БИБЛИОТЕКАТА ЌЕ БИДЕ ГРАДСКА ГОРДОСТ

Петар Петрески, директор на ГБ “Борка Талески”

“Библиотеката уште поинтензивно ќе го продолжи нагорниот óд, ќе ја продолжи развојната политика, со цел, комплетно да се трансформира во современ библиотечен, информациски и едукативен центар и културна жижа на градското живеење”.

Ова меѓу другото го вели Петар Петрески, директор на Библиотеката “Борка Талески”, потенцирајќи дека установата ќе биде градска гордост.

– Ако досега успеавме да извршиме темелни промени во начинот на работењето, тука, пред сé, со воведувањето на компјутерскиот систем КОБИСС, кој ни овозможува електронска обработка на библиотечниот материјал, ако почнавме со примена на електронското пребарување на библиотечниот материјал, во наредниот период ќе почнеме со втората фаза, имплементација на електронското издавање на книжниот фонд. Со воведувањето на членската електронска картичка, целокупната постапка што сега се изведува рачно набргу сето тоа ќе го прави компјутерскиот систем. Корисниците ќе добијат побрза, поедноставна и посовремена услуга, а ние ќе имаме поефикасна контрола и далеку поквалитетна евиденција на движењето на издадениот библиотечен материјал. Годинава преку дигитализацијата на сопствените изданија, како и на одредени изданија, чии  авторски права се изминати, ќе направиме нов пробив на ова поле. Читателите ќе имаат можност и на компјутер да читаат книга од библиотеката – вели директорот.

Тој посочува дека сработеното досега, со обнова на повеќе оддели, докомплетирањето на интернет клубот со нови компјутери, реконструкцијата на санитарните јазли, реновирање на подрачните библиотеки во Тополчани и Варош, со замена на стариот мебел со нов, не завршува, туку за неколку дена, со финансиска помош на општината ќе започне темелно реновирање на големата читална и нејзино трансформирање во модерна мултимедијална сала од конгресен тип.

– Во салата ќе се одржуваат најразлични манифестации, трибини, семинари, промоции. Идејата е, покрај културниот аспект, просторот да функционира и на комерцијална основа, за да обезбедиме дополнителни средства и да ја зајакнеме уште повеќе културната мисија – да биде вистински културен и информациски сервис – додава Петрески.

Библиотеката ќе го задржи континуитетот во издаваштвото.

– За два месеца ќе излезе од печат книгата од античкиот автор Прокопиј од Кајсареа “За градбите на царот наш, Јустинијан”, во превод од латински на македонски од сограѓанинот Миле Богески. Во завршна фаза е  монографијата за семејните библиотеки, во која ќе бидат презентирани најбогатите и најинтересните приватни библиотеки на прилепчани, со бројки, фотографии, преданија. Автори се Петрески и вишиот библиотекар Магда Василеска. Во соработка со Друштвото на хрватските писатели од Риека во подготовка се две поетски книги – антологии. Едната, што ќе ја издаде Библиотеката, ќе претстави на македонски јазик 15 поети од Риека, а другата, што ќе излезе во Риека на хрватски јазик, ќе претстави 15 прилепски поети. На овој начин ја пропагираме нашата култура и прилепското поетско творештво и надвор од нашите граници – потенцира Петрески.

На лето е планирано издавање на книгата “Поетско Маркукуле 2012”,  поетски зборник на песни од сите учесници кои настапија ланската година, како и одржување на манифстацијата, која предизвикува големо внимание.

– Поетското Маркукуле има мултимедијален карактер, бидејќи, покрај поетите, учествуваат и ликовни и музички уметници од градот и пошироко, со што се збогатува културната понуда и се оплеменува уште повеќе поетскиот збор. Ќ е издадеме и библиографија, подготвена од вишите библиотекари Благица Илијоска, Марија Пажеска и Каролина Крстеска. Со набавката на голем број книги, како од сопствени извори, така и од донациите на Владата, се намалува слободниот магацински простор. Затоа ќе го фокусираме интересирањето кон неговото решавање. Продолжуваат традиционалните манифестации како што се општинските натпревари за најдобра лична творба и најдобар рецитатор и натпреварот за најдобар млад библиотекар. Ќе организираме и општински натпревар на млади оратори – завршува Петрески.

Германската амбасада  подари книги

Донација од околу 250 наслови белетристика, лексикони, речници, стручна литература, сликовници, учебници по германски јазик, доби Библиотеката од Германската амбасада. Лично свои книги подари и амбасадорката Гудрун Штајнакер.

– Се надевам читателите ќе ги прочитаат, дека ќе го продлабочат знаењето на германскиот јазик – изјави амбасадорката, потенцирајќи ја добрата соработка со нашата институција.

Во одделот за странска литература книги има на руски, италијански, француски и на други јазици.

 

Loading