БАЈКА ОД РАЦЕТЕ НА ДЕКОРАТОРОТ РУБИН

“БАЛОН – ЕКСПОЛОЗИЈА” СО 100 МАЛИ БАЛОНЧИЊА, ЧОКОЛАДНА ФОНТАНА, ОГНЕНИ ДЕКОРАЦИИ ЈА ПРАВАТ СЕМЕЈНАТА РАДОСТ ВЕЛИЧЕСТВЕНА И ВЕЧНО НЕЗАБОРАВНА

До пред шест години “лебдел” без конкретен ангажман, кога одненадеж му светнало дека во градов нема ниту една специјализирана продавница за аранжирање и декорација на свадби, крштевки и други прослави. Наместо луѓето да шетаат по цвеќарници, сами да ја уредуваат салата, бовчите, автомобилот за невестата и на крај – краишта, пак сето да биде аматерски изведено, Рубин се носел со идејата сето тоа да го крене на повисоко ниво и да ја спастри свадбата, сите да уживаат во неа, да може да ја гледаат снимката по неколкупати со задоволство, па и идните поколенија да се чудат на веселбата, изведена на уникатен и атрактивен начин.

– Ни на крај паметот не ми беше дека со ова образование ќе  бидам мајстор за церемонии за свадби и крштевки. Секогаш кога ќе појдев на свадба, гледав дека секоја изгледа исто, како јајце со јајце, здодевно, еднолично и без новини. Видов дека времето е дојдено луѓето да уживаат во својата свеченост, место да трчаат на сите страни до последна минута и аир да не видат од свадбата. Прв почнав со овој бизнис и задоволен сум. Само иритира тоа што после мене се јавија многу плагијатори, кои не ги знаат техниките, ниту пак ги бидува. После ми се жалат дека многу сум ја држел цената висока. Сепак, муштериите го препознаваат квалитетот и немам проблем – кажува инвентивниот Рубин.

Широк асортиман на специјални ефекти

“Балон – експлозија”, машина за меурчиња и машина за чад се само дел од специјалните ефекти што Цветаноски ги подготвува за младенците и за изненадување на гостите.

– “Балон – експлозија” е еден балон што има 100 мали балончиња кои при влезот на младенците пука и предизвикува дожд од балони. Комбинацијата со машината за меурчиња им ја олеснува работата на фотографите, зашто не мора да користат фотошоп за разубавување на сликите. На првиот валцер на младоженците, ја пуштаме машината за чад, и се создава магла во висина на глуждовите, па тоа í дава уште еден сегмент за свадбата да биде како од приказните. За време на свеченоста една од поголемите атракции е чоколадната фонтана. Таа не е само украс, туку е опкружена со овошје и кога ќе се релаксираат гостите, можат да уживаат во јагоди со чоколадо, директно од “непресушниот извор” – објаснува 43 годишниот Цветаноски.

Пакувањето – деловна тајна

Друг марифет што го знае Рубин, а не го кажува како се прави е пакувањето во балон. Тоа го видел во Италија и се заинтересирал да го научи. Во голем балон се пакуваат мечиња, играчки, вино или што ќе посака муштеријата.

Покрај тоа, Рубин знае да запакува подарок во форма на шише, чаша, бонбона и т.н. Си ја знае работата и вели дека украсениот подарок е многу поубав, ако муштеријата му каже што сака, отколку да навлегува во детали и да му објаснува чекор по чекор, како сака да изгледа крајниот производ. Можеби најпознат е по балоните, исполнети со хелиум, што лебдат во воздух и се доста популарни кај младите. Тие му се најдобри муштерии, оти не се мешаат ни во правењето, ни во цената. Возрасните секогаш бараат да се сметне пониско, што пак влијае на квалитетот.

Тој е уметник и со балони, зашто знае да ги витка и од нив да прави разни креации. И за тоа треба ука, не може секој да ги обликува, па затоа учел на саем во Белград, од мајстори на марифетлакот од САД.

“Како нема уште еден Валентин”

Токму за денот на вљубените, Рубин имал полни раце работа. Младите не жалат пари да ја изненадат симпатијата со некој подарок, мајсторски спакуван во форма што ја одбрале. Најчесто тогаш се продаваат мечиња со натпис “Те сакам”.

– Голема радост и скоро шок, имаше кога на девојчињата ќе им доставевме пакуван подарок од таен обожавател за Валентин. Девојчињата превртуваа очи и веднаш почнуваа да размислуваат од кого ли е подарокот. Ама нас ни е кажана само адресата и што треба да доставиме, па ги оставаме да мечтаат и да се прашуваат. Ми остана во сеќавање, случка кога на мајка со ќерка во Англија í доставивме букет цвеќиња, нарачан преку Фејсбук од “Англичанката”. Жената буквално се расплака од радост. Не í беше јасно како е можно, ќерката од Англија да í испрати цвеќе за нејзиниот роденден – се сеќава Рубин на не толку далечниот празник, за кој посакува да биде барем двапати годишно.

Нетипичен машки занает

Креативноста, изработката, постојаното следење нови трендови и држењето еден чекор понапред од конкуренцијата на Рубин не му остава многу време за контактирање и преговарање со муштериите за свадби и крштевки. Тоа го остава на сопругата Изабела, која е во улога на комерцијалист во бизнисот.

– Кога ќе дојдат купувачите по бидермаер или подговен украс за автомобил, секогаш го бараат “девојчето” со кого разговарале по телефон. Постојано се трудам да им објаснам дека јас ги изработувам, ама тие секогаш со сомневање ме гледаат и очекуваат да се појави сопругата. Понекогаш морам пред нивни очи да го изработам бидермаерот или бовчата, да се уверат дека и маж може да го сработи ова – заврши Рубин, додавајќи дека работата одзема многу време и сî се работи рачно, но за него е релаксација.    

Украсувањето поскапо од подарокот

– Често се случува, млади да дојдат со ефтин подарок – ЦД, кадифено мече или слично, кое го платиле под 100 денари и од мене бараат да им го спакувам во амбалажа која ќе ги чини двојно, ако не и тројно од подарокот. Ме радува што сакаат да ја даруваат саканата личност со нешто што би имало “потпис” на дарувачот, а не само да го дадат подарокот како што е купен – вели Цветаноски. 

Loading