ЛИПИТЕ МЕСТО УКРАС – РЕШЕТО

Десетици крошни се унакажани од вандлскиот однос на берачите на липов цвет

            Липите цветаат. Време им е! Се шири пријатниот мирис, а жолтите цветови како смил, често ветрот знае да ги понесе со себе, па како златна прашина ги покриваат тротоарите и улиците. Липите се благодет во овие пеколни температури. Нивните уредени крошни се не само вистински декор, туку и спас од жештините во овие тропски денови. Но, наспроти ова, деновиве во градов се прави вистиснки ршум врз липините дрвореди. Липите се нападнати од вандали , кои ги уништуваат, ги  кинат лисјата и ги кршат гранките. Некои се толку ошутени, што крошните се изобличиле и личат небаре на бостански плашила и постои опасност да се исушат. А за вегетирање на липите се потребни децении. Голем број граѓани, понесени само од економскиот бенефит и за ситен личен профит, речиси ѕверски се однесуваат и ги искасапија липите. Неодговорноста оди дотаму што наместо да го берат само цветот, тие “туркаат” цели гранки. Некои наоружани со ножеви, сатари, српови и секири, без качување на стеблата, ги нагрдуваат липите. Бесрамно ги соблекуваат не само од миризливото руво, туку им ги “кршат коските” и сечат цели гранки и полнат вреќи со липови цветови.  Некои ја усовршиле “техниката” на берење. Направиле матикуле, алат за сечење на гранките. На долг стап поставиле секач кој го активираат со помош на јаже. Принцип кој го користат и кројачите на јаболка и праски, но тоа тие го прават за доброто на растението односно за успешен плод.

            Се бере и ноќе и дење

            Берачите на липа ги има речиси насекаде и во секое време. Не се кријат, ниту ноќе, ниту дење. Дрски се не само во периферијата, туку и во центарот. Дрворедите пред ЦК “Марко Цепенков” се мета. Не се плашат ниту од минувачите, кои ги критикуваат и им се закануваат со полиција. Пустош на крошните на липите е направен и на дрворедот од улицата “Борис Кидрич”.

            Граѓаните се револтирани.

            – Не се свесни, дека за некој денар ги уништуваат белите дробови и природниот чадор на градов. Од сон ме разбудија. Се обесиле на дрвјата како мајмуни и берат, ли берат. Ниту се плашат, ниту око им трепнува – вели револтиран сограѓанин.

            Според еден сопственик на дуќан на Булеварот, делото го вршат десетина души ноќе. Сметајќи дека се нарушува изгледот на улицата, влегол во вербална расправија. А групата се бранела дека им требаат гранките и лисјата да ги продаваат за чај. Сопственикот пријавил во полиција. Му рекле дека не се надлежни и го упатиле на комуналната инспекција. Резигнирано, дуќанџијата прашува кој е одговорен за чување на стариот дрворед, бидејќи само во неговиот видокруг се огрдени пет липи, а никој не реагирал досега.

            Инспекторатот при локалната самоуправа е согласен дека постојат казни за уништувачите на дрвјата, но тешка е можноста да ги регистрираат сите случаи и соодветно да ги казнат.

            Немоќни се и комуналците. И чистачите, додека ги метат улиците, “војна” водат со берачите на липите, кои се јазат по дрвјата. А да не зборуваме колкав проблем им претставуваат искинатите и уништени лисја и исфрлени гранчиња. Инаку, во рамките на Програмата за годишно одржување на дрворедите, комуналците редовно вршат кроење на крошните, ги варосуваат, дури и стеблата за да се заштитат од инсекти и да имаат подобар естетски изглед.

            – Годишно ги кроиме дрвјата. Имаме неколку стотина липови садници низ центарот. Берачите прават непроценлива штета – велат од “Комуналец”.

            Инаку, липите во градов ќе останат врзани како спомен за името на Илија Рочески – Роче, агрономот кој во далечните 70-ти години ги засади од двете страни на булеварот во центарот на градот. Неговата идеја беше да се даде живот на Прилеп, кој стана град на липите како виенескиот парк Пратер.

            Возрасните велат со секое посадено дрвце, сте подариле живот и здравје. А со секое сечење и уништување, сте посегнале по срцето и душата на градот.

            КИЛОГРАМ ЦВЕТ ЛИПА 160 ДЕНАРИ

            Неколку откупни фирми за лековити растенија и плодови откупуваат липов цвет. Цената е 160 денари за килограм цвет.

            – Откупот на цветот е легален и регулиран со закон бидејќи цветот се користи за фармацевстката и козметичката индустрија. Најчесто берачите ги носат во вреќи. Не можеме и не навлагуваме во начинот и местото каде тие го берат цветот – велат од дел од отпуните пунктови.

            Берачите не коментираат, туку велат дека интересот им се единствен мотив.

            Чајот од липа ја чисти крвта

            Липата е листопадно дрво, високо до 30 метри. Листовите на липата имаат долга дршка и се зашилени, цветовите се жолтеникаво-бели, со многу пријатен мирис. Липата цвета во јуни и јули, а се бере кога ќе расцвета 2/3 од цветот. Има повеќе видови липа, од кои најзначајни се сребрено лисната, крупно лисната и ситнолисната  липа. Липата расте во планините, а луѓето често ја садат  покрај патиштата.

            Лековит дел е цветот со лисјата. Се бере само цветот, веднаш по расцутувањето. Се сушат во сенка, во просторија со провев. Цветовите од липата се користат за лечење на настинки и респираторни нарушувања. Липовиот чај најчесто се користи при потење, грчеви и болка. Лековит е и против настинки, кашлица и хронична дијареа и изгореници и рани. Се препорачува во третман на хронична кашлица, болка при мокрењето, замор и нервна напнатост. Липата ја чисти крвта. 

Loading