СТУДЕНЧИЦА Е СТОЛБОТ НА ВОДОСНАБДУВАЊЕТО ЗА ПРИЛЕП

ИАКО СО НАМАЛЕНА ИЗДАШНОСТ НА ИЗВОРОТ

Екстремно ниските температури и намалената дарежливост на изворот Студенчица, предизвикаа нарушено водоснабдување. Иако од 1600 литри во секунда, издашноста се намали на 610л/с, и понатаму водата од Студенчица е единствениот извор за снабдување со вода за Прилеп. Студенчица е р’бетот и душата на водоснабдителниот систем за општинава. А со успешното менаџирање на ЈП Водовод и канализација и реализираниот проект на германската КФВ банка придонесе, со додаток од 80 л/с, односно со 110 л/с вода од Студенчица и со дополнителните 110 литри од бунарите, се успеваше населбите да се снабдат со вода за пиење. Недостигот најмногу се почувствува во високите зони, како Рид, Подкули, под Касарни, Тризла. Кога, едноставно, хидролошката состојба е неповолна и вода нема од Студенчица, вистинска умешност е да се задоволуваат потребите на училиштата, институциите. Затоа што во спротивно со ваквите услови Прилеп нема да имаше вода најмалку 4 месеци. Од вкупната издашност на изворот од 610 литри, за Прилеп доаѓаа само 80 литри, што заедно со 110-тте литри од бунарите не се доволни за потреби на 10 илјади жители. Екипите на ЈП Водовод и канализација направија напори со замена на пумпите да се извлече повеќе вода од бунарите за стабилизирање на снабдувањето на ниската зона. Спас за високите зони е поголема издашност на изворот и вклучувањето на 10 нови бунари од кои 100 литри со препумпна станица би ги снабдувале Ридот и Подкули со Варош. За реализација се потребни 50 милиони денари. Немаше потреба од цистерни за вода. Доколку процениме дека не можеме да постигнеме притисок во највисоките зони, тогаш ЈП Водовод и канализација до корисниците ќе доставува одредена количества на вода – вели Саше Николоски, директор на ЈП “ВиК”. Но менаџерскиот тим размислува и за наредните 50 години. Тоа  е одговорност кон граѓаните и стратегија за дополнителни алтернативни количества кои би се надополниле на оние од регионалниот водовод Студенчица, кој, за волја на вистината, го градеа прилепчани со сопствени средства. И понатаму како и досега Студенчица ќе остане незаменлив извор на водоснабдување. Издашноста на изворот, која е променлива, нé натера да изработиме студија за дополнителни количества вода со зафаќање на вода од акумулацијата Стрежево, на извориштата околу реката Црна, кај Бучин и Тројкрсти, акумулациите Белица и Градешница и други, како и можноста за користење на водата од Вештачкото езеро со можност за вклучување на пречистителната станица. Но, Студенчица е рÄбетот на водоснабдувањето – вели Сашо Николоски, директор на Водовод и канализација. Дополнително екипите на ЈП ВиК беа ангажирани околу санација на испуканите цевки од ниските температури и замена на замрзнатите водомери. Заменети биле над 350 водомери, а екипите излегле на терен на над 600 дефекти и проблеми во водоводната мрежа. Прилеп не должи ни денар кон ЈП Студенчица. Последната фактура од околу 1 милион денари била платена на 17 јануари.

Градоначалникот Марјан Ристески:

СО ВОДАТА НЕМА ПОЛИТИКА

– Им се заблагодарувам на нашите сограѓани кои ја препознаа политичката манипулација на СДСМ кој злоупотребувајќи го проблемот со водата сакаа да исполитизираат и да спечалат ефтини политички поени. Мојата препорака е не само до СДСМ, туку и до сите политички партии дека проблемот со водата и на системот Студенчица и на сите седум општини, не треба никогаш да се политизира, бидејќи најголема штета имаат граѓаните. Со оглед на малиот број граѓани, околу 50-тина, укажува на тоа дека дури и нивните членови не ја поддржаа идејата за политички штрајк со кој сакаа да го прикажат овој проблем уште поголем. Проблемот со водоснабдувањето е од природен карактер, бидејќи изворот е за дветретини намален. Ако има во нормални услови 1600 л/с, сега има 600 л/с. Бунарите со кои се фалат, се направени од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ со средства од Министерството за земјоделие кога актуелен министер беше Марјан Ѓорчев, а директор на Јавното водостопанско претпријатие беше Лепавцев. Продолжува континуитетот на оваа политичка гарнитура околу решавање на проблемот со водоснабдувањето. Успешна е реализацијата на проектот на КФВ банката вреден 10 милиони евра, со кој се намалија за повеќе од 20 насто загубите на водоснабдителниот систем. Водата е богатство на сите прилепчани без оглед на која политичка партија и припаѓаат. Сите треба да го зачуваме достоинството на граѓаните и на ЈП ВиК да му помогнеме подобро да се справи со кризата. Им благодарам на сите вработени и на менаџерскиот тим на ЈП ВИК кои со голема пожртвуваност успеваат да ги снабдат граѓаните со вода – вели градоначалникот Ристески.

ШАТОРО СЕ ТЕПА ЗА ВОДА ЗА ПРИЛЕП

Поранешниот градоначалник на Прилеп, Илија Димоски кој е член на управниот одбор на ЈП Студенчица, а е и познат како најголемиот поборник за вода и во минатото, понатаму се “тепа” за драгоцената течност за своите сограѓани. Гласно барам вода за Прилеп. Од тоа не отстапувам. Иако останатите општини, како Долнени, не плаќаат вода, Прилеп е редовен плаќач и ќе има вода. Постојано ќе се борам да се зголеми количеството вода – вели Илија Димоски – Шаторо.

50 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА МРЕЖА НОВИТЕ 10 БУНАРИ

Старите 17 бунари се со издашност од 100 до 140 литри вода во секунда. За вклучување на новите 10 бунари потребни се околу 50 милиони денари. Бунарите се издупчени, зашахтени, мрежата помеѓу нив е направена. Има проект со кој е аплицирано до Европска инвестициона банка за поставување на потисниот цевовод. Имаме најави дека проектот и апликацијата се успешно направени и мислам дека ќе биде еден од првите во Македонија  што ќе се реализира – вели Саше Николоски, директор на ВиК.

Loading