СО ПЕСНА ЌЕ СЕ ДОГРАДУВА ЦРКВАТА СВЕТА ПЕТКА

В недела во ЦК “Марко Цепенков”

Со купување на влезница за музичкиот концерт на кој ќе настапат врвни естрадни пејачи, прилепчани ќе помогнат да се доизгради црквата Света Петка во Точила. Хуманитарниот концерт ќе се одржи в недела во ЦК “Марко Цепенков” во 20 часот. Покрај иницијаторот на акцијата со песна да помогнеме да се изгради Света Петка, пејачката Елена Велеска, ќе настапат и други познати музички имиња и групи, а ќе има и модна ревија. Во “бекстејџот” ќе бидат познати фаци, глумци, ѕвезди. Граѓаните ќе може да донираат 100 денари и со телефонско јавување на броевите 077 143 111 и 075 143 250  или пак на жиро сметката 300020000340408 во Комерцијална банка.

– Сите средства ќе се искористат за доизградба на црквата, која по 100 години првпат се гради. Пејачите се откажуваат од хонорарите, салата се издава бесплатно, а во акцијата доброволно учествуваат како покровители и медиумите со цел сите заедно да се вклучиме во оваа музичка акција со песна да се доизгради храмот – вели градоначалникот Марјан Ристески.

Иницијативниот одбор информира дека по трите донаторски конференции, со собраните средства и материјали, завршена е бетонската конструкција на црквата, а сега ќе следи ѕидање и финиширање на градбата.

Неделниот весник “Зенит” е еден од медиумските покровители, а директен пренос ќе има на Канал 5 и Канал 5 плус, како и на локалната телевизија Визија.

Планирано е црквата да се освети кон крајот на годината.

Loading