ПУТЕРОТ Е ПАТАР

Пред многу години, повеќе од 65, го минувавме, со родителите, патот меѓу селата Тројаци и Беловодица. Сретнавме еден човек, со лопата во рацете, како работи нешто. Старите се поздравија, разменија неколку реченици и продолживме. На прашањето, кој е човекот, одговорија дека тој бил Тоде ПУТАРОТ. Тој работел на одржување на патот.

Таквата служба (одржување на патот) најверојатно била воведена за времето на Кралството Југославија. Тогаш, Македонија беше Јужна Србија, а службениот јазик беше српски. Нашите луѓе си зборуваа како што си зборуваа. Но, ваквите, новосоздадени зборови (путар) ги прифаќаа како што ги слушаа. Не можеа и не знаеја да го бараат потеклото на зборот. Не размислуваа дека тој збор е изведен од именката ПАТ, кој на српски гласи ПУТ, па оттука – ПУТАР.   Еве и сега, по толку години, по навика, се употребува зборот ПУТАР. Сега, кога нашиот јазик е веќе одамна кодифициран и кога се знае дека постојат многу именки изведени од именки, со наставка – АР: ЗАБ – ЗАБАР, БРОД – БРОДАР, КОЊ – КОЊАР, ВРАТА – ВРАТАР и многу други. Според тоа и од именката ПАТ треба да биде ПАТАР. Но…

Неодамна патувавме за Скопје со кола. Возеше пријателот. Некаде во Тиквешкиот регион почна да ја намалува брзината и застана. Отспротива, доаѓа човек, во портокалова униформа. Поразговараа кратко и продолживме. Го прашуваме пријателот кој беше човекот! Одговори дека му бил роднина, внук.

– А што работи? – го прашавме. – Ене, носи некаква униформа?

– Тој е ПУТАР, – одговара пријателот.

– Што, што? – препрашуваме.

– ПУТАР , ПУТАР ! Работи на одржување на патот.

Не прокоментиравме ништо. Размислувавме, зошто е ова вака. Зошто не се употребува нашиот збор ПАТАР. А сме го слушале и од други луѓе. Единствено, како што останал во меморијата од некогаш, се употребува и сега. Зошто?

Едно време, пријателот пак почна да ја намалува брзината. Веќе сме наближале до првата наплатна рампа. Тој буричка по џебовите, бара пари и вели:

– Ќе треба да платиме ПАТАРИНА.

– Ќе треба, – одговараме. – Штом го минуваме ПАТОТ, ќе платиме ПАТАРИНА.

Зборот ПАТАРИНА е, така да се рече, новововеден. Порано, на нашите патишта, немаше такво нешто. Но, сега никој не вели ПУТАРИНА, туку ПАТАРИНА. Така го слушнале зборот и така го употребуваат. А ете, ПАТАРОТ се уште мнозина го викаат ПУТАР.

Меѓу другото, што забележавме на наплатната рампа. Испишани телефонски броеви на определени институции. Убаво. Им помага тоа на патниците. На едно место, испишан број и под него: ПОМОШ НА ПАТ. Редовна и веќе загрижувачка грешка. Испуштање на членот. Наместо да стои – ПОМОШ НА ПАТОТ, тоа, пак според скопскиот говор, напишано – ПОМОШ НА ПАТ. Како безброј вакви грешки, диктирани од скопскиот говор. И во Прилеп, во една продавница прочитавме дека продавачите биле овластени да ја прегледаат торбата на потрошувачот кога ќе дојдел ПРЕД КАСА, наместо ПРЕД КАСАТА. Продавницата е скопска, јасно е дека и текстот е напишан во Скопје.

Во една друга голема продавница (и таа скопска) забележавме интересна работа. Таму, касиерките за придвижување на артиклите до касата, користат едни интересни летвички, убаво украсени со амблемот на мобилниот оператор –  ВИП. Се разбира, летвичката има рекламен карактер, но на неа е испишана и една порака. Пишува: “НАДОПОЛНЕТЕ го својот телефон”. Ни падна в очи глаголот НАДОПОЛНЕТЕ го. Се присетивме дека ова сме го слушале (се разбира погрешно) и во Парламентот. Многумина и многупати велат дека дневниот ред требало да се НАДОПОЛНИ.

Да се ДОПОЛНИ и да се НАДОПОЛНИ, не е исто. Телефонот ако е испразнет може да се ДОПОЛНИ. А ако е нешто испуштено во дневниот ред, исто така, може да се ДОПОЛНИ, а не да се НАДОПОЛНИ. Да се НАДОПОЛНИ, значи нешто да се НАДОМЕСТИ, што би рекле Србите, да се НАДОКНАДИ.

Значи, НАДОПОЛНУВАЊЕ е НАДОМЕСТОК, а не ДОПОЛНУВАЊЕ.

Благоја Ивчески

Loading