Државата не кренала раце од прилепскиот гигант, иако е на стаклени нозе
Одложен и вториот обид само за еден месец да се одржи конечно закажаното акционерско собрание на Тутунскиот комбинат поради немање кворум. Тоа не е пречка за примена на конзистентни мерки, кои ги предлага Бордот на директори за ублажување на неповолната економска состојба и за спас од компанијата. Останува судбината на долгогодишниот загубар во државна сопственост пак во рацете на државата. Од владини извори дознаваме дека се очекува виза за претворање на побарувањата од 30 милиони евра во државен влог за спас на комбинатот и поддржша на предлог мерките на Тутунски за рехабилитација на компанијата. Со тоа претворање на обврските кон државата од околу 30 милиони евра во траен влог, државата ќе стане речиси комплетен сопственик и ќе може да преговара за продажба. Менаџерите покрај претворање на долговите во државен капитал предлагаат технолошки вишок со предвремено пензионирање, бидејќи повеќе од 150 вработени, а во наредните две години уште 226 вработени, се со старост преку 57 години за жени, односно 59 години за мажи. Бордот директори презема акција за намалување на цени на репроматеријалите и на суровините преку промена на најголемиот број на доставувачи со директна соработка со производителите и избегнување на посредниците. На тој начин би се намалиле цените за 15 отсто. Во Тутунски размислуваат за “Софт дрaj” технологија за ферментирање и можност за пакување во картонска амбалажа на тутунот, според барањата на потенцијалните купувачи. Тоа би било во согласност со зголемениот интерес за ориенталниот ферментиран тутун. Минималната инвестиција би изнесувала околу два милиони евра. Вложувањето би ги намалило трошоците за производството, би добиле конкурентен производ, баран на пазарот и повисока продажна цена. Инвестцијата би се вратила за три до пет години. Веќе започнатата имплементација на ЕРП решение е уште една мерка за консолидација на Тутунски. Со него ќе се овозможи прегледност во следењето на производствениот процес, увид во трошоците, попрецизно утврдување на производна цена итн. За софтверот да биде комлетно функционален, се почитуваат меѓународните сметководствени стандарди во финансиското работење. Освојувањето на нови пазари во силна конкуренција е поврзано со огромни трошоци за маркетинг, затоа се форсира лиценцно производство. Во таа насока потпишан е договор за неколку стотини тони цигари лиценцно производство за групацијата “Хонге хонге”, една од најголемите производители на цигари во Кина. Комбинатот склучил договори за лиценцно производство на цигарите за Та2. Паралено се зголемува пласманот на сопствените цигари. Инаку, при крај е откупот на тутунот од ланската реколта. Откупени се околу 2,5 милиони килограми тутун. Се планираат од тутунарите да се преземат уште 500 тони тутун. Просечната цена е приближно 170 денари.