Локалните даноци преку интернет и СМС

Бошко Талески, раководител на Одделението за администрирање на приходи

Граѓаните се совесни и ги подмируваат обврските, за што сведочи наплата од 93 отсто на даваките

Кампања за слабите градски даночни точки

Со децентрализацијата, сите општини се овластени да раководат со сопствените даноци. Одделението за администрирање на приходи е установата која се грижи секој денар од даноците на граѓаните да заврши на вистинското место. Од 2005-та година, раководител е Бошко Талески. Со вработените и волонтерите, е одговорен за прибирање на даноците од имот и приход, данокот од наследство и подарок, како и давачките за фирмарина и реклама. Зацртав промени на мануелното работење со предметите од новите технологии од сегашноства – започнува Талески.

Носечки даноци за локалната инфраструктура

Изработката на ГУП и со ДУП – ови, се Äрбетот на администрирањето на собраните средства од граѓанските давачки. Според нив, во соработка со раководителот на секторот за финансии Драге Ѕвездакоски и градоначалникот Марјан Ристески, се изработува проекција за работење со средствата собрани по разни основи. Собраните пари од даночните обврзници се “лавовски дел” од општинскиот буџет, кој се дополнува со блок дотации од централната власт.

– Задоволен сум со ефикасноста на прибирање на даноците. Има малку граѓани со недоволно развиена совест. Лани стасавме до 93 отсто наплата од проекцијата. Дел зависи од фирмите, кои заминуваат во стечај. Затоа крајниот резултат може да флуктуира. Со намера да ги посоветуваме граѓаните од населбите со пониска наплата, се носиме со  идеја за кампања со т.н. истурени точки. Волонтерите ќе се среќаваат со граѓаните “тет – а – тет”, и ќе ги упатуваат како најлесно да одговорат на својата фискална должност – најави раководителот, кој дополни дека политиката на ниски даноци, а висока наплата успева во општинава.

Талески, кој секогаш се стреми кон подобрување на услугите на Одделението, откри дека Прилеп е меѓу неколкуте општини во Македонија која го имплементира “е-данокот” – моделот на наплата, со кој правното или физичко лице не се јавуваат во одделението, туку сиот процес го извршуваат од дома.

– Интернетот нуди големи можности, само е потребен малку напор да  се стави во корисна функција. Со Гоогле Еартх и со е-архивата, можно е Катастарот да издаде решение, без присуство на даночниот обврзник. Со интернетот и компјутерските програми, негуваме надеж дека целосно ќе ја исклучиме корупцијата. Порано се чекаше решение со месеци, а сега се добива во еден ден – кажува Талески.

Ретка принудна наплата

Покрај 11-те вработени, од голема помош се 40-тината волонтери. Во изминатиов период, тие извршиле целосна проценка на сите објекти во градов со помош на Централниот регистар и ревизија на недвижниот имот. Младите кадри со високо образование се пргави и лесно стекнуваат искуство.

Ги разбираме даночните обврзници. Но доколку не ги почитуваат роковите, претстои присилна наплата. Се трудиме да го избегнеме овој непопуларен метод. Ги упатуваме граѓаните на даночна дисциплина со соопштенија во медиумите, со трибини во месните заедници и со опомени. Граѓаните главно одовраат позитивно и се прилагодуваат на новите даночни обврски – изјави Талески.

Тој најави скорешна дистрибуција на новите решенија за данок на имот и други даночни обврски за граѓаните.

Првиот локален даночник најавува уште една новина во плаќањето на давачките. Подготвува плаќање на административните такси до илјада  денари преку телефонски СМС пораки. Мобилните оператори уште не се технички спремни за таков потфат, но и оваа можност наскоро ќе им биде достапна на граѓаните.

– Имаме одличната соработка со ЈП Комуналец и Водовод и Канализација. Со нив разменуваме податоци за недвижнините – заврши Талески.

,,Добродојдена,, грчка криза

– Економската криза која ја зафати Грција, позитивно влијаеше на нашите даночни обврзници. Преку медиумите, сфатија дека економијата и општеството не зависат од странска помош. Со јужниот сосед, разбраа дека финансиската дисциплина е клучна за опстанокот и развојот на државата, а во нашиот случај на градот. Со кризата, бележиме зголемена наплата на даночните облози – анализира Талески.

Loading