СТУДОТ ЈА СКИНА ВОДАТА

Заради намаленото количество вода од Студенчица и заради ниските температури кои ги тераат граѓаните да ги остават славините отворени како превенција од замрзнување на водоводната мрежа, во повисоките делови од градот, како и во повеќекатниците во пониските зони, има пад на притисокот и нередовно водоснабдување. Со намалувањето на температурите, во Прилеп стигнуваат околу 80 литри во секунда од Регионалниот водовод Студенчица, додека од бунарите има 110 литри. Овие количества не се доволни, бидејќи граѓаните ги отвораат славините во домовите. Од ЈП Водовод и канализација велат дека регистрирале зголемена потрошувачка. Корисниците ќе добиваат вода во определени делови во текот на 24 часа. Населбата на Рид ќе добива вода од 10 до 16 часот, додека Варош, Тризла ќе добиваат вода од 16 до 22 часот навечер. Во останатиот дел од денот во зависност од расположливите количини можно е водоснабдувањето да варира – вели Сашо Николоски, директор на ЈП Водовод и канализација. Од ЈП апелираат, граѓаните дополнително да извршат изолирање на водомерните шахти и загревање на бањите со цел сите граѓани да добиваат редовно вода.

Loading