Таткова “белезица” за лимени профили

“Зоки 2006”

Со вложен труд, доаѓаат плодовите

Веќе шест години низ локалната бизнис заедница е препознатлива фирмата “Зоки 2006” на младиот сопственик Зоран Ангелески, кој еснафот го познава како Зоки Лим. Заедно со брат му Петар, профилираат пластифициран и поцинкуван лим, вршат промет и обработуваат топловалани и ладно валани лимови на модерни машини во сопствениот погон од 700 квадратни метри во дел од поранешните објекти на фабриката Партизан. Тоа се полуфабрикати, кои на современа технологија, им даваат форма и ги продаваат на фирми, специјализирани за покривање на куќи, згради и фабрички хали. Младиот студент на бизнис менаџмент Зоран вели дека фирмата пораснала на темелите на татковиот занает. Татко му Драган, кој бил келнер, го отворил патот, му го “дал” занаетот, а на децата останува да се трудат што повеќе и да го развиваат бизнисот. Раскажува дека на татко му повеќе му лежело железото, отколку угостителството. Стечајот на хотелот Липа бил пресуден и последен “удар”, за ориентација кон металот. Во домашната работилница произведувал метални огради и ги поставувал по нарачките на своите муштериите. Занаетот работен со љубов, со годините, го пренесол на своите потомци. Младите Зоран и Петар, со полно енергија го прифатиле предизвикот на подадената родителска рака и ги совладале тајните на занаетот. Стекнале “златна белезица”, која со напорен труд и целодневен ангажман, како и со визија, го надградиле до модерен погон и нов асортиман како што е производството на ребрасти или оформени пластифицирани и и поцинкувани лимови. Случајно влегов во овој бизнис со брат ми Петар. Имавме волја да работиме. Кога се вложува труд, тогаш не би требало да изостанат резултатите. Може само да се задоцнат, но доаѓаат плодовите на знаењето. Првин произведувавме мрежи за огради, но се префрливме на лимовите. Задоволни сме. Веќе располагаме со современа техника, ангажиравме десет вработени и постепено го освојуваме пазарот во градов и во околината, како што се Битола, Охрид, Кичево… – објаснува Зоран. Не се жали што “леб вади” со лимови, покрај острата конкуренција. Вели дека секој има оригинален стил да ги најде и да ги освои “симпатиите” на муштеријата. Понудата на квалитетен лим, зацврстен на средината и олуци од шест до осум метри, како и останатиот асортиман му  даваат за право да биде оптимист. Вложувањата не се мали. Ако се трудиш, има ефекти. Имаме и други идеи за развој за во иднина, но не би сакал да ги откривам, оти зависат од можностите и од околностите од пазарот – вели Зоран Ангелески, сопственикот на фирмата “Зоки 2006”.

Loading