ДРН, ДРН ЈАРИНА

Многупати се случувало, особено како млади, кога пеевме некоја песна, определен број стихови да не знаеме што значат. И не само како млади. Им се случува тоа и на возрасните. Постои една песна –

“Качи се Димшо на чардак

да пиеш вино ракија,

да јадеш мезе сирење”…

Е, арно ама, Димшо се плаши да се качи. Се плаши да не го фателе ЈУРУЦИТЕ. Жените му одговараат:

“Јуруци не ни се дома

Јуруци ни се в планина,

да стрижат волна ЈАРИНА”…

Некои велат – “Да стрижат овци ЈАРИНА”, но правилно е – “Да стрижат волна јарина”.

Да расчистиме прво со ЈУРУЦИТЕ. Кои се тие луѓе? Тоа е изолирана турска заедница, со традиционални обичаи и архаичен јазик. Се занимаваат главно, со сточарство и затоа живеат номадски живот. ЈУРУК е претставник на една таква заедница. Значи, тоа се мажите на оние жени што го канат Димшо да се качи на чардак, зашто тие не биле дома. А каде биле? Биле в планина, да стрижат волна ЈАРИНА.

А дали сме се прашале некогаш што значи зборот ЈАРИНА? Сме разговарале со мнозина, сме прашале многу луѓе, дали знаат што значи тој збор. Повеќето одговараат дека не знаат што е тоа. А пак некои мислат дека се тоа ЈАРИЊА (мали кози).

Буквата (гласот) “Њ” во Прилеп, речиси, и не се употребува. Наместо јагниЊа, пилиЊа, прасиЊа, јариЊа во Прилеп се вели – јагниНа, пилиНа, прасиНа, јариНа. Речиси, сите мислат дека кога се пее песната и кога се споменува зборот ЈАРИНА, дека се мисли на ЈАРИЊА (јаренца). Но, не е така. Луѓето мислат дека Јуруците биле в планина да стрижат овци и ЈАРИЊА. Но, ЈАРИЊА не се стрижат. Некогаш, козите (оние што ги викавме диви) се стрижеа и косата се користеше за ткаење на покрови, дипли и мутави, нешто како денешниве теписи. Сега, не сме чуле некој да стриже кози. А јарињата никогаш не се стрижеле, зашто јарето е младо и нема таква коса која може да се стриже.

Тогаш, што значи зборот – ЈАРИНА? Повеќето од луѓето си го пеат или си ја слушаат песната, а не разбираат што значи.

Се знае дека овците се стрижат. Во некои краишта тоа се прави и двапати во годината. Е, волната што се добива од второто стрижење, се вика ЈАРИНА. Значи, во песната, Јуруците биле в планина да извршуваат повторно стрижење на овците. Да стрижат волна ЈАРИНА. Таа волна е помалку квалитетна. Помалку се добива од неа и е пократка. Понезгодна е за обработка. Најверојатно ја мешаат со другата, првоострижената волна. Стрижењето и обработката на ЈАРИНАТА се смета за не многу вредна работа. Затоа постои израз – “Дрн, дрн ЈАРИНА”. Ономатопејските зборови – ДРН, ДРН не сме сигурни дали доаѓаат од штракањето на ножиците при стрижењето или од понатамошната обработка. А сосем е јасно дека изразот “Дрн, дрн ЈАРИНА” означува некоја празна работа или преносно, некои празни разговори, нешто како “шандара-бандара”. Многу често луѓето го употребуваат изразот – “Дрн, дрн јарина”, а многу ретко го знаат вистинското значење. Некои, дури велат, – “Дрн, дрн јарина(ња) на висока планина”. И тоа покажува дека тоа дејство, стрижењето на таа не многу вредна работа, се извршува в планина. Таму е стоката. Таму стрижат Јуруците. Но не стрижат ЈАРИЊА (јаренца) туку стрижат волна – ЈАРИНА.

Ќе повториме дека со сите што сме разговарале, повеќето мислат дека станува збор за стрижење на ЈАРИЊА (јаренца). Ретки се тие што го знаат вистинското значење.

Да не должиме многу со објаснувања. Да не заличи сета работа на – “ДРН, ДРН ЈАРИНА”.

Благоја Ивчески

Loading