да е РОЖДЕНСТВО? Па тоа е РОЖДЕСТВО Христово. Во црковната терминологија се употребуваат и вакви зборови, старословенски. А на старословенски тој збор гласи токму така РОЖДᶀСТВО, што значи РАЃАЊЕ ХРИСТОВО.

На една телевизија се врти реклама во врска со земјоделството, со субвенциите. Се појавува еден задоволен земјоделец. Меѓу другото, одгледувал и крави. Работата убаво му тргнала и, како што вели, ги ЗГОЛЕМИЛ КРАВИТЕ. Ниту актерот што го зборува текстот, ниту тој што го напишал не се сетиле дека прават грешка. Ако му тргнала убаво работата тој можел да го зголеми бројот на кравите, а не да ги зголеми кравите. Вака излегува дека од субвенциите, кравите станале поголеми.

Ајде, да ги споменеме и џимиринките. Во еден дневен весник ги прочитавме како ЧВАРКИ. Се разбира, запржени во Скопје, а тука влезени од Србија. Во македонскиот јазик тоа се ЏИМИРИНКИ или (понекаде ги викаат) ПРШКИ, бидејќи се добиваат со пржење на месото.

Благоја Ивчески

Loading