НОВИ ЧЕКОРИ ЗА ПОЛЕСЕН СОЦИЈАЛЕН ЖИВОТ

Снежана Јованоска, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа

Многу скоро исплатата на правата ќе се врши на трансакциски сметки

            За социјално загрозените семејства, постојано се преземаат чекори со кои ќе им се олесни животот и ќе им се подобри социјалниот статус во услови на загрозен животен стандард. Какви новини може да се очекуваат на ова поле?

            – Покрај постојните права кои граѓаните на Прилеп, Долнени и Кривогаштани ги остваруват по Законите за социјална заштита, во 2010 година се измени законската регулатива, со што се воведоа нови права од областа на социјалната заштита. Се воведе правото на субвенции за енергетска потрошувачка и условени парични давања за децата на корисниците на социјална парична помош и на постојана парична помош со што беа опфатени поголем број корисници. Понатаму, од јули 2007 г. континуирано работи народната кујна за 102 корисници кои услугата ја добиваат во ЈУ Дом за стари лица Киро Крстески – Платник. Со обновата на барањата од октомври 2011 г., се имплементира нова спил програма за внесување на сите податоци на корисниците на социјалната парична помош,  на правото на помош и нега од друго лице, како и другите права, со што воведуваме нов начин на ажурирање на податоците. Така се создадоа услови за отстранување на субјективност и злоупотреби на одреден број граѓани на користење на повеќе права. Крајната цел е да се воведе транспарентност и законитост во трошењето на буџетските средства, односно средствата за социјална парична помош да ги добијат поединците и семејствата кои се нашле во положба од социјален ризик. Измена ќе има и во однос на начинот на исплатата. За скоро исплатата ќе се врши на трансакциски сметки. Деновиве Министерството за труд и социјална политика најави промена на висината на правото на субвенции за енергетска потрошувачка од 600 на 700 денари месечно за секоја платена сметка. Ова е само мал сегмент од измените, направени во изминатиов период.

            Законските измени бараат и преструктуирање. Како успевате да бидете подостапен и ефикасен сервис за граѓаните?

            – Има други измени во прераспоредувањето на стручните работници со точно распределени категории и проблематика како и точна сегрегација на работните задачи со цел поефикасно работење. Граѓаните побрзо и поцелосно ги добиваат услугите во институцијата. Во 2012 год. првпат се воведе и лиценцирање на стручните работници во установите од областа на социјалната заштита, а во нашиот Центар за социјална работа во моментов 25 стручни работници се лиценцирани.

            Се покажа во изминатиот период дека посвојувањето има слаби страни и не е исклучен човечкиот фактор? Има ли напредок во регулирањето на овој суптилен однос за засегнатите страни – посвоеници и посвоители?

            – Покрај измените во Законот за социјална заштита, се смени Законот за семејство. Во соработка со Заводот за унапредување на социјалните дејности, изготвени се критериуми за поблиско избирање на потенцијалните згрижувачки семејства и потенцијални посвоители. Критериумите се потребни за пообјективно избирање на семејствата. Стручните тимови имаат механизам и алатки за избирање на психофизички здрави и стабилни семејства, како и семејствата на идните посвоители. Ова во прилог на тоа што на Центрите за социјална работа, како една од важните функции, им е старателството, односно водењето активности за најдобрите интереси на малолетните деца без родители и родителска грижа преку обезбедување најсоодветни форми на заштита како што се сместување во згрижувачко семејство и посвојувањето. Во овој момент последните измени во Законот за семејство,  каде се регулира посвојувањето, придонесуват сите потецијални посвоители и потенцијални посвоеници да бидат во иста ситуација, односно субјективниот фактор е сведен на минимум.

            БЕСПЛАТНО НА ЛЕТЕН ОДМОР

            Прв пат годинава децата од социјално загрозените семејства ќе  летуваат бесплатно?

            – Во тек е повикот за бесплатно летување по 7 дена за децата на корисниците на социјална парична помош, на постојаната парична помош и на посебниот додаток, а кои се редовни ученици од 5 до 8 одделение. Корисниците треба да дојдат во Центарот за социјална работа и со потврда дека нивните деца се редовни ученици. Со доаѓањето ќе потполнат барање и тоа најдоцна до 21 јуни 2012 год. После приемот, сите доставени барања ќе бидат пропратени до Министерството за труд и социјална политика каде ќе се изготвува листата на деца кои ќе летуват бесплатно. 

Loading